1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ очекува плебисцитарна поддршка за нивниот кандидат

23 февруари 2024

Од ЕСП прашуваат - на кого му служи ДУИ и зошто го дели албанскиот глас?

Nord-Mazedonien Ali Ahmeti in Skopje
Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

 

ДУИ со кандидатот Бујар Османи  ќе бара масовна поддршка од Албанците, за да ги услови македонските кандидати во вториот круг, јавно да потпишат договор за  промена на Уставот.  Вака министерот од редовите на ДУИ, Артан Груби, објасни зошто е важно претседателскиот кандидат на ДУИ да обезбеди контингент од 150-200 илјади гласови во првиот круг на претседателските избори.

„Потребна ни е поддршката на Албанците на плебисцитарен начин, акламативно, во форма на референдум да го постигнеме тоа на овие избори, доколку обезбедиме 150-200 илјади гласови за претседателските избори. Ако ги обезбедиме овие гласови на 24-ти април во името на Бујар Османи, 150-200 илјади гласови, знаете ли колкав ни е багажот за изборите на 8-ми мај? Затоа што ќе кажеме, еве го имаш овој багаж со албански гласови, седни и потпиши јавно дека го менуваме Уставот за начинот на избор на претседател и за вклучување на Бугарите. Затоа што тие гласови ќе одредат кој ќе победи, кандидатот на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Артан Груби во дебата на ТВ Клан.

Чие е авторството?

Вчера беа изнесени сомненија дека од ЕСП побрзале да ја пласираат идејата за избор на претседател во Собранието на вонредна прес-конференција на Таравари, откако преку свои канали и/или медиумски објави предвреме дознале што ќе предложи лидерот на ДУИ следниот ден.

Од ДУИ нагласуваат дека идејата претседателот да биде избиран од Собранието ја имале во две партиски програми. Истото го повтори и лидерот на ДУИ на вчерашната прес-конференција.

„Ова е дел од програмата на ДУИ во 2020 година, од програмата во 2016 година, која детално опишува како треба да се избере претседателот“, рече Ахмети, објаснувајќи дека таквиот избор би продуцирал стабилност, а ќе се заштеди и значајни суми буџетски средства.

Kандидатот на ЕСП, Арбен Таравари, случајно е во политиката, оценува Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

Според Груби, ЕСП и нивниот кандидат за претседател Арбен Таравари немаат ни идеи, ни изборна програма и поради тоа се обиделе точките од програмата на ДУИ да ги претстават како свои. Тој оцени дека од ЕСП дури и не успеале јасно да ја разберат идејата за избор на  претседател на државата  во Собранието, бидејќи тоа не може да се направи само со двотретинско мнозинство во Собранието, затоа што во таков случај македонските партии би можеле да се договорат меѓу себе и да изберат кандидат, а Албанците да не бидат прашани воопшто. Според Груби, на ова му претходела политичката филозофија на Али Ахмети и ДУИ - патот до тој избор да биде и со  бадентерово мнозинство,  за да се добие  етнички консензус,  поточно одобрение од Албанците.

Тој оценил дека кандидатот на ЕСП, Арбен Таравари, случајно е во политиката, сезонски политичар кој нема шанси за победа ниту во албанскиот кампус, а камоли за влез во вториот круг.

ЕСП: Зошто ДУИ го дели албанскиот глас?

Од ЕСП (коалиција „Вреди“) го тврдат спротивното - дека токму „големата вест“ на Ахмети ја потврдува безидејноста на ДУИ и стравот на Ахмети да излезе на изборен мегдан, па го жртвувал Османи и го дели албанскиот глас.

„Првата работа е дека ДУИ е безидејна партија која со ад хок предлози покажува целосна немоќ да ги претставува Албанците на највисоко политичко ниво. Крајно деградирачки за митот за Али Ахмети е да излегува со вакви бајати тези само за да конкурира на предлогот на кандидатот на здружената албанска опозиција Арбен Таравари - изборот на шефот на државата во иднина да се прави во Собранието“ изјави Фари Хисени од коалицијата.

Второто нешто кое според ЕСП го потврдила ДУИ - е дека сѐ уште живее во филмот оти има монопол врз принципите за стратешкото партнерство со ЕУ и САД.

„Наместо да се обидуваат да објаснат зошто Али Ахмети се плаши да се појави на мегдан и да се натпреварува, па за тоа го жртвуваат Бујар Османи, нека излезат од теснопартиските интереси и нека го поддржат Арбен Таравари како прв претседател Албанец. Логично се поставува прашањето: Зошто ДУИ го дели албанскиот глас? На кого му служи сега Али Ахмети? Коалицијата „Вреди“ не се бори за утешни награди, туку за чесна и вистинска улога на Албанците во политичкиот живот. Ако Али Ахмети не може да се бори за интересите на албанскиот народ, фер е тој да оди во политичка пензија“, порача Хисени.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми