1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ и ВЛЕН ја извадија Пандорината кутија

15 август 2024

Било каков ветинг по начин предложен од ДУИ или амандман претставен од ВЛЕН, задира во разоткривањето на шупливоста на наративот ВМРО-СДСМ. Пишува Арсим Зеколи

ДУИ и ВЛЕН ја извадија Пандорината кутија Фотографија: Colourbox

Помина пролет, минува лето, есен пристига дуњи мои и се уште немам одговор на повикот до амбасадите на САД, ЕУ, Германија, Холандија, Франција, Австрија– во духот на нивното попување за транспарентност – да ги објават имињата и презимињата на ликовите со кои последниве 20 години ги делеле тие петсто милиони до една милијарда евра инвестиции во правосудство, медиуми, НВО итн. Објава од која би можеле да дознаеме многу за потеклото на имотите и богатствата на добар дел од нивните „реформски партнери од доверба во борбата против криминалот, корупцијата”. Но, не се предаваме во барањето и очекувањата од амбасадите. Иако е јасно дека на крај ќе добиеме уште една дипломатска акробатика во која нивната нетранспарентност е врв на демократијата а нашата – една мизерија невидена примитивна, балканска. Во која овие амбасади масивно и гломазно имаат инвестирано. И од неа бајаги капитализирано. Одговор, елем, не добив.  

Ветинг за сите  

Но, затоа добивме две понуди чија битност и драматичност се мери според усилбата на медиумите истата да ја игнорираат или панично да ја релативизираат.

Првата понуда стигна од ДУИ во форма на предлог и барање за ветинг за сите, ама значи за сите, политичари од времето на БЈРМ па до денешна Северна Македонија т.е. последните 30 години. Нема никаков сомнеж дека предлог-барањето е партиска агенда, трик, мимикрија, спин, опозициска мака и доцна памет и морал на ДУИ. Тоа е барем евидентно. Ден, два или три по предлог-барањето на ДУИ, ривалската ВЛЕН предложи „уставен амандман со кој законите ќе можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната постапка за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица”.

Поедноставено, амандман со кој се спречува истекување на кривични корупциски недела на функционери. Пак и повторно, јасно е дека ВЛЕН со предлогот му парира на предлогот за ветинг од страна на ДУИ и дека е всушност партиска агенда, трик, мимикрија, спин, позициска мака и освестување на ВЛЕН. Тоа е барем, евидентно. Она што не е евидентно, она што е збунувачки, она што е запрепастувачки во тие ставови на ДУИ и ВЛЕН не се предлозите како такви, туку решителното „Не! Не може. Никако! Ни за жива глава” одбивањето од ВМРО-СДСМ. Тивко поддржано низ молк од амбасадите на ЕУ, САД, Германија, Франција, Австрија. Тука паузираме за да се почешаме по тилот: човеци мои, па како е тоа можно?!

Да резимираме, значи. Партиите на до коска криминализираните, корумпирани, неписмени, неразумни, нецивилизирани, кланизирани, муслимизирани, фундаментализирани, неакадамизирани и генерално примитивни Албанци предлагаат директно, гради во гради, очи во очи, црно на бело соочување и пресметка со коренот, стеблото и крошната на криминалот и корупцијата во политиката на земјата. Од друга страна, партиите на совесните, газдинските, чесните, разумните, писмените, цивилизираните, отворенопштествените, христијанизираните, академизираните и генерално современите Македонци одговараат со – па ние не би тоа, фала на понудата. Притоа, со сочувствителна солидарност од амбасадите потресени од бруталниот, нечовечки, агресивен предизвик од – those damn Albanians! Од каде таа храброст на ДУИ во предлагањето тотален ветинг, од кој тие самите секако ќе излезат сведени на торзо без раце и нозе, а можеби и без глава?  

Прашања без одговор  

Нивните мотиви може да се интерпретираат и реинтерпретираат, но фактот останува дека ова не е првата понуда од ДУИ, исто како што истата ДУИ предлагаше излез од Влада на сопствена штета само за да поминат уставните измени. Истото вреди и за фамозното „кршење на правилото победник со победник” од која Северна Македонија доби НАТО, додека пак од ставот на ВМРО во полза на „победник со губитник” земјата доби знаменце за име, а Македонците улога на потстанари во бановината на Орбан и Вучиќ. И сето тоа под постерите на Гордана „Повторно твоја” Сиљановска. ВЛЕН можеби парира на ДУИ, но сепак и нивните челници се свесни дека елиминацијата на застарување на предметите може скапо да ги чини – лично или семејно.  Нивната понуда не е од голема помош во одржувањето на, и онака, тензичните и напнати односи во коалицијата, особено со олигархиската дружба ЗНАМ. Тогаш, настрана интерпретациите и реинтерпретациите за мотивите на ДУИ и ВЛЕН, која е причината за нивното предлагање и здруженото одбивање на предлозите од страна на ВМРО-СДСМ? Дали леснотијата на дадените предлози е предетерминирана од очекуваната реакција на „народотворните и државотворни”  политички партии на Македонците? Одговорот е сосема јасен. Целосниот ветинг, комплетната финансово-корупциска лустрација на политичарите од 1992 до 2024 е осакатувачка за албанскиот политички естаблишмент. Тоа сакатење извесно ќе ги чини и Мендух Тачи и Али Ахмети, Џеват Адеми и Крешник Бектеши, Теута Арифи и Џеват Адеми, Зијадин Села и Изет Меџити, Арбен Таравари и Артан Груби. Нема мајчин меѓу нив кој од тој ветинг нема да излезе помодрен во лице и со нога или рака покус. Но колку и да брутално ги осакати албанските партии, тој ветинг или  лустрација или ретрокација нема да биде фатален за албанската политичка сцена, навикната и  отворена кон нови политички здруженија, иницијативи и движења.

За разлика од македонската  политичка сцена. Каде комплетната финансиско-корупциска лустрација на политичарите од 1992 до 2023 треба да ги опфати и Бранко Црвенковски и Петар Гошев, Марјан Ѓорчев и Љубчо Георгиевски, Павле Трајанов и Ѓорѓи Спасов, Сања Божиновска и Трајко Славевски, Гордана Сиљановска и Владо Камбовски, Кочо Анѓушев и Ванчо Чифлиганец, Владо Бучковски и Максим Димитриевски. Треба ли да се напише очигледното?

За разлика од лустрацијата во албанскиот кампус со драматични, но неубиствени последици, ветингот и лустрацијата по финансово-корупциска основа во македонскиот кампус нема да биде погубен за самите партии, колку што ќе биде фатален за самиот концепт, суштина, срж, битие за самата држава, земја и народ. Затоа, дадените предлози се манифестација на виталноста. Одбивањата пак, приказ на заробената држава зависна од статус кво. Било каков ветинг по начин предложен од ДУИ или амандман претставен од ВЛЕН, задира во разоткривањето на шупливоста на наративот ВМРО-СДСМ со кој е исполнета срцевината на рбетот на македонската државност. И тоа е причината зошто САД и ЕУ со помпа, пизма, галама и дрскост инсистираа на ветинг во  Албанија, но не прифаќаа и нема да дозволат било каков сериозен (а не како бедната мимикрија  од лустрација на Груевски) предлог, камо ли изведба на ветинг или сериозна борба против корупцијата кај нас.  

Двојни стандарди  

Бидејќи, дури и доколку претпоставиме дека САД и ЕУ немаат директно учествувано во корупцијата на Северна Македонија, тие самите преку двојни стандарди, релативизација, амнестија и хипокризија имаат обезбедно дебели пердиња за криење на истата. Без замижување пред заднинските мотиви на ДУИ и ВЛЕН, силината и моќта на нивните предлози не се диктирани од предлозите како такви, туку од жестината и преплашеноста на ВМРО-СДСМ и западните амбасади истите да ги одбијат. Бидејќи, навистина, таквите предлози ја дестабилизираат државата по сите основи, а најмногу од се, по линија на рбетот и скелетот на државноста. Со нивните предлози ДУИ и ВЛЕН ја подвлекоа и редефинираа смислата на вистинска лојалност кон  државата, а не кон ВМРО-СДСМ. И воглавно македонските етнички партии кои со сопствената  ендемска коруптивна ментална култура ја имаат воздигнато нелојалноста кон државата на ниво  невидено уште од времето на паѓање ничкум пред златни телиња. Доколку не е така, нека ги  прифатат предлозите, прифатат меѓународен мониторинг и престанат да се кријат зад адамовото  детелинче на „си имаме ние закони, си имаме ние институции”. Имаме, шипинки варени во сос од џимиринки со едвај осум отсто вкус на чиа семки. Предлозите на ДУИ не ја отворија, туку само ја извадија на површина заборавената Пандорина кутија за вистините или вистината на оваа  држава. А длабоко во таа кутија не се крие raison d'etre на државата туку вистината за неа,  вистината како сублимат на секој народ. Албанците немаат проблем со вистината и затоа  акламативно ги прифаќаат, поддржуваат и поздравуваат предлозите на нивните партии и со  насмевка ги следат одбивањата на ВМРО-СДСМ. Македонците исто така немаат причина и  проблем со вистината и – покрај сите хистеризирања на јавноста – немаат против да ги прифатат  предлозите на ДУИ и ВЛЕН. Кои задираат длабоко во времињата на ТАТ и приватизацијата.  Проблемот со вистината, затоа, не е кај Албанците и Македонците. Туку кај оние партии, оној  партиски, олигархиски и медиумски естаблишмент навикнат, хранет, дебелеен во утилитарното гушење на вистините на сопствениот народ. Во замена на комотно, саможиво чмаење во  кучешката куќарка пред белградските палати. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми