Се запали автобус од Прилеп за Скопје кај наплатната рампа Отовица. Во строгиот центар на Скопје бил жртвуван овен за успешна градба на зграда крај Рамстор. Во Радовиш гори депонија, властите го советуваат населението да не излегува без потреба надвор, или, ако излезе, да престојува кратко и да носи заштитна маска.
Иако изгледаат како вести од старото време, а некои и како вести од среден век, ова се вести од денешницата. Еден сосема обичен ден во Македонија, во кој во движење се запалил автобус кој пренесувал патници од еден од поголемите градови во државата кон метрополата. И во кој некој градежен бос со многу пари, а со малку вкус и животен стил, решил да ги зацврсти темелите на своето мегаломанство со убивање на овен. И ден во кој започна агонијата на земјава со загадениот воздух поради негрижа и неспособност на оние што 35 години ја водеа државата. Толку беа неспособни што не успеаја барем во тоа што и самите нив ги засега – да им обезбедат на своите сограѓани воздух без смртоносни честици.
Тој сосема обичен ден во Македонија, се разбира не помина без редовната доза пропаганда. ВМРО-ДПМНЕ го нарече опозицискиот лидер Венко Филипче бугарски пион. Али Ахмети рекол дека претседателот на владата Христијан Мицкоски се однесува како обвинител од Тему. И така пројде уште еден ден со оцрнувања ти за мене, јас за тебе.
Мнозинството наспроти малцинството
Човек просто да не верува дека живееме во 21 век, време на технолошки напредок, вештачка интелигенција, пат околу Месечината, роботи кои служат кафе или продаваат во трговските центри, и роботи кои асистираат по дома. Нашата земја се претвори во „неапдејтувана“ заедница која со години го пропушта редовниот „апдејт“ и сега живее далеку зад напредокот карактеристичен за векот во кој живееме.
Ако не верувате прочитајте ги коментарите под објавата на веста за жртвуваниот овен, без оглед дали е вистина или не. Колони сограѓани жестоко полемизираат тврдејќи дека принесувањето на жртва кога се копаат темели за зграда е правилна постапка и дека произлегува од традицијата. Не се обидувајте да им противречите. Ги има многу, повеќе се од вас, тие се мнозинството, вие сте малцинството. Мнозинството народ во Македонија не се згрозува од таква постапка, напротив ја смета за корисна и за порака до бог дека ете жртвата е принесена и нема потреба од други жртви. Обезглавениот овен е гаранција дека во текот на изградбата на ниту еден градежен работник нема да му биде загрозен животот поради немање заштита и соодветна опрема, затоа што апетитот на севишниот за жртви е задоволен.
Не сакам да одам понатаму и да шпекулирам дали газдата кој решил да ги заштити своите ѕидари со колење на животно, навистина верува дека тоа е замена за пропишаните стандарди при текот на изградбата и заштитата на работниците од несреќи. Имаше доволно такви несреќи во изминатиот период за да продолжи дискусијата во тој правец. Но фрапантно е сознанието дека во Македонија луѓето повеќе се склони да робуваат на традицијата и на обичаите отколку на законите кои реално можат да ги заштитат од неволји.
За радовишани, пак, кои ја отворија сезоната на пожари на депонии и дишење отров, што да се каже, а да не се излаже, што би рекол нашиот народ. Депонии препуштени сами на себе и без план за управување се прв знак на кој степен од развојот се наоѓа една држава. Пред неколку дена гореа и депонијата Краста крај Куманово и дивата депонија Вардариште како и депонијата до Шуто Оризари крај Скопје. Ние бездруго сме на дното на скалата на напредно управување со отпад.
Тоа многу зборува за цивилизациските дострели на земјата. Исто така и за приоритетите на владите. Екологијата во Македонија и натаму е на маргините, а тоа се гледа и во односот кон владиниот ресор за животна средина кој служи само за партиска трговија при поделбата на власта.
Власта во Скопје се пофали дека екипите на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ во текот на април расчистиле вкупно 2.750 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии низ сите скопски општини. И дека претпријатието собрало и транспортирало 14.915 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот. Ќе видиме колку биле успешни, доаѓа летото.
Разговор со митови наместо со реалност
Така во овој „извештај“ за еден сосема обичен ден се вклопи и автобусот што се запали на патот од Прилеп за Скопје. Како да ни е првпат. И автобус на ЈСП се запали кон крајот на февруари на скопските улици, па никому ништо. И во јануари имаше таков случај, а претходно и во ноември.
Сервисните услуги што државата им ги пружа на граѓаните се израз на незаинтересираноста на нивните лидери да го подобрат нивниот квалитет и да им обезбедат сигурност на своите граѓани кога се возат во јавниот превоз. Толку барем можат да направат, но не прават. Наспроти новите темни лимузини кои редовно се заменуваат со нови за безбедно да се возат државните функционери.
И да, ова не е време на напредок и технолошки иновации во Северна Македонија. Како да сме во некој друг век во кој нѐ пренесе некоја чудна сила. Ние останавме во век во кој разговараме со нашите предци и митови наместо со иднината. Овој сосема обичен ден ни го предочи тоа. Ни го принесе како жртва на нашата колективна кусогледост и одбивање да му погледнеме в очи на новото време.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
