1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албин Курти ги налути „интегративците“

ДТЗ
19 ноември 2024

Изјавата на косовскиот премиер Албин Курти дека албанскиот јазик не е под закана во Македонија, предизвика бурни реакции кај ДУИ. Тие порачаа дека станува збор за скандалозна изјава

Албин Курти
Косовскиот премиер Албин КуртиФотографија: Armend Nimani/AFP

Ескалираат полемиките за употребата на албанскиот јазик во Северна Македонија.Темата којашто веќе извесно време ја бранува политичката сцена во земјата, дополнително ја завреа изјавите на косовскиот премиер Албин Курти кој вели дека не е вистина оти албанскиот јазик е под закана во Македонија. Тоа предизвика бурни реакции на албанската опозиција во Северна Македонија. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека албанскиот јазик е официјален и „ќе го заштитат“. Според него, Охридскиот договор е постигнат со крвта на мачениците и е оживеан со најдобрите синови на ОВК кои го продолжија својот идеал во ДУИ, „додека ДУИ е жива, во опозиција или на позиција, нема да толерираме да биде погоден Охридскиот договор’. Како што објавува косовскиот „Бота сот“, Ахмети ова го изјавил на средба со стотина симпатизери и членови на партијата во Бутел. Разочарувањето на Ахмети следи откако тој во повеќе наврати минатиот период изрази уверување дека сите политички партии на Албанците во земјата, но и партиите во Косово ќе го заштитат албанскиот јазик. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека албанскиот јазик е официјален и „ќе го заштитат“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Очекуваме на заедничка средба со владата на Северна Македонија, владата на Косово да го покрене прашањето за албанскиот јазик. Очекуваме и реакција од сите партии во Косово. Ова прашање не засега сите“, порача тој во пресрет на меѓувладина седница која што се одржа во понеделникот во Приштина (18.11).  

Реагираше и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи. Тој вели дека изјавата на косовскиот премиер Албин Курти за албанскиот јазик во Македонија е „скандалозна“ и „штетна“. Османи смета дека Курти ја поткопува точката од Охридскиот договор која регулира употреба на албанскиот јазик во Македонија, која е постигната преку измена на Уставот во 2001 година.

Бујар Османи вели дека изјавата на косовскиот премиер Албин Курти за албанскиот јазик во Македонија е „скандалозна“ и „штетна“.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Нема закана за албанскиот јазик“ 

Причина за ваквите реакции е изјавата на косовскиот премиер Албин Курти по средбите со македонската владина делегација којашто беше во посета на Косово. 

„Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, рече Курти на прес-конференција по заедничката меѓувладина седница. 

Реакцијата следи откако пред еден месец, врвот на ДУИ испрати писмо до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд за укинување на „балансерот“, како и за најавата дека ќе бидат укинати делови од Законот за употреба на јазиците. 

„Ова прашање е на Уставниот суд во Северна Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени“, рече Курти. Според него, треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој вели дека нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата. 

Уставниот суд има побарано мислење од Венецијанската комисија, коишто дале забелешки за три члена од Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана“, вели косовскиот премиер.

На истото прашање се надоврза и премиерот Христијан Мицкоски, кој вели дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани судии во време кога на власт беа ДУИ и СДСМ. „Не знам од каде е впечатокот дека ние имаме влијание и ги контролираме сите политички партии во Македонија, што не е така. Сите треба да знаат дека од првиот со последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ-ДУИ“, рече Мицкоски. 

„Албанскиот јазик ќе напредува“ 

На иста линија се и размислувањата на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“. Според него, во Северна Македонија не постои закон за албански јазик за да може да се каже дека се укинува. Тој додаде и дека во подготовка е посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во институциите.

„Прво, ќе се поврзам со одговорот на Курти кој рече дека во Македонија не постоел закон за албанскиот јазик, па сега тој сега се укинува или прекршува. И второ, не се оспорува од Владата, туку има иницијатива во Уставниот суд каде деветте судии избрани од Владата на СДСМ-ДУИ и проблемот го прават тие судии на Уставен суд со мандат од минатото мнозинство“, вели тој. 

Уставниот суд, на барање на Владата на СДСМ-ДУИ, има побарано мислење од Венецијанската комисија и тие дале забелешки за три члена од Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија. „Правиме сè од себе да ги задржиме позициите на јазикот и да го унапредиме во иднина“, дециден е Меџити. 

„Гарантираме дека албанскиот јазик ќе напредува во Северна Македонија, исто како што најдовме решение и се формираше експертска група од партнерите во Владата кои работат на балансерот, кој беше само механизам, а сега зема димензии на законско решение или посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во Македонија“, додава тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми