1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија на пат кон претседателски систем?

Николаус Нојмајер
26 јануари 2023

Долготрајната политичка криза во земјата го направи претседателот Радев доминантна фигура во Бугарија. Во земјата има и такви кои посакуваат преструктурирање на државата со еден силен човек на врвот.

Бугарскиот претседател Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: Presseamt des Präsidenten

Понеделник 23 јануари – еден воен хеликоптер лета долж бугарско-турската граница. Во него се наоѓаат бугарскиот претседател Румен Радев и австрискиот канцелар Карл Нехамер. Радев го покани Нехамер, за гостинот сам да се увери во квалитетот на бугарската гранична контрола со надеж дека Австрија наскоро ќе се откаже од ветото за влез на Бугарија во Шенген зоната.

Сликата со хеликоптерот има симболично значење бидејќи всушност премиерот е тој што би требало да му ја покаже границата на гостинот. Но, со оглед на тоа дека Бугарија веќе две години и по четири парламентарни избори сè уште нема влада, претседателот се постави во улога на лидер. Така Радев ја претставува Бугарија на ниво на ЕУ или на самити на НАТО со американскиот претседател Бајден.

Претседателот во улога на премиер

Поради долгорочната политичка криза во земјата, 59-годишниот Радев стана „лицето“ на Бугарија. Поранешниот воен пилот и шеф на бугарската воена авијација, од мај 2021 година квази „ја предводи“ државата, користејќи ја ситуацијата со преодните влади кои и самите немаат многу маневарски простор. Иако во изминатава година поддршката во јавноста му падна од 51% на 36%, Радев сепак ужива најголема доверба меѓу народот. Според аналитичарите имиџот му „настрадал“ поради неговиот став за Русија и војната во Украина. Една од преодните влади, со негов благослов, се обиде повторно да се зближи со рускиот енергетски концерн „Газпром“. Радев се изјасни и против испраќање на оружје за Украина бидејќи според него тоа би било „гаснење пожар со бензин.“

Последниот неуспешен обид за формирање бугарска влада: Претседателот Радев и го додели на лидерката на Социјалистите, Корнелија Нинова, мандатот да формира влада на 16 јануари 2023. Таа го врати неколку дена подоцнаФотографија: Valentina Petrova/AP Photo/picture alliance

Кампања за воведување претседателски систем

Импресионирани од имиџот на претседателот, во политички кругови во Бугарија веќе се разговара за можно преструктурирање на државата во претседателски систем. За ова пред сè се загреани во партијата „Има таков народ“. Партијата веќе собира потписи за референдум за воведување на претседателски систем. Шеф на партијата е шоуменот Слави Трифонов кој и самиот загуби голем дел од довербата кај народот. Оваа кампања за воведување претседателски систем, исто така се смета за негов обид да поврати дел од поддршката од граѓаните.

Мнозинството луѓе против промена на системот

Се чини дека изгледите за успех се мали. Со 45-годишното искуство од комунистичко владеење на еден човек до демократизацијата во 90-тите години од минатиот век, Бугарите немаат голема желба за такви промени на системот. Мнозинството од населението стои зад парламентарната демократија. Експертот за уставно право, Наталија Киселова, затоа и очекува дека претседателската кампања ќе биде неуспешна и предвидува дека „нема да може да соберат ни 200 илјади гласови за да почнат референдум бидејќи е комплицирана постапка и тие немаат никаква претстава што сакаат да предложат. Иницијативата е предодредена за неуспех. "Најголемата пречка за промена на системот можеби е и самиот претседател Радев. Тој не сака претседателски систем, можеби и заради тоа што по два мандата не би ни смеел да се кандидира”.

Предвремени избори во април

Откако неделава пропадна и последниот обид да се најде стабилно мнозинство, Радев најави дека на 3 февруари ќе го рспушти парламентот и ќе распише избори на 2 април. Аналитичарите не очекуваат дека може да се постигне убедливо мнозинство. Причините се во поделеноста на бугарското општество. Од една страна е долгогодишната и конзервативна владина партија ГЕРБ на долгогодишниот премиер Бојко Борисов, која пак се соочува со сомнежи за корупција. На изборите во октомври со освоени повеќе од 25% од гласовите, таа беше најсилна партија. На другата страна е Партијата за реформи на последниот премиер Кирил Петков, која на последните избори освои 20% од гласовите. За формирање стабилно мнозинство без ГЕРБ, тоа сѐ уште не е доволно.

Бугарите повторно излегуваат на парламентарни избори во април, петти во само две годиниФотографија: BGNES

Аналитичарите зборуваат за „ќорсокак”

Ситуацијата се чини „заглавена”. Политикологот Слави Василев зборува за расипан политички дијалог заради што е неможно да се направи исчекор. Земјата, вели Василев, „дефинитивно се движи кон слепа улица. Сигурен сум дека и на следните предвремени избори повторно ќе се најдеме во истата ситуација”, вели политикологот. Веќе сега се разговара за избори на есен во 2023 година. Тогаш ќе се избира и на локално ниво. Таму доминира ГЕРБ и тие можеби шпекулираат дека комбинација од локални и парламентарни избори би можела да ги врати на власт. Аналитичарите излез гледаат во тоа реформаторите и конзервативните да се здружат за да се надмине блокадата. Аналитичарката Мира Баџева се залага за коалиција од партијата за реформи, десноконзервативната партија „Демократска Бугарија” и ГЕРБ. Но, додека да дојде до тоа веројатно претседателот на Бугарија и натаму ќе ја води државната политика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми