1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп ја тресе германската политика

Кристоф Хаселбах
22 јануари 2025

Водечките политичари во Германија стравуваат од најлошо од вториот мандат на Доналд Трамп. Среќна е само десничарската АфД.

Доналд Трамп Олаф Шолц
Претседателот Доналд Трамп за многу работи го сака спротивното од канцеларот Олаф ШолцФотографија: Evan Vucci/AP/ - und Ben Kriemann/PIC ONE/picture-alliance

Крај на политиката за заштита на климата, увозни царини за европски стоки, нов империјализам кој претендира на Панамскиот Канал и Гренланд - Доналд Трамп ги остварува најлошите стравови на германските политичари.

Сепак, канцеларот Олаф Шолц се натера да напише писмо со честитки и му посака на новиот американски претседател „сила и успех“ за задачите што претстојат. Тој продолжува: „Заедно можеме да обезбедиме одлучувачки поттик за слобода, мир и безбедност, како и за просперитет и економски развој на двете страни на Атлантикот“.

Сепак, Шолц не беше присутен на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон, а таму не беше ниту опозицискиот лидер Фридрих Мерц од конзервативната унија ЦДУ/ЦСУ. Трамп, од друга страна, покани политички истомисленици како што се италијанскиот премиер Џорџа Мелони и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.

Доналд Трамп даде вторпат заклетва како претседател на САД, неговиот прв мандат беше од 2017 до 2021 годинаФотографија: Morry Gash/REUTERS

Експлозивна амбасадорска депеша

Повеќето германски политичари навестија или дури и отворено кажаа дека многу повеќе би сакале да ја видат демократката Камала Харис во Белата куќа. Со еден исклучок: делумно десноекстремната партија Алтернатива за Германија (АфД) се радува на Трамп. Човекот од доверба на Трамп, Илон Маск, на својата платформа Х отворено ја промовираше АфД во изборната кампања за парламентарните избори во Германија со фразата „Само АфД може да ја спаси Германија“ и го нарече Шолц „неспособен идиот“.

На трансатлантските тензии се додаде и експлозивната оценка на германскиот амбасадор во САД, Андреас Михаелис. Депешата, наменета за министерката за надворешни работи Аналена Бербок, беше објавена во медиумите и содржи остри критики за Трамп. Тој, како што се вели, спроведува агенда на „максимално нарушување“. Основните демократски принципи и американскиот систем на контрола и рамнотежа во голема мера би биле поткопани.

Мерц смета дека документот е катастрофа за германско-американските односи. „Ова е голем удар за угледот на сојузната влада во Вашингтон. Никој од оваа сојузна влада нема да може да најде партнер за дискусија во Вашингтон така брзо“, рече Мерц на Дојчландфунк.

Мерц: Европејците мора да стојат заедно

Додека Шолц првично зазеде конфронтирачки пристап кон Трамп и, на пример, остро го критикуваше неговото тврдење за Гренланд, Мерц беше попомирлив од самиот почеток. Според анкетите, тој има добри шанси да стане канцелар по сојузните избори на 23 февруари и во тој случај, како шеф на германската влада, би имал директен контакт со Трамп.

Опозицискиот лидер Фридрих Мерц сака поголема самодоверба во односот кон ТрампФотографија: Ebrahim Noroozi/AP/picture alliance

Мерц сака да се сретне со Трамп „под еднакви услови“ и е посветен на здружување на европските интереси. Во одговор на прашање на ДВ за неговите очекувања од Трамп, Мерц на состанокот на европските партии од десниот центар во Берлин рече: „Сѐ додека европските земји членки стојат заедно, тие ќе бидат почитувани во светот, вклучително и САД. И сѐ додека се поделени, никој нема да нѐ сфаќа  сериозно, така што, според мене, ова е последниот повик за акција. Тоа мора да го направиме.“

Во рачно напишаното писмо со честитки до Трамп, Мерц меѓу другото пишува: „Доколку германскиот народ ми даде мандат за канцелар, еден од моите приоритети ќе биде да работам со Вас кон ново поглавје во нашите односи“.

Хабек: Европа е подготвена за царини

Со оглед на заканата од американските увозни царини, Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) веќе предупредува од сериозни последици. „Влијанието на новите американски царини би било сериозно за германската економија“, изјави директорката на ДИХК, Хелена Мелников за весникот „Рајнише пост“. Во Германија, едно од четири работни места зависи од извоз - а во индустријата, едно од две.

Извозот на германски автомобили во САД значително би поскапел со увозни цариниФотографија: Jörg Sarbach/picture alliance/dpa

Министерот за економија Роберт Хабек од Зелените, од друга страна, е борбен: „Европа е подготвена. Доколку Американците воведат царини, што не се надевам и не посакувам, Европа во секој случај ќе биде во состојба да посегне по контрамерки, меѓу другото и онакви кои би ја погодиле американската економија“, изјави Хабек во интервју за ДВ.

Хабек, во чиј ресор е и заштитата на климата, на друго место за најавеното повлекување на САД од Парискиот договор за заштита на климата рече: „Сметам дека тоа е фатален сигнал за светот“. Но, дури и во сопствената земја, Хабек мора да гледа како заштитата на климата сѐ повеќе се турка во позадина во изборната кампања.

Кој бил поканет, а кој не

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел соработуваше со Трамп за време на неговото прво претседателствување. Таа сега уште еднаш се изјасни за продолжување на блиското партнерство со САД. Во своите неодамна објавени мемоари, долгогодишната канцеларка отворено зборуваше за тешкотиите што ги имала со Трамп во тоа време. Но, трансатлантското партнерство денес е уште понезаменливо отколку пред неколку години, рече Меркел на новогодишниот прием на ЦДУ во покраината Северна Рајна-Вестфалија. Само со САД и во рамките на НАТО може да се постигне „(рускиот претседател Владимир) Путин да не победи во војната и Украина да остане независна држава“.

Политички блиски со Трамп: аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони како гости на инаугурацијата на ТрампФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

Сепак, Трамп посочи дека сака да ја прекине поддршката за Украина и со Путин ќе бара брз крај на војната. Постојат стравувања дека Украина за возврат ќе мора да направи територијални отстапки.

Во меѓувреме, АфД, со која не сака да соработува ниту една друга партија во Бундестагот, благодарение на Трамп се гледа себеси во подем. По прашањата за миграциската и енергетската политика, АфД и Трамп имаат блиски ставови, но од АфД постојано доаѓаат и антиамерикански тонови.

Блискоста на Трамп со АфД беше очигледна и во Вашингтон: додека канцеларот Шолц не беше поканет на церемонијата на полагање заклетва, таму присуствуваа двајца истакнати политичари на АфД, Тино Хрупала и Беатрикс фон Шторх.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми