1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрекслер и Рокас: Поврзан Западен Балкан значи постабилна Европа

Даниела Трпчевска-Зафировска
22 октомври 2026

Германската амбасадорка Петра Дрекслер и евроамбасадорот Михалис Рокас порачаа дека поврзан Западен Балкан е важен предуслов за постабилна Европа, додека ЕУ продолжува да инвестира во Северна Македонија.

Знамињата на С. Макдонија и ЕУ 12.06.2017
ЕУ и Северна Македонија: Поврзаноста како отпорностФотографија: DW/M. Maksimovic

Во време кога војните, кибернападите и нарушувањата на глобалните синџири на снабдување сè почесто се претвораат во безбедносни и економски предизвици, регионалната поврзаност добива ново значење. Таа повеќе не се смета само за двигател на економскиот развој, туку и за важен елемент на отпорноста и стабилноста. Токму тоа е главната порака на германската амбасадорка Петра Дрекслер и евроамбасадорот Михалис Рокас кои на панел-дискусија во Скопје, оценија дека С. Македонија и Западен Балкан имаат значајна улога во зајакнувањето на европската безбедност во услови на новата геополитичка реалност.

„Регионалната поврзаност на Западен Балкан денес е геополитичка неопходност, а не само економска придобивка“, истакна германската амбасадорка Дрекслер на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и  Северна Македонија  во новата геополитичка реалност“.

Таа посочи дека економскиот раст, критичната инфраструктура и безбедноста се меѓу клучните теми и на средбата на европските и регионалните лидери во Црна Гора, во рамки на Берлинскиот процес.

„Поврзувањето на Западен Балкан заради зајакнување на отпорноста е нашиот непосреден заеднички одговор за зачувување на севкупната стабилност на Европа“, рече Дрекслер.

„Поврзувањето на Западен Балкан заради зајакнување на отпорноста е нашиот непосреден заеднички одговор за зачувување на севкупната стабилност на Европа“, рече Дрекслер.Фотографија: Government of North Macedonia

Отпорноста не е само инфраструктура

Според германската амбасадорка, отпорноста на инфраструктурата има стратешко значење не само за С. Македонија и регионот, туку и за Европа во целина. Таа нагласи дека современите предизвици бараат многу поширок пристап од заштитата на патиштата, електроенергетските мрежи или гасоводите.

„Она што ни е потребно денес е сеопфатен пристап кон отпорноста. Тоа подразбира киберотпорност за одбрана на меѓусебно поврзаните мрежи од хибридни напади. Подразбира и економска отпорност за заштита на нашите синџири на снабдување. Климатската отпорност не е само еколошка неопходност, туку и безбедносен императив“, истакна Дрекслер.

Таа се осврна и на ажурираните основни барања на НАТО за национална отпорност за 2026 година, оценувајќи дека тие ја нагласуваат потребата од пристап што ги вклучува и институциите и општеството.

Како примери за таков пристап во Северна Македонија ги наведе усвојувањето на Законот за кибербезбедност, со кој центрите за податоци и енергетските капацитети се третираат како критична национална инфраструктура, како и соработката со Украина, поддржана од НАТО, за воспоставување систем за командување при инциденти од новата генерација.

Според неа, отпорноста не може да биде одржлива без силни институции, подготвеност за кризни ситуации и координирано дејствување на сите нивоа.

„Функционалното и независно судство е основа и предуслов за сè друго. Без интегритет на судството и владеење на правото не може целосно да се воспостави институционалната доверба што е неопходна за долгорочна отпорност“, нагласи Дрекслер.

ЕУ продолжува да издвојува значителни средства за зајакнување на безбедноста и инфраструктурната поврзаност на С.Македонија, порача евроамбасадорот Михалис РокасФотографија: EU Delegation Skopje

Рокас: ЕУ инвестира во безбедноста и поврзаноста

Европската Унија  продолжува да издвојува значителни средства за зајакнување на безбедноста и инфраструктурната поврзаност на Северна Македонија, порача евроамбасадорот Михалис Рокас.

Тој истакна дека преку Европскиот мировен инструмент за земјата се обезбедени речиси 65 милиони евра, а се очекуваат и дополнителни 40 милиони евра за јакнење на воените капацитети. Тој оцени дека одговорот на актуелните предизвици мора да биде сеопфатен, бидејќи безбедноста, економската стабилност и поврзаноста денес се тесно поврзани.

Во делот на инфраструктурниот развој, Рокас потсети дека Европската Унија ја поддржува Северна Македонија уште од 2007 година преку повеќе финансиски инструменти. Преку Инструментот за претпристапна помош се обезбедени 1,2 милијарди евра, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан дополнителни 1,8 милијарди евра, а преку Планот за раст на ЕУ уште 750 милиони евра.

Поддршката, како што нагласи, не се однесува само на патната и железничката инфраструктура, туку и на енергетската и дигиталната поврзаност, како и на техничката помош потребна за реализација на проектите.

Рокас посочи дека Европа денес се соочува со сериозна геополитичка неизвесност, војни и конфликти кои влијаат врз трговијата, транспортните рути и животниот стандард на граѓаните.

„Силно сме посветени на тоа Северна Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. Но, ова влијае и врз нас и е многу важно за нас. Свесни сме дека денес имаме синџири на вредности и дека дури и ако се наруши само еден мал дел од нив, тоа влијае врз сите нас“, нагласи евроамбасадорот.

Според него, токму затоа заедничката работа, регионалната поврзаност и градењето на отпорноста остануваат меѓу најважните предуслови за стабилност и безбедност во Европа.

Панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“ беше организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми