1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Една година војна во Украина: Кога ќе има мир?

Кристоф Хаселбах
24 февруари 2023

Една година од почетокот на руската инвазија врз Украина, ниедна од страните не е подготвена да преговара за мир. Но, притисокот од странство расте.

Украина војна Доњецк
Украинска артилерија во близина на ДоњецкФотографија: Libkos/AP Photo/picture alliance

Десетици илјади убиени или осакатени војници на обете страни, илјадници мртви украински цивили, безброј уништени градови. Ако на тоа се додаде глобалниот недостиг од енергија, инфлацијата и гладот во многу земји во развој, тоа е билансот на војната која ни по една година не е ни блиску до крај.

Рускиот претседател Владимир Путин не успеа да ја постигне својата цел за целосна окупација на Украина, но Русија окупираше околу петтина од таа земја. Од друга страна,украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќепати повтори дека ќе биде ослободена целата окупирана територија, вклучително и Крим.

Во говорот за состојбата на нацијата, Путин не покажа подготвеност за отстапки, напротив: „Нашата земја е невозможно да биде победена на воено поле.“ Путин предизвика дополнителна ескалација со најавата дека Русија го прекинува учеството во новиот договор СТАРТ за атомско вооружување, единствениот преостанат договор за нуклеарно разоружување со САД.

Тоа очигледно беше и реакција на ненадејната посета на американскиот претседател Џозеф Бајден на Киев ден порано. Бајден на Зеленски му вети продолжување на американската поддршка. „Не станува збор само за слободата на Украина, туку за слободата на самата демократија“, рече Бајден. Сепак, спремноста за долгорочна поддршка на Украина се намалува, како меѓу Републиканците во американскиот Конгрес, така и меѓу американското население.

Страв од нова светска војна

И во Германија расте притисокот за мировни преговори. Во најновото истражување на јавното мислење Дојчландтренд од 9. февруари, 58 проценти од испитаниците, најмногу досега, сметаат дека нема доволно дипломатски напориза прекин на војната.

Политичарката на опозициската Левица, Сара Вагенкнехт и активистката за женски права, Алис Шварцер покренаапетиција за итни мировни преговори и прекин на испораките на оружје. Тие предупредуваат од нова светска војна и тврдат: „Украина може да добие поединечни битки со помош на Западот, но не може да победи во војната со најголемата нуклеарна сила во светот.“ Петицијата ја потпишаа бројни уметници, но и теолози и политичари. 

Украинскиот амбасадор во Берлин, Алексиј Макејев, за порталот t-online изјави дека не може да го разбере стравот на Западот од ескалација во Трета светска војна. „Украина е веќе во Трета светска војна. Русија против нас води војна за уништување.“

Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Украина сака ослободување на сите окупирани територии

Во интервју за Дојче веле есеноска, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг отфрли секаква помисла на еднострани мировни потези. Зашто: „Ако Украина престане да се бори, ќе престане да постои како независна држава.“ Затоа Украина, истакна тој, мора да победи во војната.

За Украина да ја задржи својата слобода, западните држави постојано ја зголемуваа својата помош во оружје. По многу колебања, а откако САД и други земји од НАТО ѝ ветија борбени тенкови на Украина, на тоа на почетокот на годината се согласи и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тенкот Леопард 2 од германско производство посебно би можел да помогне за „Украинците да ја компензираат големата нерамнотежа на бојно поле. Дали Украинците ќе направата пресврт на бојното поле, зависи од бројот на тенкови, времето и континуитетот на испораки“, оценува за ДВ политичарот од ЦДУ и бивш полковник, Родерих Кизеветер.

Украина се надева дека со помош на западните тенкови не само што ќе одбие руски напади, туку, како што укажува експертот за безбедност Нико Ланге за ДВ, има „реални воени шанси Украина во целост да го заземе тоа подрачје и така да го обнови мирот.“ Ланге смета дека „Путин ќе сака да преговара само кога Украина ќе биде воено толку во предност, што тој ќе сфати дека од оваа агресорска војна не може да оствари никаква корист.“

Рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот, Володимир Зеленски - засега никој не е спремен на отстапкиФотографија: A. Gorshkov/SPUTNIK/AFP/Getty Images/Presidency of Ukraine/AA/picture alliance

Две воени сценарија

Бившиот генерал на Бундесверот, Хелмут Ганзер на тоа гледа поинаку. Во „Журнал за меѓународна политика и општество“ од почетокот на февруари, тој изнесува две сценарија за украинската офанзива на југ кон Азовско Море, со помош на западни тенкови.

Според песимистичкото сценарио, Украинците ќе заглават во жестоката руска одбрана. Ганзер веќе сега ја подготвува јавноста на Запад за „слики на уништени тенкови Леопард“, кои Русија радо ќе ги шири на интернет.

Оптимистичката варијанта на Ганзер е уште поопасна. Според тоа сценарио, украинските тенковски единици би стигнале до Азовско Море и би дошле пред Крим. Ганзер претпоставува дека Путин најдоцна тогаш би ја проширил „воената зона на територија на западните држави кои ѝ помагаат на Украина“ и предупредува: „Расте опасноста од бавно, всушност ненамерно лизгање во најголема катастрофа за цела Европа.“

Нико Ланге пак во руската нуклеарна закана гледа „инструмент за психолошко војување.“ Тој не само што смета дека е „воено замисливо“ повторно освојување на Крим, туку и дека е неопходно да се направи обид за тоа, од причина на мировна политика: „Токму затоа што Крим претставува најголем можен губиток на образот за Владимир Путин, воениот притисок на Крим е можност Русија да се доведе до подготвеност да преговара.“

Каде е црвената линија?

Мислењата се разликуваат околу тоа дали воениот притисок ја зголемува спремноста на Русија да преговара или го зголемува ризикот од нуклеарна светска војна.

Социјалдемократскиот канцелар Шолц секогаш истакнува дека Германија под никакви услови не би смеела да стане страна во војната. Оттаму долгото колебање околу испораката на борбени тенкови. Тој и натаму не сака да чуе за испорака на борбени авиони на Украина. Ни Бајден не му вети авиони на Зеленски.

Од друга страна, политичарот Кизеветар „во суштина не би повлекол никакви црвени линии кога станува збор за одредени системи на оружје.“ „Според меѓународното право“, страна во војна се станува само ако државата испрати свои војници. А Кизеветар ја исклучува таа можност.

Колку германските тенкови Леопард 2 би го смениле текот на војната во Украина?Фотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Некомпатибилни мировни цели

Меѓутоа, и во земјите кои ја поддржуваат Украина исто така има многу кои веруваат дека на крајот нема да биде можно без одредена спремност на компромис од страна на Украина, во поглед на територијата или политичките сојузи.

Според зборовите на Роман Гончаренко од украинската редакција на Дојче веле, во самата Украина за тоа речиси нема веќе ни трага од согласност: „Во првите недели по инвазијата Киев беше спремен на отстапки, на пример на неутралност наместо посакуваното членство во НАТО. НО, бруталноста на руската војскаи анексијата на натамошни области, ја направија речиси невозможна потрагата за компромис. Анкета по нарачка на Минхенската безбедносна конференција покажа дека 93 проценти од Украинците како предуслов за прекин на огнот гледаат целосно повлекување на Русија, вклучувајќи и повлекување од Крим.“

Политикологот Јоханес Варвик од Универзитетот во Хале смета дека тоа е нереално: „Според сѐ, на крајот ќе постои неутрална Украина која нема да биде јасно ни во западната ни во руската сфера на влијание.“ Варвик за ДВ вели дека се залага за западна преговарачка иницијатива: „Ако на крајот на долга или натамошно ескалирачка војна се добие ист резултат кој би бил можен и денес, тогаш нема смисла да се продолжува борбата со десетици илјади мртви и трауматизирани луѓе.“

Кои се првите сигнали на мир?

Амбасадата на Русија во Берлин на 14. февруари твитна: „Сите борбени дејства завршуваат со преговори. Ние сме спремни. Но, нема преговори без предуслови, засновани на реалност и со оглед на целите кои јавно ги прокламиравме.“ Тоа не е спремност за компромис. „Реалноста“ подразбира руска окупација на една петтина од земјата, а една од „целите“ беше дури и целосно уништување на украинската држава.

Кина на Минхенската безбедносна конференција најави свој мировен план. Деталите уште не се познати. Меѓутоа, западните влади се скептични, со оглед дека Пекинг не ја осуди руската инвазија на Украина. Освен тоа, американскиот државен секретар Ентони Блинкен стравува дека Кина би можела да испорачува оружје на Русија, што Пекинг го негира.

Воена победа или мир со компромиси

Американскиот публицист Џефри Сакс во јануари во британски „Економист“ напиша дека за „веродостојно“ мировно решение е клучно „да се гарантираат најважните безбедносни интереси на двете страни. Суверенитетот и безбедноста на Украина мора да бидат загарантирани, додека НАТО би требало да вети дека нема да се шири на исток.“ Сакс се надева дека мировни импулси ќе дојдат пред сѐ од оние држави кои ја отфрлија осудата на Русија во Советот за безбедност на ОН, меѓу кои се Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка. „Тие држави не ја мразат ни Русија, ни Украина. Тие не сакаат Русија да ја освои Украина, а ни НАТО да се шири на исток“, вели Сакс.

Од друга страна, германскиот политичар од ЦДУ Родерих Кизеветер предупредува да не ѝ се прават отстапки на Москва: „Погрешно е да се верува дека на Русија би требало да ѝ се даде некоја територија и дека руската глад за уништување би била задоволена. Какви било територијални добивки на Русија би биле пример за други автократски држави за под плаштот на нуклеарни уцени и закани во иднина воено да ги исцртуваат наново границите.“ Кизеветер смета дека посебно Кина веќе ја смета Европа како „експериментално поле“ во поглед на сувереноста на Тајван. 

Значи, и една година по почетокот на војната, се судираат два различни табори на мислења: може ли единствено решение да биде воена победа над рускиот агресор или Украина и нејзините западни сојузници мораат да прават компромиси?  По една година и таа дискусија останува нерешена. Како и самата војна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми