Две години од војната во Газа: Што постигна Израел?
7 октомври 2025
Беше еден од најмрачните денови во историјата на Израел и ја погоди земјата сосем неспремна - на 7 октомври 2023 година бројни радикално исламистички борци од Хамас и други милитанти од Газа, ги совладаа силно обезбедуваните гранични премини, продреа длабоко во Израел, убија повеќе од 1.200 луѓе и одведоа околу 250 други како заложници во Појасот Газа. Траумата од такватаранливост до денес се чувствува во Израел. Тоа се и две од најмрачните години во историјата на Палестинците. Само еден ден подоцна израелската влада одлучи да го нападне Појасот Газа. Од тој момент до сега се убиени повеќе од 65 илјади лица, според наводи од Министерството за здравство во Газа. Повеќе од 160 илјади се повредени, а можно е вистинскиот број на жртви да е и уште поголем. Според ОН, над 90 проценти од станбените згради се уништени или оштетени. Во големи делови од Појасот Газа владее акутен глад, а повеќе од 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени на територија само нешто поголема од северниот германски град Бремен.
Воените цели на Израел само делумно остварени
Во контекст на масакрот од 7 октомври 2023 година, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прогласи две воени цели - ослободување на сите заложници и целосно разбивање на Хамас. Две години подоцна и покрај сите напори, двете цели не се целосно постигнати. Од 251 заложници, 148 во Израел се вратени живи - при што само осум од нив беа ослободени од страна на израелската војска. Останатите 140 беа ослободени од Хамас, главно во замена за голем број палестински затвореници во Израел.
Телата на неколку починати заложници исто така беа вратени, а според израелската влада уште 47 заложници се и натаму во рацете на Хамас, од кои веројатно само уште 20 се живи. А, и Хамас и натаму постои. Во изминатите две години навистина беа убиени многу борци од организацијата која е категоризирана како терористичка од страна на Израел, ЕУ и САД, еврејско-американската лоби организација Ј-Стрит наведува цифра од 23 илјади во неодамна објавениот извештај. Израелската армија елиминираше и неколку лидери, како Исмаил Ханија или Џихија ал-Синвар, но организацијата и натаму е активна. Според J-Стрит, таа се трансформираше од паравоена организација во децентрализирана герилска војска.
Доколку навистина биде спроведен планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп кој минатата недела го претстави за Газа, воениот биланс на Израел ќе доживее промени бидејќи планот предвидува ослободување на сите преостанати заложници. Хамас треба да биде разоружана, а борците кои „се обврзуваат на мирен соживот“ треба да добијат амнестија. Тоа фактички би значело крај на Хамас како вооружена паравојска. Сепак е неизвесно дали нивната идеологија било кога би можела да биде целосно искоренета.
Непријателите на Израел воено заслабени
Крвавиот конфликт од изминатите две години не се ограничи само на Газа. Хезболах, која е активна во Либан, како и Хутите во Јемен непосредно по почетокот на војната се солидаризираа со Хамас - сите три важат за финансиски и воено поддржувани од Иран. Израел против сите овие организации презеде мерки - со значителен воен успех. Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах беше убиен во воздушен напад во Бејрут, а бројни борци паднаа жртви на напад со далечински управувани пејџери, кои го привлече вниманието на светот. Во комбинација со натамошни воздушни напади врз јужен Либан, Хезболах беше значително ослабена. Израелските воздухопловни сили со денови изведуваа напади врз Иран и нанесоа сериозна штета на атомската програма на земјата. Фактот дека лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, беше убиен во воздушен напад во срцето на Техеран, беше дополнителен срам за тамошниот режим.
Обвинувања за геноцид и надворешно-политичка изолација
Политичката цена за таквите стратешки успеси е висока. Особено начинот на војната, доведе до масовни меѓународни критики на сметка на израелската влада. Во текот на изминатите две години, израелската војска бомбардираше болници и училишта во Газа, убивајќи илјадници жени и деца, како и бројни медиумски работници, спасувачи и хуманитарни работници.
Хуманитарните испораки за страдалното цивилно население во многу наврати беа задржувани - со укажување дека не смее да паднат во рацете на Хамас. Сето тоа доведе до обвинувања за геноцид против Палестинците на сметка на израелската влада. Комисијата за човекови права на ОН, најголемото светско здружение на истражувачи на геноцид, па дури и некои израелски организации за човекови права како што се Б'Селем и Лекари за човекови права отворено зборуваат за тоа дека Израел врши геноцид во Газа - тврдење што израелската влада жестоко го отфрла.
Признавање на Палестина и закана со санкции од ЕУ
Сè побезизлезната ситуација на палестинското цивилно население во Газа даде поттик за признавање на Палестина како независна држава. На 7 октомври 2023 година ширум светот имаше 137 држави кои признаваа независна палестинска држава; две години подоцна веќе има уште 20 плус, меѓу кои и важни држави како Франција, Велика Британија, Шпанија, Австралија и Канада. Сите тие на тој начин сакаат да истакнат дека држат до решение со две држави на Блискиот Исток - иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе евидентно ја отфрла таквата идеја. Тој го осудува признавањето како наводна „награда“ за теророт на Хамас - иако сите држави кои неодамна ја признаа Палестина, ја исклучија можноста Хамас да игра улога во обликувањето на државата. Како реакција на војната во Газа бројни земји го замрзнаа извозот на оружје во Израел.
Голем број држави, меѓу кои Колумбија, Јужна Африка и Малезија, воведоа санкции против Израел. ЕУ веќе подолго време дискутира за воведување економски санкции против земјата - сè поголем број земји-членки се и за суспендирање на Договорот за асоцијација на ЕУ со Израел, за ограничување на безвизниот режим за израелските државјани или блокирање на увозот од населените на Западниот Брег. Сепак, Германија и некои други земји-членки на ЕУ до сега одбиваат да ги преземат таквите чекори.
Зрак надеж: планот на Трамп
Минатата недела, планот на Доналд Трамп за Газа конечно предизвика раздвижување во конфликтот, но и натаму е нејасно дали планот всушност ќе биде спроведен. И дури и иницијативата на американскиот претседател да успее да доведе до примирје по 24 месеци војна, раните нанесени на двете страни на 7 октомври 2023 година и во двете години потоа, ќе останат - можеби и со години и децении.