1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Асанж излезе од затворот во Лондон

ЕМФ | агенции
25 јуни 2024

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж излезе од затворот во Лондон. Тој е на пат за Северните Маријански Острови, американска територија во Пацификот, каде го очекува судско рочиште.

Џулијан Асанж
Џулијан Асанж оди кон авионот на аеродромот Станстед, кај ЛондонФотографија: @wikileaks" via X/Handout via REUTERS

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж најверојатно ќе склучи договор со американските власти, објавија повеќе медиуми кои се повикуваат на американски судски документи. Новинарот и свиркач сака да се изјасни како виновен во рамки на договорот со Министерството за правда на САД. Се очекува по неговото признание на вина и осуда за обвиненијата за шпионажа, тој да се врати во својата родна Австралија.

Светските агенции објавија дека Асанж се качил на чартер лет во Лондон. Авионот сега е во Бангкок, каде полни гориво, јавува агенцијата АФП повикувајкќи се на информации од висок службеник на Тајланд. Потоа, како што се додава, авионот би требало да го продолжи патувањето кон островот Саипан.

Асанж би требало да се појави пред судот во среда наутро и да биде осуден на 62 месеци затвор, при што треба да бидат земени предвид петте години кои ги мина во британски затвор.

„Џулијан е слободен!!!“

Платформата Викиликс во текот на ноќта објави дека Џулијан Асанж го напуштил затворот Белмарш, кај Лондон, и објави видео кое би требало да го прикажува Асанж како се качува во авион на аеродромот Станстед. Неговата сопруга Стела Асанж го реобјави видеото и напиша: „Џулијан е слободен!!!!“ Таа им се заблагодари на сите поддржувачи на нејзиниот 52-годишен сопруг.

Мајката на Асанж, Кристин Асанж, во изјава исто така изрази благодарност „што на мачеништвото на мојот син конечно му доаѓа крај“. Како и Стела Асанж, и таа им се заблагодари на „невидливите, вредни луѓе“ кои ја ставиле благосостојбата на нејзиниот син „над сè друго“, цитираше од изјавата австралиската телевизија Еј-Би-Си.

Таткото на Асанж, Џон Шиптон, исто така, во интервју за телевизијата рече: „Изгледа дека Џулијан ќе може да ужива во својот нормален живот со своето семејство и неговата сопруга Стела, така јас тоа го разбирам“.

Обвинувања за шпионажа

Асанж е обвинет дека од 2010 година објавил околу 700.000 доверливи документи поврзани со воени и дипломатски активности на САД. Тој од 2019 година е во високо обезбедуван затвор во Лондон, откако претходно седум години мина во еквадорската амбасада во Лондон со цел да избегне негова испорака на Шведска поради обвинувања за сексуална присила, кои подоцна беа отфрлени.

Со договорот кој сега е постигнат треба да се стави крај на долгогодишниот спор во врска со обидите на САД за испорака на Асанж од Велика Британија со цел тој да биде обвинет во таа земја според законот за шпионажа.

Британски суд го одби барањето на САД за екстрадиција во 2021 година со образложение дека Асанж најверојатно ќе си го одземе животот доколку биде затворен во САД под строги услови. Повисоките судски инстанци потоа ја поништија пресудата откако САД дадоа гаранции. Британската влада потпиша налог за екстрадиција во јуни 2022 година. Асанж презеде чекори против заканата за екстрадиција во САД - со успех. Во мај, Високиот суд одлучи дека основачот на Викиликс може да поднесе жалба против негова екстрадиција. Адвокатите на Асанж ги критикуваа гаранциите на САД за безбедност на 52-годишникот како „еклатантно недоволни“.

Плакат на протести во Лондон на кои се бараше ослободување на Асанж (20.05.2024)Фотографија: Kin Cheung/AP Photo/picture alliance

Договорот не доаѓа сосема неочекувано. Американскиот претседател Џо Бајден беше под сѐ поголем притисок да ја запре долгогодишната постапка против Асанж

Австралискиот премиер се залага за враќање на Асанж

Засега нема официјална потврда од британските власти за договорот меѓу Асанж и САД. Австралискиот премиер Ентони Албанезе го поздрави ослободувањето на Асанж, но во исто време критикуваше дека случајот се одолговлекувал предолго. „Сакаме тој да се врати во Австралија“, нагласува Албанезе.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми