1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Дваесет години власт на Ердоган и неговата АКП

Елмас Топчу
3 ноември 2022

На 3 ноември 2002 година на власт во Турција дојде Ердогановата новооснована Партија за правда и развој, АКП. Оттогаш таа владее непрекинато со земјата и со секоја нова изборна победа станува сè поавторитарна.

Реџеп Таип Ердоган пред членови на АКП
Реџеп Таип Ердоган пред членови на АКПФотографија: DHA

Галопирачка инфлација, голема невработеност, огромен државен долг и корупција. На власт трипартитна коалиција со раскарани партии и владини оставки. Згора на сѐ, се разболува 77-годишниот премиер Булент Еџевит. По ова, во 2002 година во Турција се случува тешка економска и политичка криза. Се распишуваат нови избори, на кои народот одлучува да ги казни етаблираните политички партии. Само две партии успеваат да влезат во парламентот. Победник е најнеискусната, Партијата за правда и развој, АКП, основана само една година претходно, на чело со силната лидерска фигура Реџеп Таип Ердоган. 

На 3 ноември 2002 година, АКП од нула стигна до апсолутно мнозинство, освојувајќи 363 од 550 места во парламентот. Оттогаш таа победува на сите парламентарни избори во земјата.

По изборната победа таа ноемвриска вечер, во својот говор Ердоган рече: „Како што кажа Ататурк: се владее безусловно за народот. По трети ноември започнува нова ера во Турција. Денес, ако даде Господ, отвораме ново поглавје. Подготвени сме да ја преземеме одговорноста да ја поведеме Турција во ново подобро време.“

АКП вети дека ќе ги почитува различните животни стилови на сите граѓани, дека ќе спроведе програма со која ќе се подобри работата на институциите и ќе го турка процесот на зачленување во ЕУ. На почетокот се зборуваше за реформи, рамноправност, правда и просперитет.

Првите успеси на АКП

Во годините што следеа АКП всушност успеа да постигнува постојан економски раст. До 2012-тата, економски разнишаната земја успеа да го зголеми БДП за повеќе од трипати. Од успесите на АКП не беа задоволни само нејзините гласачи, туку таа доби поддршка и од социјалдемократите, интелектуалците и Курдите. Во годините потоа партијата создаде своја средна класа, а преку доделување на државни договори и тендери, и супер-богата елита која ја поддржува до денес.

Преку различни уставни промени АКП се наметна и против влијанието на војската и таканаречената етаблирана секуларна елита. Коосновачот и пријател на Ердоган, Абдула Ѓул, беше избран за претседател. Ова беше пресвртна точка. Никогаш претходно исламски конзервативен политичар, чија сопруга носи шамија, не бил назначен на ваква функција.

Во првите години од владеењето, АКП бележеше успесиФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Во втората половина од периодот на владеење на АКП речиси и да не остана ништо од првичните ветувања за реформи, засилување на демократијата и модернизација на земјата. Од протестите во Гези, летото 2013 година, таа ја покажува својата брутална страна. По обидот за преврат на 15 јули 2016 година, Ердоган и неговата АКП се занимаваат само со тоа како да ја задржат власта. Се менуваат закони, се прошируваат овластувањата на Ердоган, а Парламентот сѐ повеќе губи на значење. Денес во Турција владее режим во кој поделбата на власта е во рацете на еден човек - Ердоган. Полицијата и обвинителството чекаат само знак за да преземат мерки против критичари, уметници, учители, лекари, адвокати и студенти. И покрај бројните корупциски скандали во кои се вмешани високи политичари од АКП, партијата останува на власт. Нема државен обвинител кој би имал храброст да покрене истрага против нив.

АКП е „фан клуб“ на Ердоган

Кристијан Бракел, раководител на фондацијата „Хајнрих Бел“ во Турција, оценува дека АКП радикално се променила од нејзиното основање до денес. Она што пред дваесет години започна како широко народно конзервативно движење, кое на почетокот дури имаше поддршка и од либералите, во последниве 20 години се промени во „фан клуб на Ердоган“, вели тој во интервју за ДВ. И покрај тоа што АКП денес има создадено импресивни мрежи во базата, како здруженија на жени, меѓусоседска помош, економски здруженија или здруженија на млади, партијата во основа е скроена по мерка на Ердоган.

Кристијан БракелФотографија: picture-alliance/dpa/M. Redeligx

Бракел нагласува дека сега веќе нема ништо останато од либерално-конзервативните идеи на почетокот. Според него, идеологијата и реториката на АКП осцилираат меѓу волјата за економска модернизација и прикриените националистичко-религиозни фантазии за враќање на поранешната голема сила. Нејасно е колку од ова е поттикнато од вистинско убедување, а колкав дел се должи на потребата од испраќање едноставни пораки до населението.

Наратив на жртва

Станува сè потешко да се утврди за што се залага АКП. Во нејзиниот наратив и натаму доминира исламистичко-конзервативната идеологија. Таа и нејзините поддржувачи секогаш се прикажуваат како жртви на Републиката. Според нивното толкување, жените со шамии со децении биле обесправени во Турција, а побожните муслимански верници дискриминирани од владејачката секуларна елита.

Шамијата честопати се инструментализира во ТурцијаФотографија: SEDAT SUNA/EPA-EFE

Минатата недела на пример, шефот на пратеничката група на АКП, Махир Унал, го претстави исламистичко-конзервативното гласачко тело на партијата како губитник од реформите на Ататурк. Алудирајќи на воведувањето на латиницата при основањето на Турција, тој рече: „Републиката го уништи нашиот јазик, нашиот вокабулар, нашата азбука и начин на мислење.“

- повеќе: Одметнатите: Бунт во Ердогановата АКП

По жестоките критики, Унал даде оставка. Тој ретерираше, велејќи дека е горд на својот турски јазик и на својот народ, на Турците. Но, во понеделникот (31.10) сепак мораше да се повлече од функцијата, по сугестија од партијата поради пад на поддршката од населението.

Салим ЧевикФотографија: privat

Д-р Салим Чевик, од фондацијата Наука и политика (СВП), смета дека оваа „флексибилност“ на АКП истовремено е и нејзината силна страна. Во АКП Ердоган го има главниот збор, а партијата се прилагодува на него. Ердоган мошне брзо умее да ги менува своите позиции, нагласува Чевик.

„Денес може да води мировен процес со Курдите, утре да покрене воена акција против нив. Денес може да преговара со ЕУ, следниот ден да е жесток противник на Западот“, вели тој. И во сето ова успева да ја има поддршката од неговите следбеници. Според експертот за Турција, овие радикални промени се чини не им влијаат на гласачите. На претседателските избори во 2018 година, Ердоган доби 64,8% поддршка од Турците што живеат во Германија кои излегоа да гласаат.

Парламентарни и претседателски избори во 2023 година

 Според анкетите, АКП во моментов има поддршка меѓу 30 и 32 проценти. Со својот коалициски партнер, ултранационалистичката МХП, достига до 38%. Сепак, рејтингот на Ердоган е многу поголем од оној на неговата партија.

Она што е ново во Турција: За првпат, шест многу различни опозициски партии склучија сојуз против АКП. Друга алијанса сковаа Курдите и социјалистите. Дали на следните избори во 2023 година претседателското место и парламентарното мнозинство ќе останат во рацете на АКП или нивното владеење по 20 години ќе биде разнишано?

Шест многу различни опозициски партии склучија сојуз против АКПФотографија: ANKA

Според експертот Бракел, во случај опозицијата да освои мнозинство во парламентот, а Ердоган да остане претседател во земјата, ќе има нестабилна влада. Според неговото мислење, Ердоган тогаш ќе владее со уште поголемо игнорирање на парламентот. Сепак, опозицијата би можела да му го отежне животот - резултатот веројатно би биле предвремени избори. Меѓутоа, доколку опозицијата го добие и претседателското место, според Бракел, тие би се соочиле со големиот предизвик брзо да постигнат опипливи подобрувања за клучните прашања, како што се миграцијата и економијата, што не е лесно. Според Бракел, голем е ризикот дека широкиот опозициски фронт брзо ќе се распадне под товарот на власта. Овој експерт предвидува дека АКП во тој случај би можела да се врати на голема врата на претстојните локални избори во 2024 година.

Салим Чевик од СВП верува дека Западот и странските инвеститори дотогаш ќе вложат напори на мирен начин да се справуваат со Анкара и дури потоа да ја променат својата политика кон Турција. Сепак, еден не би се воздржал, туку активно би му помогнал на Ердоган да победи: рускиот претседател Владимир Путин. Чевик додава дека тој веќе му дава поддршка и секогаш го уфрла Ердоган во игра како посредник во украинската криза, а исто така му помага и економски. Следните неколку месеци ќе покажат до каде ќе оди Путин и дали неговите напори ќе ѝ помогнат на АКП да остане на власт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми