Унгарија: Јавниот сервис без информативни програми
8 јули 2026
Новата унгарска влада, предводена од премиерот Петер Маѓар,им нареди на телевизиските и радио станици на јавниот радиодифузен сервис привремено да ги прекинат сите вести и информативни емисии. Во вторникот попладне програмата дури беше целосно прекината четири часа, при што на екраните се појави само натпис дека јавните медиуми не смеат да лажат и дека се бара прошка затоа што тоа сепак се правело многу години.
Подоцна државната телевизија повторно започна со емитување, но оттогаш прикажува само филмови, серии, забавни и образовни програми. Премиерот Маѓар на Фејсбук напиша дека станува збор за историски ден и дека од тој ден престанува емитувањето пропаганда на платформите на јавните медиуми, додавајќи дека со тоа е ставена крај на таквата практика.
Претходникот на Маѓар, десничарскиот популист Виктор Орбан, кој беше поразен на изборите во април, ги стави јавните медиуми под строга контрола на своите соработници. Критичарите укажуваа дека информативните емисии на државната телевизија и радио повеќе не ги исполнувале критериумите за избалансирано и фер известување. За време на владеењето на Орбан, вестите главно содржеле еднострано пофалување на тогашната влада.
Владата на Маѓар, формирана од граѓанската партија Тиса, пред неколку дена го смени раководството на државниот медиумски холдинг МТВА, како и управите на медиумите што се под негова надлежност. Преку новинската агенција МТИ, новото раководство на холдингот соопшти дека моментално се работи на формирање нова редакција за вести. Како што ќе напредува овој процес, информативните програми постепено и континуирано ќе бидат повторно воведувани.
Орбан остро ја критикуваше одлуката за прекин на информативните програми во државните медиуми. На Фејсбук тој напиша дека ова е уште еден чекор на самоволието на партијата Тиса и ги повика сите што се заинтересирани за вистината да го следат Хир ТВ.
Хир ТВ е приватен информативен телевизиски канал што е под контрола на олигарси блиски до Орбан.