Мерц предупредува од нов бран на антисемитизам во Германија
7 октомври 2025
Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупредува од антисемитизам во Германија по повод втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел. „Од 7 октомври 2023 година, сведоци сме на нов бран на антисемитизам во Германија. Тој се манифестира во стари и нови форми – на социјалните медиуми, на универзитетите, на нашите улици; сè погласно, сè побезобразно и сè почесто во форма на насилство“, рече канцеларот во видео порака.
Тој им се обрати со молба на сите во Германија. „Пријдете им денесka, пријдете им утре и задутре на нашите еврејски граѓани, каде и да е тоа можно. Пријдете им на еврејските заедници.“ Сите треба да покажат дека стојат покрај Евреите. „И дека заедно ќе сториме сè за Евреите овде во Германија да можат да живеат без страв, да можат да живеат со доверба“, рече Мерц.
На 7 октомври 2023 година, терористи на радикалниот исламистички Хамас, заедно со други исламисти, го извршија најстрашниот масакр во историјата на Израел. Тогаш беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници во Појасот Газа.
„Сите заложници мора веднаш да бидат ослободени“
Мерц рече дека 7 октомври оставил длабока рана. „Тој е запишан како црн ден во историските книги на еврејскиот народ. Пред две години, Хамас варварски го нападна Израел“, рече канцеларот.
За киднапираните заложници, Мерц рече: „Тие трпат незамисливо, денес веќе две долги години.“ Страдањето на нивните роднини може само да се претпостави, рече канцеларот, осврнувајќи се и на разговорите со роднините на заложниците оваа недела во канцеларскиот кабинет во Берлин. „Но, ние ја споделуваме нивната болка. И го потврдуваме нашето барање: Сите заложници мора веднаш да бидат ослободени. Полагаме голема надеж во мировниот процес.“