Драматични последици од разорниот земјотрес во Мароко
Според последните владини податоци, најмалку 820 луѓе загинале во силниот земјотрес во југозападниот дел на Мароко. Министерството за внатрешни работи во Рабат соопшти дека има и повеќе од 670 повредени. Од нив 205 биле во животна опасност. Бројот на жртви би можел да продолжи да расте; Сè уште нема целосен преглед на ситуацијата во настраданите подрачја. Болниците во Маракеш јавија за „масовен прилив“ на повредени лица.
Во претходното соопштение на мароканското МВР беше објавено дека над 630 луѓе загинале во земјотресот.
Огромна материјална штета
Министерот за внатрешни работи Абделуафи Лафтит на брифинг со новинарите во Рабат изјави дека се верува дека многу од жртвите се во оддалечените области на планините Атлас, каде што бил епицентарот на земјотресот.
Тој додаде дека има извештаи за семејства затрупани под урнатините на нивните домови и апелираше до жителите да даруваат крв за повредените, како и да не се враќаат во своите домови, поради што повеќето луѓе ноќта ја поминаа на улица. Тој изјави и дека е огромна и материјалната штета.
Прелиминарната проценка на Американскиот геолошки институт е дека земјотресот што се случи синоќа во 23.11 часот по локално време бил со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, а Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од седум степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар се наоѓа во провинцијата Ал Хауз, 70-тина километри југозападно од градот Маракеш, популарна дестинација за странските туристи.
Пораки со сочувство од светските лидери
Изрази на сочувство и ветувања за помош, во меѓувреме пристигнуваат од целиот свет за трагедијата што рано утрината ја погоди северноафриканската земја.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази солидарност со владата и народот на Мароко во овие тешки моменти и изрази искрено сочувство до семејствата на жртвите, како и брзо закрепнување на повредените, се вели во соопштението на ОН.
Американскиот претседател Џо Бајден во изјава за медимите порача дека е „длабоко растажен“ од природната катастрофа во Мароко. Слични изјави дадоа и бројни шефови на држави или на влади влади ширум светот, меѓу нив и германскиот канцелар Олаф Шолц.