1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Џорџ Сорос ја препушти контролата на синот Александар

ЖА / агенции
12 јуни 2023

Американскиот инвеститор и филантроп Џорџ Сорос ја предаде контролата врз неговите милијарди вредни фондации на својот син Александар.

Контролата врз финансиската и добротворна империја Сорос преминува врз синот Александар
Контролата врз финансиската и добротворна империја Сорос преминува врз синот АлександарФотографија: Alex Soros via Twitter/REUTERS

92-годишниот милијардер Џорџ Сорос и неговиот 37-годишен син Александар го обелоденија предавањето на управувањето со финансиското и добротворно царство, кое се проценува на 25 милијарди долари, во интервју објавено во неделата во финансискиот магазин „Вол стрит џурнал“. Александар изјави дека е уште „пополитички" отколку неговиот татко, најавувајќи ја една од неговите најважни заложби – да го спречи повторниот избор на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Џорџ Сорос, по потекло од Унгарија, за многумина популисти и како Евреин постојано на мета на антисемитски напади,како финансиски експерт во 1970-те и 1980-те години стекна прилично богатство. Со своето богатство тој ја создаде и Фондацијата Отворено општество, со која поддржува бројни проекти и невладини организации ширум светот, чија цел е добро владеење, поддршка на демократијата или политички иницијативи. Сорос важи и за еден од најважните финансиски донатори на американската Демократска партија.

„Би сакал парите да не играат толку голема улога во политиката, но се` додека другата страна го прави тоа, мораме и ние и натаму да го правиме тоа“, изјави Александар Сорос во „Вол стрит џурнал“. Тој најави дека под негово водство Фондацијата ќе продолжи по патот кој го зацрта неговиот татко и ќе ги поддржува демократиите како и личностите од политичката левица во САД. Ќе се залага и за теми како правото на абортус, изборното право и рамноправноста на половите.

Александар Сорос најави дека во иднина ќе се ангажира во САД уште повеќе од неговиот татко, поддржувајќи програми со кои Латиноамериканците и Афроамериканците ќе бидат поттикнувани да учествуваат на изборите во САД и ги повика демократските пратеници на подобрување на комуникацијата.

„Нашиот табор треба да демонстрира патриотизам и инклузивност. Некој кој само гласа за Трамп, не е уште загубен или пак е расист“, смета Александар Сорос.

Според пишувањето на „Вол стрит џурнал“, Управниот одбор на ОСФ го избрал Александар Сорос за свој претседател уште во декември. Тој е второ од вкупно пет деца на американскиот милијардер. Со генерациското подновување на врвот на ОСФ е прескокнат постариот син, 52-годишниот Џонатан Сорос, адвокат чија специјалност е финансиската сфера. Долго време тој важеше за јасен наследник на својот татко, се` до моментот „додека не избил спор меѓу нив“, пишува „Вол стрит џурнал“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми