Доста е од „хроники на најавена смрт“
19 септември 2025
Мора да се знае кој потфрлил и мора да има одговорност за тоа – се клучните пораки од присутните граѓани на вчерашниот протест против растечкиот број фемициди во Македонија, откако последниот таков случај во Велес длабоко ја потресе јавноста.
„Мора нешто да се промени, сега, веднаш. Да беше направен исчекор по случајот во Кочани пред неколку години, кога 46-годишна жена беше убиена од поранешниот партнер со 40 убоди од нож, сега можеби немаше да бидеме собрани овде" вели за ДВ скопјанката Весна Димова.
„Ние до денес не дознавме дали воопшто била испитана одговорноста на службените лица кои тогаш не постапиле навреме по пријавите за насилство што му претходеле на убиството, иако жената пријавувала. Кога би имало навремени санкции, ова не би се повторувало. Затоа, ако сега не ја утврдиме ‘пресвртната точка', тогаш како држава и како општество ништо не сме направиле. Јавноста мора да врши притисок, да предупредува, да бара енергична акција“, вели Димова.
Обврзувачки протоколи, јасни рокови и одговорности
Од протестот беше побарана независна истрага за институционалните пропусти, оставки од одговорните службени лица и покренување дисциплински постпки против полицајци, обвинители, судии и центри за социјална работа кои не постапиле по пријавите за насилство во случајот со велешанката Росица Коцева и во други случаи.
„Јавното обвинителство мора да открие кој дозволил кршење на издадни мерки на заштита и зошто не биле спроведени постоечките протоколи. Да се воспостват и јавно да се објават обврзувачки протоколи за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судството, за постапување по пријави за насилство и закани - со јасни рокови и одговорности. Да се обезбедат повеќе средства, персонални обуки за центрите за социјална работа, полицијата и судството, со цел да се обезбеди навремена заштита. Протоколите мора да предвидат санкции за службените лица кои не постапуваат“, беше побарано од протестот, кој се одвиваше под слоганот „Ниту една повеќе".
Беше побарано и разививање на национална стратегија за заштита од фемицид, со јасни индикатори и механизми за следење, кој ќе опфати програми за едукација, рана интервенција и реинтеграција.
Опсерваторија за фемициди
На почетокот на месецов, Хелсиншкиот комитет за човекови права го започна спроведувањето на проектот Опсерваторија за фемициди – превенција и мониторинг на фемициди и обиди за фемициди во Северна Македонија. Поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, проектот се спроведува во партнерство со Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство „Глас против насилство“, а во соработка со Министерството за правда, Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство на РСМ, Судскиот совет, МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Првиот работен состанок на мултисекторското тело се одржа на 4-ти септември годинава. Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права порача дека за да се намали бројката на убиства и обиди за убиства на жените потребна е заедничка заложба од сите надлежни институции.
„Во рамките на Меморандумот за соработка што заеднички беше потпишан со секоја од институциите, една од клучните активности е формирање и учество во мултисекторско работно тело за следење на фемициди и обиди за фемициди, како важен чекор кон обезбедување системски пристап во превенција, мониторинг и институционална координација“, посочија од Хелсиншкиот комитет.
Според Сузан Пенкса, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со проектот се испраќа моќна порака дека институциите се обединети во борбата против фемицидите.
Утврдена е методологијата на Опсерваторијата на фемициди, како и деловникот за работа на мултисекторско работно тело. Се очекува дека заедничкиот ангажман ќе придонесе кон поефикасно следење на случаите и креирање на политики за подобра заштита и превенција од родово базирано насилство.
Фокус врз превенцијата
Во такви случаи, освен меѓуинституционалната соработка, голема е и одговорноста на медиумите. Случаите на фемицид се прилично компликувани, бараат длабоко истражување и добро познавање како функционира системот за заштита од родово базирано насилство. Само така може да се провери дали и како постапувале надлежните институции, со оглед на фактот дека фемицидите имаат историја на насилство, но и на затајување или институционална бавност во постапувањето по пријавите од жртвите.
Во повеќето анализирани случаи убиството е извршено од актуелен или поранешен брачен или вонбрачен партнер, со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или доколку биле разделени - во домот на жртвата.
Но, од невладините организации кои го следат овој проблем посочуваат дека насилството никогаш не останува меѓу „четирите ѕидови“ каде е извршено, со оглед дека дека жртвите пријавуваат и бараат помош, како што било и во случајот со Росица.
Во тој контекст, битно е медиумите да ја следат и улогата на институциите во постапувањето, но особено важно е навреме да известуваат - што прават надлежните институции и во сферата на превентивата. Третманот на такво прашање отпосле, откако ќе се случи насилство или фемицид, е потврда за медиумско и институционално бездејствие.
Со цел да се избегне продуцирање стереотипи, предрасуди и дискриминаторни практики во информирањето околу фемицидот или родово базираното насилство, пред неколку години беше изработен и „Прирачник за родово сензитивно известување“, чии авторки се Марина Тунева и Ана Аврамоска Нушкова.