Драма во три чина во Република Српска
17 март 2026
Кога владата еднаш ќе падне, власта тоа може да го претстави тоа како вонредна околност. Кога истиот премиер ќе си поднесе оставка повторно за само неколку месеци, со најава дека ќе биде повторно вратен на истата функција, тогаш веќе не станува збор за инцидент, туку за образец на политичко преживување што се продава како институционална стабилност.
Народното собрание на Република Српска во понеделникот, 16 март 2026 година, ја прифати оставката на премиерот Саво Миниќ со што формално беше завршен мандатот на владата. Одлуката беше донесена со гласовите на парламентарното мнозинство, без присуство на опозицијата и без расправа, што дополнително го засили впечатокот дека не се води политички дијалог за кризата, туку дека административно се решава проблем кој очигледно одамна прераснал во прашање на доверба во институциите.
„Ни тие веќе не знаат ниту кој е министер ниту колку долго ќе трае. Се надеваме на трета среќа“, вели пратеникот од опозициската Листа за правда и ред, Милан Савановиќ, алудирајќи на третиот мандат на Саво Миниќ за формирање влада.
„Ќе ги сочекам само уставните процедури за повторно номинирање на Саво Миниќ, за составување на нова или на старата влада“, рече претседателот на Република Српска, Синиша Каран.
Миниќ својот потег го објаснува со потребата да се елиминира оспорувањето на легалноста и легитимитетот на владата. Но, токму тука лежи и најголемата слабост на одбраната на владата. Ако навистина е потребно да се собори и повторно да се формира владата за да се докаже нејзиниот легитимитет, тогаш тоа би можело да значи дека тој легитимитет не бил политички цврст, ниту правно неспорен.
Уште посилна влада
„Падна владата - тоа е илустрација на политиката на удар врз здравиот разум на граѓаните на Република Српска, па со честитање, желби и поздрави на сопствената влада по нејзиниот пад, владејачката партија речиси им се потсмева на граѓаните и ги понижува институциите што се станати бесмислени“, вели политичката аналитичарка Тања Топиќ. Таа напоменува и дека се работи за ароганција и презир спрема законите и уште поарогантна одбрана на она што не може да се одбрани ниту со логика на здрав разум, а уште помалку со правни аргументи.
Ако кризата се решава со тоа што истиот човек оди за да се врати, со речиси исто мнозинство и иста структура на моќ и тоа по трет пат за само неколку месеци, тешко е да се зборува за нов почеток. Оставката тогаш станува политички трик, доволно драматичен за да остави впечаток на промена, но доволно контролирана за ништо суштински да не се промени.
„Република Српска по изборот на новата влада неделава ќе биде уште посилна“, рече Миниќ, образложувајќи ја својата оставка, наведувајќи дека најважно е да се сочуваат институциите на Република Српска.
Проблемот всушност лежи во Уставниот суд на Босна и Херцеговина и можното второ оспорување на легитимитетот на владата, откако тоа се случи со владата чиј мандатар го предложи Милорад Додик, откако нему му беше одземен претседателскиот мандат минатата година. По изборот на сега веќе владата во оставка, се очекуваше слично сценарио со оглед на тоа што Миниќ по вторпат беше предложен од тогашната в.д. претседателка, Ана Тришиќ Бабиќ, која според Уставот тоа не можеше да го стори. Иако директно не го наведе ова, јасно е дека владата почна да ги почитува одлуките на Судот уште пред да бидат донесени.
„Омразениот“ меѓународен фактор
„Ова најмалку го направивме поради Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Но, знаете што прават тие? Ќе напишат дека не е надлежен, а ја оспорува законитоста на владата на Република Српска“, вели Миниќ, наведувајќи дека сега без оспорување ќе можат да „се задолжуваат кај странски кредитори“.
Опозицијата токму тоа и го нагласи. Тие не присуствуваа на седницата затоа што ја сметаат за фарса. Тие го поставуваат прашањето како е можно владата, која тврди дека институциите се силни, постојано да создава ситуации кои подоцна мора да ги поправа.
„Штосот е во тоа што проблем е позајмување и земање пари од меѓународни фондови и прашањето за легитимитетот на владата“, вели Ѓорѓе Вучиниќ, од опозициската Листа за правда и ред. Во таа смисла оставката не ја покажа силата на системот, туку неговата зависност од постојани политички импровизации. Институциите изгледаат стабилни само додека не се стават под сериозна правна и политичка контрола, а кога тоа ќе се случи, одговорот е само просто прераспоредување на истите фигури на владејачката табла.
На граѓаните не им се покажува дека институциите функционираат според правила кои подеднакво важат за сите, туку дека правилата се адаптираат според политичките потреби на моментот.
Школски пример
„Признавањето на нелегалното постапување и конечното исполнување на наредбите на тој омразен меѓународен фактор е единствената вистина. На шарените лаги од власта наседнуваат наивните граѓани, кои го плаќаат цехот за таквите деструктивни политики“, вели Топиќ, заклучувајќи дека ова е „пример за тоа како граѓаните и институциите стануваат заложници на еден човек“.
Краткорочно властите можеби купуваат време и ја одржуваат контролата, но долгорочно оставаат впечаток дека Република Српска не влегува во криза затоа што некој ја напаѓа однадвор, туку затоа што одвнатре ја води политика која секој правен и политички сомнеж се обидува да го реши со нов маневар, наместо со јасна одговорност. Поради тоа оваа „реконструкција“ е пред сè признание дека владата со месеци бранела конструкција која на крајот сепак не можеше да ја одбрани без нов пад и ново формирање на истата влада.
Многумина веруваат дека периодот од последните неколку месеци ќе биде запаметен не како чин на политичка одговорност, туку како школски пример за обид институционалната криза да се трансформира во претстава за континуитет на власта.