1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп е „еден вид Навални“?

ЖА
21 февруари 2024

Екс-американскиот претседател Доналд Трамп поради своите проблеми со судовите се спореди со Алексеј Навални, критичарот на Кремљ кој почина во руски затворски логор.

Екс-американскиот претседател Доналд Трамп
Екс-американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Mike Segar/REUTERS

Во настап организиран од десноориентираната ТВ Фокс њуз во американската сојузна држава Јужна Каролина, Доналд Трамп поради казната од 350 милиони долари, која ја „заработи“ од суд во Њујорк поради финансиска измама, изјави дека тој е „една форма на Навални“.

Десниот популист, исто како и Навални, се смета за жртва на „форма на комунизам и фашизам“, тврдејќи дека САД се претвораат „во многу аспекти во комунистичка земја“. 

Навални, еден од најпознатите критичари на рускиот претседател Владимир Путин,   во петокот почина во затворски логор на Арктикот.  Во 2020 година Навални преживеа напад со нервниот боен отров Новичок, а за одговорноста за него прстот го впери кон Кремљ.

Трамп навлече врз себе масивни критики, зашто за разлика од многумина западни политичари и влади одби одговорноста за смртта на Навални да ја лоцира кај Путин. Во минатото Трамп во повеќе наврати отворено ја искажа својата восхит кон Путин, нарекувајќи го меѓу другото и „гениј“.

И во вторникот, и по неколкуте потпрашања на водителката околу случајот Навални, Трамп не го спомена рускиот претседател, туку зборуваше воопштено за „лоша ситуација“. Претендентот за претседателски кандидат на Републиканците го опиша Навални како „многу храбар човек“, кој по лекарскиот третман во Германија поради труењето сепак се врати во Русија.

„Тој не мораше да се врати, искрено, ќе му беше веројатно подобро ако останеше надвор од земјата“, истакна Трамп.

За жал, слични работи како во случајот Навални има и во САД, изјави Трамп, наведувајќи ги притоа тужбите против него.

Во цивилниот процес кој се води против него, суд во Њујорк во петокот му одреди парична казна од 350 милиони долари, зашто во соработка со своите синови Доналд Јуниор и Ерик со години вештачки ја дуеле вредноста на фамилијарната империја на недвижности за да добијат поволни кредитни услови од банките и осигурувањата. 

Ланската година против Трамп беа подигнати и  четири кривични тужби,  меѓу другото и поради обидот да го спречи својот изборен пораз во 2020 година против сегашниот претседател Џо Бајден и поради својата улога во  упадот на неговите фанатични поддржувачи во Капитол  во јануари 2021 година.Трамп, според досегашниот тек на  трката за номинација кај Републиканците, има најдобри шанси да стане нивен кандидат за претседател и веројатно ќе го репризира дуелот со Бајден на  претседателските избори во ноември.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми