1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Близу една милијарда евра помош за Либан

СН | АРД
25 октомври 2024

Меѓународната донаторска конференција во Париз успеа да собере речиси милијарда евра за Либан. Најголем дел од средствата ќе бидат наменети за итна хуманитарна помош.

Конференција за Либан, Париз 24.10.2024
Конференција за Либан, Париз 24.10.2024Фотографија: Alain Jocard/dpa/AFP POOL via AP/picture alliance

На меѓународната конференција за помош на Либан во Париз беа собрани 800 милиони долари (740 милиони евра) за итна хуманитарна помош за земјата погодена од војна и од кризи. Обезбедени се дополнителни 200 милиони долари (185 милиони евра) за зајакнување на либанските вооружени сили, изјави на крајот од средбата францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро. Обединетите нации проценија дека на Либан итно му се потребни 400 милиони евра за непосредна хуманитарна помош.

Германија ќе придонесе со 96 милиони евра, а Франција со 100 милиони евра.

На конференцијата учествуваа повеќе од 70 земји и меѓународни организации. Францускиот претседател Емануел Макрон повика на „масовна помош“ за Либан. Според Обединетите нации, поради конфликтот меѓу терористичката група Хезболах и Израел, во Либан се раселени еден милион луѓе. Според либанското Министерство за здравство, повеќе од 2.500 луѓе се убиени. Веќе сериозната економска криза во Либан дополнително се влоши со војната.

Домаќин на донаторската конференција: Францускиот претседател Емануел Макрон (десно)Фотографија: RaphaÎl Lafargue/Pool/Bestimage/IMAGO IMAGES

Резолуцијата на ОН како клуч?

Франција сè уште го гледа клучот за постигнување прекин на огнот во целосното спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, изјави на прес-конференција министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро. Оваа резолуција е усвоена пред 18 години, за време на последната војна меѓу Израел и Хезболах, и меѓу другото, предвидува Хезболах да се повлече околу 30 километри од израелско-либанската граница зад реката Литани.

Мировната мисија на ОН и либанската армија ќе одиграат клучна улога во спроведувањето на оваа резолуција. На почетокот на конференцијата, претседателот Макрон изјави дека на мисијата на ОН треба да и бидат достапни дополнителни 6.000 војници. Нападите врз овие единици се неприфатливи, а либанската армија мора да биде подобро опремена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми