1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Дроновите над Кремљ ја издаваат слабоста на Русија

5 мај 2023

Нападот го минира авторитетот на Путин во целата земја, веќе уморна од траењето и жртвите на „специјалната воена операција“ за која веќе сите разбраа дека е вистинска крвава војна. Пишува Ивор Мицковски

Русија објави фотографија од наводен напад со дрон врз КремљФотографија: Ostorozhno Novosti/REUTERS

Надлетувањето и соборувањето на два дрона над Кремљ, издигнато на ниво на обид за убиство на претседателот Путин и „терористичка акција“, создаде чувство на импотетност кај нуклеарната сила. Дека целта била да се убие Путине смешно тврдење имајќи предвид дека од почетокот на ковид пандемијата, Путин е сокриен во својот замок во Ново-Огарево и е опседнат со физичка дистанца дури и од своите најблиски соработници. Путин речиси никогаш не спиел во Кремљ, како впрочем и никој од неговите претходници.

Но, малите дронови, со ноќната експлозија и пламените јазици веднаш до руското знаме предизвикаа можеби нешто пострашно: го уништија имиџот на Путин како силен човек, столб на својот дведецениски систем на моќ. Ноќниот напад има силно симболично значење, затоа што се случува над светиот храм на моќта, некогаш империјална, потоа советска, а денес руска. Настанот, секако ќе го подигне нивото на параноја, но и на осветнички бес кај поранешниот полковник на КГБ, додека во исто време ќе го забрза натпреварот за наследник, затоа што во очите на народот ја поткопува довербата во лидерот и во воената супериорност на Русија.

Војските на Третиот рајх не успеаја да го загрозат симболот Кремљ, и грандиозниот споменик со три крста на 40 километри од Црвениот плоштад, гордо потсетува каде биле запрени. Наполеон, во својата трагична инвазија од 1812 година, на почетокот од повлекувањето ќе нареди да се уништи. Кремљ ќе биде миниран, приморувајќи ги самите московјани да ги ископаат дупките за експлозивот, но на крајот ќе биде уништена само една кула, други две оштетени, додека замокот од црвени цигли ќе остане неоштетен. Воздушниот простор над Кремљ секогаш се сметал за неповредлив, постои и уличен знак кој на тоа опоменува. Последен пат кога нешто слично успеало е кога германскиот тинејџер Матијас Руст го приземји својот мал авион со еден мотор на работ на Црвениот плоштад во 1987 година. Но, тоа беше времето на Студената војна и Горбачов го искористи случајот за да направи чистка меѓу воените старешини кои не му беа верни. Денес се наоѓаме во вистинска војна и останува да видиме која ќе биде реакцијата на руското раководство, настрана заканите кон Киев, кој е посочен како одговорен за нападот.

Забранета зона за дронови - предупредувачки знак пред КремљФотографија: AFP

Заканите на Кремљ

Руската нуклеарна доктрина вели дека земјата може да користи нуклеарно оружје доколку дојде под нуклеарен напад или ако се соочи со напад со конвенционално оружје што го загрозува „самото постоење“ на руската држава. Навистина би лансирале нуклеарен напад за две безпилотни возила кои произведоа дим над резиденцијата на Путин? Ако ја прашате хипер-патриотската фаланга од високите редови на руските институции, одговорот сигурно би бил – Да! Но, за верување е дека прагматичните одлучувачи одмавнуваат со раката.

Самиот напад, начинот на објавување, реакциите кои следуваа, наведуваат кон лажен или исцениран напад организиран од Русите со цел да организираат и оправдаат понатамошна ескалација на „специјалната воена операција“, токму во моментите кога Украинците најавуваат иминентна контраофанзива. Напад врз Кремљ воедно им отвара на Русите пропорционален одговор со идејата да се бомбардира Банкова, резиденцијата на украинскиот претседател Зеленски.

