1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгорочни работни визи - спас за македонските превозници?

13 март 2026

Министерот за транспорт Александар Николоски најавува интензивни разговори со земји од ЕУ. Македонските превозници би добиле решение за проблемите со Шенген преку долгорочни работни визи.

Возач на камион стои за време на протестот на возачите на камиони и претставниците на транспортните синдикати поради прекините поврзани со новиот систем за влез и излез на Европската Унија, на граничниот премин Северна Македонија-Грција во Гевгелија, 26 јануари 2026 година.
Ќе се најде ли решение за македонските превозници кои транзитираат низ Шенген-зоната?Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Решението за проблемите на македонските превозници во Шенген-зоната најверојатно ќе биде воведување долгорочни работни визи, кои ќе обезбедат регулиран престој за сите превозници што влегуваат во Шенген-зоната, без разлика дали станува збор за камионски или автобуски превоз. Ова денеска (13.03) го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Што подразбираат долгите визи и зошто се потребни

Според него, Швајцарија веќе издава такви визи за македонските превозници, а Хрватска е во завршна фаза на законска процедура за усвојување на соодветни измени во хрватскиот Сабор.

„Работиме координирано со Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и со премиерот за да уште неколку држави воведат вакви визи за македонските превозници, што би значело целосно решение на проблемот“, изјави Николоски.

Секој четврток се одржуваат состаноци на техничко ниво за изнаоѓање на трајно решение, вели министерот Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Координативни состаноци со ЕУ и следни чекори

Секој четврток се одржуваат состаноци на техничко ниво за изнаоѓање на трајно решение.

„Откако на нашиот регионален притисок Европската комисија предвреме ја објави визната стратегија, секој четврток одржуваме состаноци со експерти од Македонија. За разлика од соседните држави, кои ова го користат за медиумски настапи, ние одбравме да работиме тивко, системски и со аргументи. Тоа е единствениот начин да дојдеме до стабилно решение. Апелирам да се фокусираме на нашите обврски, а што ќе прават Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина е нивна работа“, рече Николоски. 

Новиот систем во ЕУ стапува во сила во април, но за македонските превозници ќе биде одложен до крајот на септември. До тој рок, според министерот, треба да се пронајде трајно решение.

И премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека проблемот најверојатно ќе се надмине преку годишни визи со повеќекратен влез и излез од Шенген зоната. Тој потврди дека се во тек интензивни билатерални разговори со неколку земји членки на Европската Унија кои истовремено се дел од шенгенскиот простор.

Превозниците од Македонија и регионот неодамна ги блокираа граничните премини поради новиот систем за влез и излез од Европската Унија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми