Криза во односите меѓу Германија и САД поради Гренланд
20 јануари 2026
По точно една година од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, односите меѓу Германија и САД претрпеа драматични и длабоки промени. Ескалацијата околу Гренланд, која се заканува да го наруши суверенитетот на Данска, сè повеќе го загрозува и партнерството внатре во НАТО.
Европски отпор и заострување на трговскиот конфликт
Тензиите меѓу европските сојузници и САД секојдневно се продлабочуваат. Трамп неодамна ги засили притисоците со најавата за воведување специјални царини за повеќе европски земји, вклучувајќи ја и Германија. Како реакција, Германија и други европски држави распоредија воени контингенти на Гренланд, претежно како симболичен сигнал против американските планови за „заземање“ на островот – дури и по цена на употреба на сила.
Европската унија веќе разгледува можност за воведување реципрочни царини на американски производи.
Само пред неколку дена, од Вашингтон пристигнаа сосема поинакви пораки. Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, уверуваше дека партнерството со САД е „силно“ и дека Вашингтон „целосно стои зад Европа“. Но окупацијата на Гренланд би ја преобликувала целата архитектура на доверба.
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека евентуално нарушување на данскиот суверенитет од страна на САД би значело распад на НАТО.
Стравови во Берлин: непредвидлив сојузник и крај на довербата
„Навистина живееме во драматични и напнати времиња,“ оценува Рејчел Таузендфројнд од Германското друштво за надворешна политика. Според неа, Германија мора сериозно да се прашува дали треба да се подготви за потенцијална агресија од својот најважен сојузник – нешто што досега било незамисливо.
Иако германскиот канцелар Фридрих Мерц и Доналд Трамп имаат коректни лични односи, тие имаат јасни граници. Германската влада внимателно реагираше и на претходната американска акција – киднапирањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американски специјалци, што претставуваше отворено кршење на меѓународното право. Но овојпат просторот за воздржаност е речиси исцрпен.
Професорот за меѓународни односи Јоханес Фарвик смета дека евентуалното преземање на Гренланд „би била капката што ја прелева чашата“ и би довело до неповратно губење на довербата меѓу Европа и САД. ЕУ, вели тој, би морала да го притисне „копчето за ресетирање“, иако тоа би било скапо, ризично и исклучително тешко.
Европската зависност од Вашингтон – клучниот проблем
Мерц, силен поборник за трансатлантското партнерство, се обидува да ја избегне целосната конфронтација. Но Трамп во голема мера ги отфрли темелите врз кои со децении почиваше блиското сојузништво.
Уште пред неговото назначување за канцелар, Мерц остро реагираше кога Трамп јавно го понижи украинскиот претседател Володимир Зеленски, оценувајќи дека Европа мора „чекор по чекор“ да гради поголема независност од САД.
Фарвик посочува дека единственото што може да го импресионира Вашингтон е „единствена европска позиција“ – нешто што Мерц се обидува да го постигне, но разликите меѓу земјите-членки остануваат големи.
Патување во Вашингтон – привремен пробив без трајни резултати
Минатата година односите продолжија да се влошуваат. Американските царини најсилно ја погодија германската извозна економија, а во контекст на војната во Украина, Трамп повеќе пати сигнализираше подготвеност да направи крупни отстапки кон рускиот претседател Владимир Путин.
Посетата на Мерц во Вашингтон во јуни донесе привремено олеснување, пред сè затоа што Германија најави значително зголемување на трошоците за одбрана – барање што Трамп долго го нагласуваше. Но од американска страна не следеа конкретни отстапки.
Враќање на империјализмот и нов стратешки курс на САД
Со новата американска стратегија за национална безбедност, предупредува аналитичарката Таузендфројнд, Вашингтон ја дефинира Западната хемисфера како своја зона на влијание и предупредува на „цивилизациско уништување“ преку миграциите. Во таков амбиент, заканите за Гренланд дополнително ескалираа.
Германската влада се обидува да балансира: од една страна да го задржи Трамп како клучен заштитник во НАТО и фактор во преговорите за Украина, а од друга страна да остане доследна на меѓународното право и европските вредности.
Иако САД веројатно нема целосно да се оддалечат од Европа, Таузендфројнд вели дека Вашингтон сака да го „рекалибрира“ товарот и да ја намали својата улога во одбраната на Украина.
Рејчел Таусендфројнд од Германскиот совет за надворешни односи не верува дека САД целосно ќе ѝ го свртат грбот на Европа: „САД сакаат да го 'рекалибрираат' својот однос со Европа; сакаат да носат многу помал товар во обезбедувањето на Украина, но дури и администрацијата на Трамп сè уште ја гледа Европа како партнер, иако некои во администрацијата се на многу анти-ЕУ позиции".
Политикологот Јоханес Варвик гледа турбулентни времиња пред Германија бидејќи империјализмот и законот на џунглата се вратија со Трамп: „Ова е, секако, многу, многу лоша вест за Германија бидејќи, како речиси ниедна друга земја, Германија зависеше од стабилна меѓународна средина, како во однос на безбедносната политика, така и во однос на економската политика. Германскиот бизнис модел е на работ на колапс и нема подобар на повидок“.
Негативно расположение во Германија кон Трамп
Посетата на Трамп на Германија, за која тој ја прифати поканата во јуни, сега изгледа речиси невозможна. Иако Трамп бил почестен од гестот што му беше предаден извод од книгата на родени на неговиот дедо од Калштат – тоа, велат експертите, не треба да се толкува како знак на трајна врска со Германија.
Анкетата на АРД од почетокот на јануари покажува дека само 15% од Германците ги сметаат САД за доверлив партнер, а 76% сметаат дека Вашингтон повеќе не заслужува доверба – радикален пад во споредба со периодот на претседателот Џо Бајден.
Поканата на Германија до Трамп за посета на Берлин беше упатена кога односите веќе беа многу затегнати, но долго пред неодамнешната ескалација околу Гренланд. Под овие околности, во моментов се чини незамисливо Доналд Трамп да дојде во Германија во скоро време.