1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дуел на далечина на Зеленски и Лавров во СБ на ОН

ЕМФ | АРД | дпа
21 септември 2023

Размена на удари во Советот за безбедност на ОН - украинскиот претседател Зеленски и рускиот министер за надворешни работи Лавров имаа дуел на далечина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Советот за безбедност на ОН
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Советот за безбедност на ОН: Голем дел од светот ја препознава вистината за оваа војнаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Рускиот министер за надворешни работи демонстративно си остави време. Кога Сергеј Лавров стапи на сцената со навидум рамнодушен поглед, состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации беше во тек веќе два часа. Додека тој механички го читаше својот говор, украинскиот претседател се збогуваше.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Советот за безбедност на ОНФотографија: Mary Altaffer/AP Photo/picture alliance

Па сепак, со нетрпение очекуваниот состанок започна со размена на удари: рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небенсја, се жалеше поради тоа што прво требало да зборува Зеленски за состанокот да се претвори во „стенд-ап шоу“ на еден човек. Состанокот, според Небенсја, бил само спектакл.

Зеленски ја обвини Русија за „геноцид“

Володимир Зеленски очигледно уживаше голема поддршка во салата. Таму беше американскиот државен секретар Ентони Блинкен, исто како и канцеларот Олаф Шолц. Со омаловажувачки поглед во насока на претставникот на Москва, Зеленски ја обвини Русија за „криминален“ напад врз неговата земја и за „геноцид“.

„Голем дел од светот ја препознава вистината за оваа војна“, рече Зеленски.

Зеленски уште еднаш се изјасни за одземање на правото на вето на Русија во Советот за безбедност. Притоа, добро знае дека тоа би било невозможно според сегашните статути. Но, како и многумина говорници во генералната дебата на ОН оваа недела, Зеленски повика на реформи во Обединетите нации. Пред сè - проширување на Советот за безбедност и: „Мораме да ги земеме предвид промените во Европа, особено фактот дека Германија стана еден од најважните глобални гаранти на мирот и безбедноста“, рече Зеленски. „Тоа е факт. Факт е и дека Германија заслужува место меѓу постојаните членки на Советот за безбедност.

На Русија да ѝ се одземе правото на вето, побара украинскиот претседател ЗеленскиФотографија: Timothy A. Clary/AFP/Getty Images

Шолц ги повторува обвинувањата против Русија

Кога канцеларот Шолц, како последен говорник на тричасовната средба, зеде збор, Зеленски и Лавров веќе не беа таму. Шолц ја обвини Русија дека намерно го лиши светскиот пазар од милиони тони жито и ѓубриво што им се потребни на земјите ширум светот. Русија еднострано ја откажа Црноморската иницијатива за жито, влошувајќи ја сиромаштијата и несигурноста во снабдувањето со храната низ целиот свет. За ова нема никакво оправдување, оцени германскиот канцелар.

Сите тврдења дека рускиот извоз на земјоделски производи и ѓубрива е попречен со санкции се лажни, рече Шолц. „Нема санкции кои го попречуваат таквиот извоз. Напротив, Русија доминира на глобалниот пазар на ѓубрива. 2022 година беше рекордна година за извоз на руска пченица.“

Германскиот канцелар Шолц и украинскиот претседател Зеленски во ЊујоркФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Шолц повторно предупредува од „навидум едноставни решенија“

Во својот говор, канцеларот повика на сеопфатен мир за Украина врз основа на Повелбата на ОН. Но, како што направи и претходниот ден, тој јасно стави до знаење дека мора „да се биде внимателен со навидум едноставни решенија кои ветуваат мир само декларативно. Мирот без слобода е угнетување. Мирот без правда е диктат.“

По средбата, Шолц имаше разговор со Зеленски, на кој, според најавите, требаше да стане збор и за крстосувачките ракети „Таурус“ кои Киев ги бара од Берлин. Засега нема информации дали се разговарало за тоа. Германскиот канцелар досега е воздржан околу испораката на ваков вид оружќје. Тој сака да спречи ракети со дострел од 500 километри да погодат руска територија. Во оментов се разгледува као таа можност може да биде технички исклучена.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми