Германија: Надежта во Мерц се претвори во фрустрација
12 мај 2026
Кога Фридрих Мерц стапи на функцијата во мај 2025 година, управните одбори на големите компании беа исполнети со надеж. Лидерот на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) вети ништо помалку од „економски пресврт“. Под негово водство, како што изјави, на секоја политичка одлука ќе и претходи прашањето: дали тоа ќе ја зајакне конкурентноста на германската економија?
Ваквите најави изгледаа убедливо. Пред да се врати во политиката, Мерц изгради кариера во бизнис-секторот. Четири години беше претседател на надзорниот одбор на БлекРок (BlackRock) во Германија и автор на книгата „Осмелете се на повеќе капитализам“.
Како кандидат за канцелар, Мерц најавуваше дека Германија ќе се оттргне од, како што рече, „левичарските политики“ и по преземањето на функцијата повика на поголема економска ефикасност. „Нема да можеме да го одржиме просперитетот на оваа земја ако се потпираме само на четиридневна работна недела и рамнотежа меѓу работа и приватен живот“, изјави тој.
Во средината на мај 2025 година, претприемачите и менаџерите го поздравија ова гледиште на Економскиот ден – настан во организација на Економскиот совет при ЦДУ.
Со околу 13.000 членови од деловниот сектор, Економскиот совет не е партиско тело, туку лобистичко здружение кое ги застапува бизнис-интересите и се смета за советник на ЦДУ. Во периодот од 2019 до 2021 година и самиот Мерц беше потпретседател на овој совет.
Германија како индустриски центар „под егзистенцијална закана“
Од економска перспектива, Мерц не ги исполни очекувањата во првата година од мандатот и реализира мал дел од амбициозните ветувања.
Сојузот на германската индустрија оцени дека „речиси ниту една од итно потребните структурни реформи не е спроведена“ и дека нема сеопфатен план за мерки што би го поттикнале растот и конкурентноста. Дополнително, се предупредува дека позицијата на Германија како индустриски центар е „под егзистенцијална закана“.
Асоцијацијата на германските стопански комори, која ги претставува пред сè малите и средни претпријатија, наведува дека Германија денес се перципира како земја со сложена и скапа бирократија, додека во други држави условите за инвестиции и иновации се значително поповолни.
Претседателот на Германската занаетчиска конфедерација, Јерг Дитрих, во медиумски настапи говори за „фрустрација од реформите наместо економско закрепнување“. Оптоварувањето во секојдневното работење не е намалено, туку во одредени случаи дури и зголемено.
Една година по формирањето на владата, очекувањата за економски подем се претворија во „видливо разочарување и јасна фрустрација“ во економскиот сектор.
Во меѓувреме, бројот на банкроти во Германија достигна ниво какво што не е забележано од времето по финансиската и економската криза пред повеќе од една деценија. Економијата стагнира, без знаци на раст, а довербата е на најниско ниво од врвот на пандемијата на КОВИД-19 во мај 2020 година.
Студен прием за Мерц и пад на довербата
Истражувањата на институтот „иФо“ покажуваат дека довербата кај бизнис-заедницата опаѓа во сите сектори. Очекувањата се песимистички, делумно поради војната во Иран и кризата на Блискиот Исток. Цените на нафтата остануваат високи, авионското гориво станува дефицитарно, а блокадата на Ормускиот теснец создава проблеми во снабдувањето и го забрзува растот на инфлацијата. Надежите за брз економски пресврт засега се изгубени.
Канцеларот Мерц е свесен за ваквото расположение. „Знам дека атмосферата во земјата е лоша, дури и многу лоша“, изјави тој во мај 2026 година на Економскиот ден – истиот настан на кој една година претходно беше славен. Овојпат приемот беше студен, а аплаузите воздржани.
Тој призна дека Германија се соочува со исклучително тежок период. „Веројатно од Втората светска војна досега немало покомплексен предизвик за владата, општеството и економијата“, рече Мерц пред индустриско-стопанската комора.
Иако прифаќа дека се потребни длабоки промени и ги разбира критиките од бизнис-заедницата, тој предупреди дека реформите не можат да дадат резултати преку ноќ. „Држава не се менува за една седмица или месец“, нагласи канцеларот.
Дополнителен предизвик е владеењето во коалиција со Социјалдемократската партија (СПД), со која ЦДУ/ЦСУ има значајни разлики, особено во економската и социјалната политика. Додека социјалдемократите се фокусираат на распределбата, ЦДУ инсистира дека прво мора да се создаде богатство.
Мерц исклучува можност за предвремени избори и останува решен да ја доведе коалицијата до успех. Сепак, сè помал број граѓани веруваат во тоа. Анкетите покажуваат значителен пад на довербата во брз економски пресврт.
Ова расположение го дели и деловната заедница. Според Сојузот на германската индустрија, „ако компаниите воопшто инвестираат, тоа најчесто го прават во странство“.