1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Кој може да убие дете? Само психопат кој нема емпатија

ДТЗ
5 декември 2023

Кој може да убие дете коешто со ниту едно свое однесување и постапки не го предизвикало таквиот исход? Криминолозите го анализираат случајот со убиството на Вања Ѓорчевска.

Љупчо Палевски
Љупчо Палевски е првоосомничен како организатор и извршител на двојното убиствоФотографија: DW

„Во мојата долгодишна кариера досега не се сеќавам на ваков случај - дете да излезе од домот за на училиште и повеќе да не се врати дома. Едноставно не можам да разберам зошто се случи ова?“,  вели за проф д-р Драгана Батиќ, редовен професор на Факултетот за безбедност во Скопје, која се занимава со криминалистичка психологија и психопатологија.

По обелоденувањето на веста дека во околината на Скопје, по шест дена потрага е пронајдено телото на14-годишната Вања Ѓорчевска, која што била грабната од пред нејзиниот дом, Батиќ вели дека се наметнува прашањето кој може да убие дете коешто со ниту едно свое однесување и постапки не го предизвикало таквиот исход.  

Специфичен случај 

„Кој може да убие дете? Само психопат кој нема никаква емпатија. Јас се чувствувам засегната и како човек и како родител. Постојат страшни криминалци кои извршуваат тешки кривични дела, ни кои никогаш не посегнуваат по животот на децата. Овој случај по многу елементи е специфичен. Истрагата се уште трае и во неа има многу нејаснотии и нелогичности. Треба допрва да се разјасни мотивот“, вели професорката. 

Во услови кога во јавноста има бројни шпекулации и се создава паника околу целиот случај, Батиќ вели дека меѓу народот владее страв. „Сите се идентификуваат дека може истото и на нив да им се случи. Станува збор за неверојатен случај. Во паника се сите - бидејќи дете од скопско маало, со нормален живот, од средина во која што се очекува дека ќе биде згрижено и заштитено, едно утро заминува од домот и повеќе не се враќа“, анализира Батиќ.  

Државата не не штити доволно. Институциите потфрлаат во превенција, откако ќе се случи нешто се крева врева неколку дена, а потоа се паѓа во заборав, вели Драгана БатиќФотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Не се памети ваков случај 

Северна Македонија изминатите години памети многу случаи на исчезнати деца - најчесто од ранливи категории, сиромашни средини - некои беа пронајдени, а на други им се губи трагата засекогаш. Но, случајот со Вања, според Батиќ, се разликува од другите.

Таа потсетува на слични случувања во регионот, особено во соседна Србија каде изминатите години имаше случаи на исчезнати девојчиња. Еден од нив е случајот со 15-годишната Тијана Јуриќ која на сличен начин беше киднапирана и убиена пред девет години. Нејзиниот татко подоцна го формираше Центарот за исчезнати и малтретирани деца, а во државата почна да функционира и Амбер алерт, како една моќна алатка во потрагата по исчезнатите деца. 

Што се однесува до случувањата во земјата, во македонската јавност не бледеат сеќавањата на деветгодишната Билјана Србиновска која во 1989 година исчезна на булеварот Илинденска во Скопје, на пат кон дома. Нејзиното тело беше пронајдено на падините на Скопска Црна Гора, а причините за нејзината смрт и извршителите останаа мистерија. Во 2010 година, пак, јавноста беше вознемирена од исчезнувањето на шестгодишната Ангела Георгиевска од прилепското село Дуње. По подолгата потрага беа пронајдени делови од човечко тело во прилепско село Пештани, коишто се поврзуваа со исчезнатото девојче. 

Вања Ѓорчевска била убиена неколку часа по грабнувањетоФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Склоп на повеќе околности

Професорката Батиќ смета дека случувањата кои што ја вознемирија Северна Македонија изминатата недела се склоп на повеќе околности и во општеството и во семејството. „Вакви појави е тешко да се превенираат, бидејќи никој не знае однапред што може да се случи. Кај ранлиците категории и оние коишто се изложени на ризик е сосема поинаку, но во овој случај 14-годишното дете е жртва на возрасните и на нивните постапки“, вели Батиќ. 

Застрашувачки е тоа што најчесто децата се жртви кога возрасните грешат. „Со децата често се манипулира, насилниците знаат дека родителот и најблиските би направиле се за едно дете - дека не им значат ниту пари, ниту имот, буквално ништо за да се заштити нивниот живот. За да го спасиш детето подготвен си на се“, вели Батиќ.

Таа коренот на сите проблеми го лоцира во неказнивоста и корупцијата. Станува збор за психопатолошка структура која со години се надградувала, а институциите потфрлиле и не го сопреле тоа во корен. Структурата која што не се казнувала со тек на годините добила крила и неверојатна сила. „Државата не не штити доволно. Институциите потфрлаат во превенција, откако ќе се случи нешто се крева врева неколку дена, а потоа се паѓа во заборав. Психолошки советувалишта за младите нема, затоа и расте насилството. Сите зборуваат за нарушено ментално здравје, а никој не презема ништо за тоа“, вели нашата соговорничка.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми