1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Довербата се враќа, дали и спомен-плочите за АСНОМ?

1 август 2022

Во 2003 година се случи последниот обид на македонското Министерство за култура да ја врати спомен-плочата за АСНОМ во манастирот „Св.Прохор Пчињски“

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Денеска ќе се утврдува протоколот за утрешната посета на македонската државно-црковна делегација на манастирот „Свети Прохор Пчињски“, местото каде на 2-ри август 1944 се удрени  темелите на македонската државност.  Веста за посетата на делегацијата, која ќе биде преводена од претседателот Стево Пендаровски и пречекана од министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ, силно одекна во македонската јавност - имајќи предвид дека две децении не беше дозволено  чествување на Илинден во манастирот.

Иако во случајов станува збор само за „посета“, евидентно е дека нештата се менуваат, особено откако СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ - ОА. Три спомен обележја кои сведочеа дека во манастирот се одржало Првото заседание на АСНОМ, беа отстранети пред повеќе од две децении, а дали утре ќе бидат вратени или заменети со нови, како и други детали за посетата, ќе се знае во текот на денешниот ден, по средбите на службеници од двете министерства за надворешни работи. Но, и без тоа, самиот чин на враќањето во  „Св. Прохор Пчињски“  на Илинден, се оценува како важен чин и чекор во меѓусоседските односи.

„Ова е значаен чин“, вели новинарот Бранко Ѓоргевски.

„Тој доаѓа по цели 18 години откако македонски претставници, беа спречени и потоа веќе не можеа да го чествуваат АСНОМ, денот кога се  удрени темелите на македонската државност.  Во овој момент не е најважно каква содржина ќе ја исполни посетата на манастирот и дали ќе се случи некое чествување или одбележување, иако и тоа треба да се очекува со оглед на составите на делегациите. Најважно е дека празнувањето на најзначајниот ден во поновата македонска историја почнува да се враќа на местото каде што Заседанието и се случило“, вели Ѓоргевски.

Затворена врата

Поради влошените односи меѓу СПЦ и МПЦ-ОА во изминатите години, српската црква не дозволуваше делегација од Македонија да го чествува историскиот настан во „Св. Прохор Пчињски“, а од Српското министерство за надворешни работи доаѓаше еден ист одговор - дека не можат ниту да влијаат ниту да се мешаат во одлуката на црковните власти, бидејќи манастирот е во надлежност на СПЦ.

Подоцна излегоа податоци дека надлежност сепак има и државата, врз основа на закон според кој манастирот е културно добро од прва категорија, што и на властите им дава законско право да реагираат. Врз основа на тоа, во 2003 година се случи последниот обид на македонското Министерство за култура да ја врати спомен-плочата за АСНОМ во манастирот, врз основа на решение одобрено од директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на Србија. Според решението, одлуката требало да ја спроведе поддрачно одделение на Заводот во Врање. Но, тоа не се случи. Српски владици изјавуваа дека станува збор за приватен имот и дека српската држава не може да ѝ нареди на црквата да почитува некои политички одлуки.

Меморијалниот центар за АСНОМ во ПелинцеФотографија: Petr Stojanovski

По ваквите репризи на истиот одговор, македонските власти решија неколку километри подалеку од манастирот, на македонска територија да биде изграден Меморијален центар на АСНОМ. Тој беше свечено отворен на 2-ри август 2004 година во селото Пелинце, на 60-годишнината од историското заседание. Иако во Меморијалниот центар беше пренесен автентичниот изглед на спомен-собата, односно на манастирската трпезарија која во август 1944 година била претворена во сала за одржување на заседанието, фактот дека станува збор за реплика и дека на местото на историскиот настан и натаму не е дозволено чествување, оставаше горчив вкус.

Цвеќе на оградата...

Во 1998 година српски националисти ги отстранија спомен обележјата за АСНОМ од манастирот и се шпекулираше дека тие се уништени. Но, во 2003 година, кога беше последниот обид за нивно враќање во манастирот, надлежните од македонскиот Завод за заштита на споменици тврдеа дека спомен-плочата на македонски јазик е кај нив (не и другите две - на англиски и српски), но дека е оставена привремено во Заводот во Врање, бидејќи тој требало да ја спроведе одлуката за нејзино враќање. Оттогаш до денес спомен плочите повеќе никој не ги спомна.

„Сега, работата на двете држави и Цркви ќе биде како да се најде соодветен начин за тоа празнување, за тоа како да се постави соодветно обележје на АСНОМ. Знаеме дека порано имаше и спомен - соба, посебна поставка и спомен - плоча. Можеби би било преоптимистички да се очекува таквите обележја повторно да се вратат во кругот на манастирот и во неговите простории, но на тоа треба да се работи. Тука решавачка улога ќе има СПЦ во чија сопственост е манастирот, односно, нејзината подготвеност да се постави соодветно одбележје за АСНОМ. Не сакам да се потсетувам на сите оние понижувања на кои беа изложувани македонски делегации во последните години кога одеа да чествуваат во манастирот - кога беа ставани во ситуација да положуваат цвеќе на огради или на спомен-чешми околу манастирот посветени на српски војводи и претходно прекриени со чаршафи, поради што македонската страна оправдано реши да го изгради спомен-комплексот кај Пелинце“, потсетува Ѓоргевски.

Смета дека сега треба да се искористи позитивната клима и мошне добрите односи меѓу двете држави и двете Цркви за да договори поставување на соодветно обележје на АСНОМ, а кога тоа еднаш ќе се направи, да биде проследено и со механизми кои ќе спречат во иднина некој некому да му забранува чествување на датуми кои се свети за нечија историја.

„Во име на еден цивилизациски чин, Македонија на Србија во изминатите години ѝ дозволи чествувања на 100-годишнините на Кумановската битка (кај Зебрњак) и 100-годишнината на битката на Кајмакчалан, кои се значајни за српската страна, а кои на Македонците подоцна не им донесоа добро. Таков однос треба да продолжи и од српската страна и јас се надевам дека во 2023 година прославата на Илинден во манастирот ‘Св. Прохор Пчински' ќе биде многу посодржајна од утрешната“, вели Ѓоргевски.

Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ му изразил уверување дека сѐ ќе биде организирано и по црковна, и по државна линија, како што доликува.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми