1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државниот врв за М-НАВ: „Семејна фирма“ зрела за ремонт

ДТЗ
10 јануари 2024

По смените на раководните функции, расте притисокот за меѓународни и домашни контроли за работењето на М-НАВ. Се вршат проверки и кај синдикатот

Контрола на летање
По смените на раководните функции, расте притисокот за меѓународни и домашни контроли за работењето на М-НАВ. Се вршат проверки и кај синдикатотФотографија: Getty Images

М- НАВ е институција зрела за генерален ремонт, потребно е Еуроконтрол и домашните институции посериозно да се занимаваат со тоа што се случува таму. Ова се пораките коишто ги испрати државиот врв по минатонеделниот упад во М-НАВ, што резултираше со кривични пријави, и препораки за смени и назначување на ново раководство во Македонската навигација. 

„Со таа институција треба посериозно да се позанимава не само Владата, туку и Еуроконтрол. Нивното финансирање е од таму. Има неколку аспекти кои треба да се анализираат“, изјави денеска во Сарај премиерот Димитар Ковачевски. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека М-НАВ е станата „семејна фирма“. 

„Има до трето колено вработувања од исто семејство. На претседател на синдикат татко му работел таму, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое имаат конфликти кои обично се случуваат по дома“, рече Ковачевски.

Димитар Ковачевски вели рече дека М-НАВ е станата „семејна фирма“.Фотографија: Government of North Macedonia

Владата на седница во вторникот (09.01) му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ на позицијата претседател на Управен одбор и извршен директор да го именува Хекуран Асани, на местото на Фахрудин Хамиди.

На новинарското прашање дали станува збор за внук на Али Ахмети, премиерот рече дека не му е познато тоа, но дека станува збор за човек кој работел во М-НАВ веќе 25 години како контролор на летање. 

Првичните информации беа дека за нов директор ќе биде поставен Илир Мехмеди, но за кратко време се случи пресврт откако било утврдено дека тој не ги исполнува условите -  нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање, ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор. 

Ковачевски вели дека имало повеќе кандидати за оваа позиција. 

Притисок или стандардна процедура?

Покрај повикот за меѓународните организации да го проверат работењето на М-НАВ, Владата даде инструкции со кои ќе треба да се изврши контрола на работата и на институцијата и на синдикатите. 

Влада повика трудова инспекција да влезе М-НАВ. Ковачевски вели дека тоа не е политички притисок врз Синдикатот на контролорите на летање, бидејќи законски е предвиден надзор во оваа институција. 

Притисок или стандардна процедура: Владата бара трудов инспекторат да ги провери и синдикатите на Контрола за летањеФотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

„Законска можност е да се врши надзор врз синдикатите, дали излегуваат од своите надлежности. Тоа е законска одредба која не значи притисок“, вели Ковачевски.

Од Синдикатот на контролори на летање за ДВ коментираат дека контролите се стандардна процедура. „Нека проверат се` дали е регуларно, за да немаме случаи каде некој се вработува за да не мора да доаѓа на работа и да не работи ништо, а да зема плата“, велат од синдикатот.

Премиерот смета дека треба да се испита начинот на кој ги прават конкурсите и критериумите на селекција на кандидати, да не се случи некој кандидат да добие готови тестови. „Премногу случајности има за да бидат случајности“, рече Ковачевски.

Претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски минатата недела алармираше дека повторно се вработуваат несоодветни кадри, по што осуммина упаднаа во Контролата на летање, доведувајќи ја во прашање безбедноста во авиосообраќајот.

Генерален ремонт

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Тема на денот“ на Телевизија Сител рече дека кога се случи инцидентот, покрај од амбасадите добил реакции и од високи претставници на НАТО, чии прашања биле во насока на тоа дали е безбедно македонското небо и за авионите на НАТО.

Тој потсети дека незадоволството на контролорите на летање трае подолго време и дека нивниот синдикат реагираше и пред година – две, кога имаше обиди на данскиот конкурс да се примат неквалификувани кадри.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска потврди дека за инцидентот имало интерес од претставници на НАТОФотографија: MOD North Macedonia

Критична инфраструктура

„Се работи за дел од критичната инфраструктура. На неа се гледа со посебно внимание. Постои посебен закон за таа критична инфраструктура. Ние сме членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал. Во просториите на тој дел од критичната инфраструктура, да се пресметуваат физички луѓето како да е кафеана. Мислам дека од тука треба да тргнеме и извршните органи, пред сѐ Владата да влезе во процес на расчистување. Едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика. Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт“, рече Пендаровски. 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска потврди дека за инцидентот имало интерес од претставници на НАТО, бидејќи два авиони на Алијансата, дента на упадот на групата во која бил и кадарот на ДУИ, Беким Незири, летале кон Скопје. Таа побара судот да си ја преиспита одлуката за МНАВ и да ја сфати сериозно соостојбата затоа што настанот се случил во контрола на летање, објект на критична инфраструктура.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми