1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Една година без руски гас: Автогол на Русија?

Пандеј Ашутош
31 август 2023

Пред една година Русија ги стопираше испораките на гас низ гасоводот Северен тек за да го зголеми притисокот врз Западот. Но, тоа се чини дека пред сѐ ѝ наштетува на Москва.

Германија | резервоар за гас
Цената на гасот минатиот август се зголеми на рекордни 343 евра за киловат час и ја поттикна инфлацијатаФотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Русија повеќе од половина век за Европа беше доверлив добавувач на енергенси, кој своите договорни обврски ги исполнуваше дури и во најкритичните периоди од Студената војна. Таквиот имиџ одигра клучна улога Германија да ја зголеми својата зависност од рускиот гас. Економскиот мотор на Европа врз ваквата основа го разви својот бизнис модел за извоз на стока произведена со евтини енергенси.

Тоа функционираше сѐ до февруари 2022, когаруските сили ја нападнаа Украина, по што следуваа дотогаш незабележани санкции од Западот против Москва. Гасот, за разлика од јагленот и нафтата од Русија, не беше опфатен со нив дури ни кога Германија, која пред војната повеќе од половина од потребите за гас ги покриваше од Русија, побрза да најде и други извори.

Москва на поддршката на Украина од страна на западните држави одговори со тоа што испораката на гас сѐ повеќе ја користеше како оружје против ЕУ, која претходно повеќе од третина од увозот на гас го покриваше преку Украина. Државниот концерн Газпром своеволно ги намали количините на гас испорачувани преку Северен тек 1, најголемиот гасовод во Европа, а една година подоцна и целосно ги прекина.

Стапицата на Путин

Поради руските мерки, цената на гасот минатиот август се зголеми на рекордни 343 евра за киловат час и ја поттикна инфлацијата, која достигна историски највисоко ниво. Недостигот на гас предизвика страв кај Европејците од студена и темна зима, но најстрашните сценарија сепак не се случија. Европа избегна голема енергетска криза само благодарение на благата зима, намалената побарувачка и поголемиот увоз на течен гас од други места во светот.

„Руската стратегија беше целосно промашена и самоуништувачк“, вели Симон Таљапјетра, експерт за енергетика во бриселскиот тинк-тенк Бругел. „Кремљ мислеше дека средството за притисок ‘испорака на гас’ ќе ја натера Унијата да се откаже од поддршката за Украина, но тоа беше тотално погрешно“, заклучува тој.

Истекување на гас од гасоводот Северен тек - по исклучувањето имаше уште еден напад, а виновниците сѐ уште не се идентификуваниФотографија: The Swedish Coast Guard/abaca/picture alliance

Загрозен германскиот економски модел

Турбуленциите на пазарот со гас ги присилија индустриите кои користат големи количества енергија, како хемиската бранша и фабрики за производство на ѓубрива или хартија, да затвораат постројки или да го намалат производството. На пример, тоа во Германија околу почетокот на 2022 година беше намалено за една петтина во однос на времето пред војната.

Високите цени на енергенсите нанесоа штета на конкурентноста на Германија, па, според актуелна студија на Германската трговска и индустриска комора, една третина од фирмите поради високите цени на енергијата на домашниот пазар размислуваат производството да го селат во странство, или тоа веќе го сториле. Иако цената на гасот изминатите месеци повторно драстично е намалена - на околу 35 евра за киловат час - таа се сѐ уште значително повисока отколку пред војната.

Резервоарите во Европа се околу 90 проценти наполнети, далеку пред крајниот термин - први ноември. Европа ги надомести руските испораки во најголем дел преку САД, Норвешка и Катар. Побарувачката за гас во услови на намалени производствени капацитети исто така е пониска и така се спречува натамошен раст на цената. Сепак, овој сегмент од пазарот останува ранлив затоа што постудена зима и поголема потреба од гас за греење може брзо да ги испразни резервите.

Германија: Изградба на нов гасовод во рекордно време

01:28

This browser does not support the video element.

Русија веќе не е голем играч

Москва сега има удел од само околу 10 проценти во набавките на гас во ЕУ. Во 2022 година извозот преку гасоводи на Западот беше намален за 60 проценти - на 62 милијарди кубни метри гас, па Газпром мораше да го намали своето производство за дваесет проценти. Се очекува количините годинава допоолнително да бидат намалени на десет милијарди кубни метри кои беа испорачани во првите пет месеци од годинава преку преостанатите гасоводни рути.

„Русија ја загуби својата позиција на глобално важен извозник на гас - и тоа трајно”, оценува Таљапјетра за ДВ.

Газпром мораше да го намали своето производство за дваесет процентиФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Гасот е чувствителна материја

Гасот не е толку едноставно да се пренасочи, за разлика од нафтата, која Москва доста успешно, макар и по значително намалени цени, успеа да ја испорачува на други клиенти, како Кина и Индија. Руската гасоводна инфраструктура е конструирана за испорака на гас кон Западот и тешко е на пример Кина на истокот да се снабдува на ист начин.

„Блумберг“, повикувајќи се на податоци од руското Министерство за финансии, тврди дека приходите од продажбата на гас во првите пет месеци од годината биле за речиси 45 проценти пониски од истиот период лани, односно изнесуваат околу 6,8 милијарди евра.

Русија работи на изнаоѓање нови клиенти, како на пример поранешните советски републики Казахстан и Узбекистан, и на проширување на домашната гасоводна мрежа.

За Москва, Кина е алтернатива за големиот европски пазар, но тоа бара изградба на нови гасоводи за проширување на капацитетите на гасоводот „Енергија од Сибир”. „Путин треба да вложи децении за да дојде до капацитетот на гасоводи кон Кина на истото ниво како што беше со Западот”, вели аналитичарот Михаил Крутичин за ДВ и додава дека Кина е воздржана во однос на купување поголеми количества руски гас од досегашните.

Резервоарите повторно се речиси полни, но чувството на несигурност останува: дали ќе има доволно гас во зима?Фотографија: Jan Woitas/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Европа и течниот гас од Москва

Има гласови кои бараат да се прекинат испораките на течен руски гас кои продолжуваат, макар и во многу мал процент во споредба со претходните количини кои ги увезуваше ЕУ.

Испораката не само што ги спречува плановите на ЕУ до 2027 година да стане целосно независна од фосилни енергенси од Русија, туку и помага да се одлеваат милијарди во Москва кои му помагаат на Владимир Путин да ја финансира војната. Еврокомесарот Кадри Симсон ги предупреди европските фирми да не склучуваат нови договори со руски производители на гас затоа што тоа „ќе им го нарушело угледот”.

Оние кои и натаму пазарат гас од Русија посочуваат на правни потешкотии ако без европски обврзувачка регулатива не си ги исполнуваат договорните обврски. Земји како Австрија и Унгарија кои немаат крајбрежје, се жалат на недостиг од алтернативи ако краткорочно мора да ги променат рутите на снабдување.

Холандија и Шпанија пак веќе преземаат чекори за да не мора во иднина да купуваат руски течен гас, но без да има обврзувачки санкции целосното откажување од него може да потрае.

Цевки за Северен тек 2 - на Москва ќе ѝ требаат многу вакви цевки за гасоводи до КинаФотографија: Jens Buettner/AP Photo/picture alliance

Рускиот автогол

За Москва, војната со гасот, која ја натера Европа да бара други добавувачи и да ја забрза својата „зелена енергетска иднина”, трајно го уништи статусот на најважниот снабдувач на Европа со гас.

„Иако Русија во иднина може да понуди гас за многу ниски цени, Европејците сега знаат дека Москва секој договор може да го прекрши од политички причини”, вели Крутичин и додава дека „не е возможно да се потпреш на договори со руските претставници. На Русија не може да ѝ се верува”.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми