1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматачни пораки на Антонио Гутереш на самитот на ЕУ

Бернд Ригерт
24 март 2023

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја повика ЕУ да стане лидер во заштитата на климата. Една од главните теми на самитот е и руската инвазија врз Украина.

Антонио Гутереш, Шарл Мишел, Брисел
Антонио Гутереш и Шарл Мишел во БриселФотографија: NICOLAS MAETERLINCK/AFP

Гостинот од Њујорк, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, им се обрати на шефовите на држави или влади на Европската инија со драматични зборови:

„Блиску сме до точка од која веќе нема да биде можно постигнување на целта од максимално затоплување од 1,5 степени. Затоа ни е потребно енергично дејствување.“ Гутереш се повика на Меѓународниот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени и тоа пред 2030 година.

Оваа недела Светскиот совет за климата кој работи во рамки на ОН, како и Меѓународната организација за вода, прогнозираа брзо влошување на ситуацијата. „Сметаме дека ЕУ треба да ги предводи неопходните процеси на промени за да се насочиме повторно на целта до 2030 година“, рече Гутереш, барајќи брзо јакнење на напорите за заштита на климата. Декларирана цел на ЕУ е нејзината економија до 2050 година да стане климатски неутрална. Гутереш изјави дека тоа би било предоцна, целта мора да се помести со децении порано.

Германскиот спор со Брисел околу дозволата за нови автомобили кои од 2035 година би возеле на „климатски неутрален погон“ изгледа како ситница во споредба со глобалните проблеми. Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека разговорите со Европската комисија за одредбите во оваа област веќе добро се одвиваат.

Германскиот канцелар Олаф Шолц: разговорите со Европската комисија околу дозволата за нови автомобили кои од 2035 година би возеле на „климатски неутрален погон“ добро се одвиваат.Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/dpa/picture alliance

ОН и ЕУ се единствени

Шефовите на држави или влади на ЕУ реагираа позитивно на барањата на Гутереш. ЕУ укажа на бројните закони за заштита на климата кои досега ги има усвоено. Но, самитот во Брисел не ги промени целите на ЕУ – до 2035 година емисијата на јаглероден диоксид ќе биде намалена за 55 проценти, за до 2050 година да биде достигната нулта емисија. Апелот на Гутереш еден дипломат го нарече „важен импулс“ за дебата во рамките на Унијата.

Претставниците на ЕУ и првиот човек на ОН се сложни во проценката на глобалната ситуација. Климатската криза, последиците од руската инвазија врз Украина, последиците од пандемијата и растечките цени на светските пазари можат да имаат фатални последици за сиромашниот дел од човештвото. „Гладот и сиромаштвото ќе растат“, потенцираше Гутереш. 

Во Брисел беше поздравен успехот на Гутереш во постигнување договор меѓу Украина и Русија за извоз на украинско жито.

Муниција за Украина

Видео вклучувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски донесе опис на ситуацијата во Украина и текот на руската агресија. Шефовите на држави или влади го одобрија планот според кој оваа година на Украина треба да ѝ бидат испорачани еден милион гранати, за штоЕУ ќе издвои две милијарди евра.

Претставникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел изјави дека членките ќе ги испразнат своите магацини и од ЕУ ќе добијат обештетување. Тој додаде дека на самитот во Брисел е постигнат договор и за заедничка нарачка на нови количини муниција кај воената индустрија, со што таа ќе добие гаранции за проширување на производните капацитети. Освен тоа, цените на артилериската муниција, кои ланската година двојно пораснаа, мора да бидат ограничени.

„Ако воведеме заедничка набавка, воената индустрија навистина може да го удвои своето производство, што досега не се случи“, рече премиерката на Естонија, Каја Калас, голем заговорник за испорака на мунизија на Украина.

Меѓутоа, украинските потреби се далеку поголеми од ветените еден милион гранати од ЕУ. Украинското Министерство за одбрана наведе дека дневно се испалуваат 7.000 гранати со калибар од 155 милиметри, што годишно води до бројка од 2,5 милиони гранати, и тоа само за тој калибар, без да се врачунати тенковска муниција, противавионските топови и хаубиците.

Стручњаците предупредуваат дека зголемувањето на производството е ограничено од недоволни количини на барут и експлозив ТНТ, кои моментно се увезуваат од Јужна Кореја. Естонската премиерка порача: „Брзата испорака на муниција за Украина е решавачка, зашто може да доведе до пресвртница во војната.“ Големи количини муниција Украина добива и од САД.

Украинскиот претседател Зеленски веројатно ги повтори своите барања, на Украина да ѝ бидат испорачани борбени авиони и ракети со долг домет, околу што ЕУ досега е воздржана. Полска вети испорака на неколку авиони, а Германија е уште резервирана.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е против испорака на муниција на УкраинаФотографија: Olivier Matthys/AP/dpa/picture alliance

Еден се издвојува

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја пофали соработката на Европејците во политиката кон Украина. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел уште еднаш ја нагласи обврската на ЕУ да ѝ помогне на Украина како пристапен кандидат и тоа толку долго колку ќе биде тоа потребно. Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан се спротивстави на испорака на муниција на Украина. Орбан смета дека тоа само ќе ја продолжи војната, иако Унгарија сепак не вложи вето на одлуката. Унгарскиот премиер на Твитер упати популистичка порака: „Ни доселување, ни родова политика, ни војна.“

Покрај надворешнополитички теми, на дневен ред во Брисел е и економијата – инфлацијата, високите цени на енергенси, недостиг во синџирите за снабдување. Шефовите на држави или влади разговараа и за начините за намалување на зависноста на европските економии од Кина, заради редуцирање на осетливоста на надворешни економски шокови. Во тоа би спаѓала и реформа на пазарот на електрична енергија, но таа уште е спорна.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми