Трамп кај кралот: Чарлс Трети ја нагласи помошта за Украина
18 септември 2025
Кралот Чарлс Трети го искористи државниот банкет со американскиот претседател Доналд Трамп за да ја нагласи заедничката поддршка за Украина против агресорот Русија. Британскиот монарх потсети на борбата што САД и Велика Британија ја водеа рамо до рамо во двете светски војни против „силите на тиранијата“ и додаде: „Денес, додека тиранијата повторно ја загрозува Европа, ние и нашите сојузници сме обединети во поддршката на Украина за одбрана од агресијата и за да се обезбеди мир“. Трамп кимна со главата на овие зборови.
Кралот главно избегнува да се меша во дневната политика, но историската споредба на Чарлс послужи како јасен апел. Тој ја пренесе својата политичка порака во говорот за време на вечерниот државен банкет за американскиот претседател и првата дама Меланија Трамп во замокот Виндзор. Така, денот обележан првенствено со помпезност и церемонии стана политички актуелен кратко пред својот крај.
САД и Велика Британија работат заедно на важни дипломатски напори, рече Чарлс. Тој го нагласи ангажманот на Трамп на „наоѓање решенија за некои од најнерешливите конфликти во светот за да се обезбеди мир“.
Демонстрации против Трамп
Во Лондон, повеќе илјади луѓе демонстрираа против посетата на Трамп. Демонстрантите држеа транспаренти со слогани како „Мигрантите се добредојдени, Трамп не е добредојден“ и „Не за расизмот, не за Трамп“, јави агенцијата АФП. На протести повика сојуз наречен „Стоп за Трамп. „Сакаме да му дадеме можност на британскиот народ да ја изрази својата омраза кон Доналд Трамп, неговите политики и неговиот расизам“, изјави Зои Гарднер од коалицијата „Стоп за Трамп“.
Трамп е многу непопуларен во Велика Британија и нема планирано јавни средби во Лондон за време на неговата државна посета.
Во Виндзор претежно мирно
Во меѓувреме, во Виндзор остана претежно тивко. Поддржувачите и противниците на државната посета, како и огромен број новинари, се собраа пред една од портите на замокот.
Во вторникот вечерта (16.09), практично во исто време кога авионот на Трамп слета на лондонскиот аеродром, активистите предизвикаа возбуда проектирајќи слики од Трамп и осудениот сексуален престапник Џефри Епстин на кула од замокот Виндзор. Полицијата подоцна објави дека се уапсени четири лица.
Денеска средба на Трамп и Стармер
Денеска (18.09), Трамп, меѓу другото, ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер. Британската влада претходно објави „Пакт за технолошки просперитет“ со САД, кој вклучува милијарди долари американски инвестиции во областите на вештачката интелигенција, квантната технологија и нуклеарната енергија. Сепак, кратко пред пристигнувањето на Трамп, „Гардијан“, повикувајќи се на владини извори, објави дека елиминацијата на американските царини за челик и алуминиум, на што се надеваа Британците, засега нема да се случи.
Уште една отстапка од Трамп во спорот за царините се сметаше за главен аргумент за организирање на неговата втора државна посета, што беше контроверзно во Велика Британија. Во мај, двете земји објавија договор со кој на Обединетото Кралство му се ветуваа значително пониски царини за извоз во САД отколку на другите западни партнери. Наместо 50 проценти, царините за британскиот извоз на челик и алуминиум првично ќе бидат само 25 проценти и на крајот треба целосно да бидат укинати.