1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ навестува пресврт во каматите

ЖА
11 април 2024

Европската централна банка планира да ги намали каматните стапки ова лето. Иако основната каматна стапка засега останува недопрена, централната банка навестува олабавување на монетарната политика во наредните месеци.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард
Претседателката на ЕЦБ, Кристин ЛагардФотографија: Florian Wiegan/Eibner-Pressefoto/picture alliance

И покрај падот на инфлацијата, Европската централна банка (ЕЦБ) се држи до своите рекордни каматни стапки.  Сепак, централната банка укажува на скорешен пресврт кај каматите. Првично  основната каматна стапка ќе остане на 4,5 проценти,  како што објави во четвртокот Советот на ЕЦБ по сојата седница во Франкфурт. Релевантната депозитна стапка на финансиските пазари, која финансиските институции ја добиваат за чувањето на вишокот средства од ЕЦБ, остана на четири проценти.

Во исто време, монетарните власти предводени од претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард посочија дека наскоро ќе започнат пресврт во каматните стапки: „Доколку ажурираната оценка на инфлациските изгледи, динамиката на  основната инфлација и силата на монетарната трансмисија натамошно ја зајакнат довербата на Советот на ЕЦБ дека инфлацијата трајно се приближува кон посакуваната целна вредност, би било соодветно олеснување на тековното затегнување на  монетарната политика“, се вели во соопштението.

ЕЦБ се држи до рекордни високи клучни стапки од септември 2023 година, кога последен пат ги зголеми каматните стапки во борбата против инфлацијата. Инфлацијата во Еврозоната сега падна на 2,4 отсто во март, 2,6 отсто во февруари и 2,8 отсто во јануари.  Целта на ЕЦБ  од два проценти, како оптимално ниво за валутната област на среден рок, сега е на дофат.

Времето на висока инфлација, која на моменти во есента 2022 година се искачуваше до над десет проценти, очигледно се минато.

Во изминатите недели редица економисти изнесоа мислење дека 6 јуни би бил погоден момент за промена во каматната политика.

Прво намалување на каматите во јуни, без оглед на падот на инфлацијата, очекуваат и експертите.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми