Државна матура: Блокатори и контроли од идната година
5 јули 2024Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25 и е пониска во однос на минатите години. По мајчин јазик – средната оценка на учениците е 3,37, по англиски јазик е 3,06, по француски јазик – 4,47, по германски 4,32 и по математика - 3,71. Највисока средна оценка 5,0 на табелата има за полагањето на наставниот предмет - руски јазик. Полагале двајца ученици и добиле највисока оценка.
„Оценката можеби е малку пониска, меѓутоа споредено со она што сме го имале минатата година како начин на функционирање, можам да кажам дека е одлична оценка по однос на објективноста“, изјави денеска на прес-конференција, директорката на државниот испитен центар, Билјана Михајловска.
За споредба, просечната оценка на државната матура во 2023 година беше 3,65, во 2022 година - 3,78 и 3,61 во 2021 година.
Од идната година - блокатори и засилен контрола
Од следната година се размислува средношколците да полагаат матура на универзитетите, каде ќе можат да бидат поставени блокатори за мобилни телефони, со цел да се спречи препишување и злоупотреби. Ваквите мерки се преземаат откако на годинешното тестирање биле фатени 268 препишувачи и плагијатори.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави измени и засилени контроли при полагањето на државната матура.
„Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, вели Јаневска.
Се планираат и измени на правилниците за полагање државна матура, со цел да се зголеми одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.
Вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни полагаа задолжителен екстерен испит по мајчин јазик, а на 8 јуни се полагаше изборниот предмет. Откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека четворица ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. Оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици им е поништен испитот. Тие повторно ќе можат да полагаат во август.