Теоријата дека самите Руси го организирале нападот за потоа да ги деактивираат дроновите, им одговара на НАТО круговите и општо гледано му дозволува на Западот да ги минимизира можните последици. Ситуацијата во Москва е нешто посложена. Се разбира, драстичните и претерани изјави уште еднаш им беа доделени на дежурните разгорувачи на војната, поранешниот руски претседател и заменик-претседател на рускиот совет за безбедност, Дмитри Медведев и претседателот на моќниот Долен дом на парламентот, Вјачеслав Володин. Медведев ќе изјави дека: „По денешниот терористички чин, не останува друга варијанта освен физичката елиминација на Зеленски и неговата клика“, додека Володин ја спореди украинската влада со терористичката „Исламска држава" и рече дека ќе бара „употреба на оружје способно да ја уништи“. Но, во реалноста, вистинските руски одлучувачи се далеку повнимателни и благо речено посрамени.

Силата на молкот

Во тоа дека нападот е дело на Украинците искрено е тешко да се сомневаме. Впрочем, ефектот којшто произлезе е токму онаков каков што стратезите од Киев посакуваа. Нападот за Путин е полош психолошки отколку воено: ова е шамар за неговата ароганција, голема пукнатина во неговата безбедност. Украинците мудро не преземаат одговорност, како што впрочем и никогаш не презеле за сите поголеми и дрски акции на „руска“ територија. Од нападот врз мостот Керч во Крим, преку атентатот врз Дарја Дугина, до убиството на истакнатиот провоен блогер Владлен Татарски во локал кој му припаѓал на Пригожин, крвавиот газда на трупите Вагнер.

Познавајќи го одлично менталитетот на КГБ и на Путин, затоа што долго време го споделуваа со Русите во СССР, украинските служби одлично знаат дека за еден „Чекист“ (како се нарекуваа луѓето на КГБ, некогашна Чека), негирањето и молкот се пострашна порака од отворен предизвик. Уште пострашно е погрешното насочување или наведување, кое наликува на вистинско исмејување: Киев тоа го постигна со насочување на одговорноста кон наводните „руски патриоти“.

Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Нападот го минира авторитетот на Путин кон неговите потчинети, а тоа е целата земја, веќе уморна од траењето и жртвите на „специјалната воена операција“ за која веќе сите разбраа дека е вистинска и крвава војна. Нападот ги расипа плановите на Путин за прославата на 9 Мај и големата парада, затоа што испрати сигнал дека Црвениот плоштад повеќе не е безбеден и дека Кремљ е ранлив. Конечно, нападот потврдува дека Украина, и покрај американското негодување, е подготвена на се` и способна за се`.

Симболичниот напад врз Москва го потврдува украинското ветување дека сакаат да стигнат до целосно ослободување на сите територии, вклучувајќи го и Крим, без страв дека тоа би го подигнало нивото на судир. Дури и по цена на напад од тактичко нуклеарно оружје. Протечените американски документи откриваат дека Белата куќа одамна стравува од евентуален напад врз Кремљ и дека предвидува или драматична ескалација или пак, прекин на огнот. Денес делува дека оваа втора опција е далеку подалечна и дека војната допрва ќе биде долга и мачна.

Многумина очекуваат од Путин бесна и жестока реакција, нови бомбардирања врз сите украински градови. Но, повеќе од само воените реперкусии, тоа што повеќе плаши се политичките последици во раководењето на војната. Многу веројатно е дека Путин со цел да го поврати нарушениот кредибилитет, би можел да ги присвои позициите на руските јастреби и да нареди дополнителна мобилизација и употреба на уште пострашно оружје против Украина. За некои, вистинската опасност е дека сличните напади ќе му овозможат на Путин актуелната инвазија да ја претвори во патриотска војна, без притоа да ја декларира како таква.

Тоа што е сигурно е дека ќе следува ескалација на конфликтот, по цена да се предизвикаат и НАТО средствата кои играат тивка, но круцијална улога во украинските операции.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми