1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ во одбрана на лидерот- Али Ахмети не се повлекува

ДТЗ
24 октомври 2025

Партискиот портпарол Арбр Адеми демантира дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети се повлекува од функцијата. Тој најавува поголема мобилизација на гласачкото тело пред вториот круг на локалните избори.

Али Ахмети и членови на ДУИ
ДУИ во одбрана на лидерот- Али Ахмети не се повлекуваФотографија: DW/P. Stojanovski

Демократската унија за интеграција ги демантираше гласините дека лидерот на партијата, Али Ахмети, ќе се повлече од политичката сцена по неповолните резултати на локалните избори во Македонија, коишто се одржаа на 19 октомври.

„Станува збор за лажна вест“, вели потпретседателот на партијата Арбр Адеми во изјава за повеќе медиуми.

Во екот на кампањата за вториот круг на локалните избори, веста ја објави медиумот на албански јазик „Фол“, кој наведува дека Ахмети сериозно размислувал да се повлече од активната политика по изборите.  Медиумот, повикувајќи се на партиски извори, наведува дека Ахмети веќе разговарал за оваа одлука со дел од своите најблиски соработници, како и со политички партнери од Албанија и Косово.

„Конечната одлука се очекува да биде објавена по завршувањето на вториот круг од локалните избори, со цел да не се влијае врз исходот за кандидатите на партијата, наведува „Фол“.

Но, според Адеми, станува збор за дезинформација. 

„Лажна вест е објавата дека нашиот лидер, Али Ахмети, ќе се повлече од политичката сцена. За такво нешто воопшто нема да се расправа на денешната седница на партиското претседателство“, порача портпаролот на опозициската ДУИ за весникот „Вечер“. 

Деморализација на гласачите

Целта на таквите дезинформации, според Адеми, е да се деморализираат нивните гласачи во пресрет на вториот круг на локалните избори на 2 ноември.

„Повлекувањето на Али Ахмети воопшто не доаѓа предвид. Напротив, ние се чувствуваме како победничка партија на локалните избори. Освоивме 23.000 гласови повеќе од „Вреди“, го зголемивме и бројот на советници на 120. Со толку гласови на парламентарните избори би го зголемиле бројот на пратениците на 20, додека од 'Вреди' би освоиле само 15“, вели Адеми.

Тој во изјава на ТВ 24 најавува дека највисоките партиски членови на Централното претседателство на ДУИ ќе ги анализираат резултатите и ќе се прави стратегија за вториот изборен круг. Партијата најавува и мобилизација на гласачите за вториот изборен круг, со цел во што поголем број да излезат на гласачките места.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми