1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една изјава на премиерот - многу толкувања

6 мај 2026

Во владејачката коалиција не било отворено прашањето за вонредни избори. Но, терминот „избори набргу“, веќе произведе разни претпоставки и очекувања.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски гестикулира додека говори на прес-конференција. Зад него се гледа македонското знаме.
Премиерот Мицкоски со една изјава го отвори прашањето - дали ќе има избори пред редовниот термин во 2028 година?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Една изјава на премиерот Христијан Мицкоски експресно ја рабранува политичката сцена во Македонија. На новинарско прашање околу обвинувањата од опозицијата за односите со Бугарија и блокадата на еворинтеграцискиот процес на Македонија, премиерот даде одговор кој го отвори прашањето - дали ќе има избори пред редовниот термин во 2028 година?

„Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси, наместо за застанат рамо до рамо со Владата во одбрана на националните интереси. Но добрата вест е што набргу ќе има избори. После тие избори ќе се случи партијата што тој ја предводи (Филипче- н.з.) да се маргинализира, и јас се надевам дека тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе коишто си ја сакаат татковината, кои се вистински патриоти и кои ќе се борат за оваа држава заедно со оваа влада и со мене“, одговори премиерот.

„Ние сме спремни за избори, кога и да се случат“, реплицираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој смета дека власта сака предвремени избори затоа што „снемува пари“.

„Ние ќе ставиме крај на оваа власт, затоа што е криминална, најкорумпирана во цела Европа, затоа што е антинародна, антинационална, затоа што не се грижи никако за иднината на државата и граѓаните, и ќе ја вратиме власта во рацете на народот“, изјави Филипче.

Фигуративно или фактички?

Што значи „набргу“ ќе има избори? Според аналитичари, во политичкиот жаргон за времето се говори и малку пофигуративно: 2027 година е веќе „утре“, а 2028 „задутре“, односно и двете доаѓаат „набргу".

Прашањето е - дали изјавата на премиерот била фигуративна во таква смисла, или не толку фигуративна? Според владини извори, премиерот не зборувал за предвремени, туку за првите наредни избори. Во прилог на ова оди и фактот дека за крајот на мај или почетокот на јуни е најавена реконструкција на Владата, поради што изгледа неверојатно дека владиниот кабинет кадровски би се подновувал доколку се планираат предвремени избори за крајот од 2026 година (односно „набргу“). Особено што за и следните избори останува да функционира техничка влада, во која пак можеби токму дел од ресорите во кои ќе бидат избрани нови министри би и припаднале на опозицијата. Оттука, операцијата „реконструкција“ би била само губење време доколку навистина постои идеја за избори до крајот на годината.   

Според владини извори, премиерот не зборувал за предвремени, туку за првите наредни избори.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според аналитичари, таков потег евентално би бил можен напролет во 2027 година, бидејќи би оставил време новите министри да покажат резултати, а мнозинството да оцени дали е време за нова проверка на довербата пред граѓаните. Но сето тоа доколку има некој неочекуван поголем притисок од внатрешни или надворешни причини: нови геополитички околности; евентуално нови последици (покрај сегашните) од кризата на Блискиот исток (или некоја друга) врз домашната економијата; или пак неопходност од промптно декларирање поддршка за одбрана на националните интереси, која недвосмислено беше посочена од премиерот.

Во коалицијата не разговарале за избори 

Максим Димитриевски, претседател на партијата ЗНАМ која е коалициски партнер во Владата, синоќа изјави дека во рамките на коалицијата не е отворено прашањето за предвремени избори, но и дека не верува оти годинава ќе ги има.

„Јас не очекувам избори оваа година, но и ако ги има ЗНАМ ќе биде подготвен да учествува, бидејќи како нов политички субјект којшто поминува една фаза на ферментација или политичко зреење, нас нѝ одговара да има избори за да се проверуваме во континуитет во очите на граѓаните, кај сме, што сме и какви сме. Не е разговарано на оваа тема во коалицијата. Сепак тоа е до мнозинството во Собранието. Мнозинството го држи ВМРО-ДПМНЕ, тие имаат 58 пратеници, во секој момент можат да повикаат на предвремени избори. Доколку ги има ние сме тука, ќе земеме учество“, рече Димитриевски на ТВ Телма. 

Таравари бара спас од ВЛЕН

Сепак, изјавата на премиерот стана „ладна проба“ за пулсот на партиите по прашањето за вонредни избори. Алијанса на Албанците предводена од Арбен Таравари порача дека дека предвремени избори се единствен спас за Албанците од коалицијата ВЛЕН.

„Алијансата за Албанците го поддржува и охрабрува премиерот да го повика Собранието што е можно поскоро да распише предвремени парламентарни избори за да се олесни и деблокира процесот на европска интеграција на земјата, кој е заложник на оваа Влада“, наведуваат од партијата.

Кон опонентите од ВЛЕН упатија серија критики - заради отстранување на балансерот и негова замена со закон за соодветна застапеност, неисполнето ветување за уставни промени кое претходно било услов за учество на партиите од ВЛЕН во Владата, а обвинија и за деградација на албанскиот јазик.

Коалицијата ВЛЕН, која е во последната фаза пред обединувањето во единствен политички субјект најавено за 9-ти мај,Фотографија: Vlen

„Во овој политички и дипломатски ќорсокак, во ова време на длабока економска и социјална криза, изборите не се само опција, тие се единственото решение“, порача АА.

Од ДУИ вонредни избори бараа уште по завршувањето на претходните и формирањето на Владата, обвинувајќи дека албанскиот партнер во извршната власт нема изборен легитимитет.

Втора политичка сила

Коалицијата ВЛЕН, која е во последната фаза пред обединувањето во единствен политички субјект најавено за 9-ти мај, очекува овој процес да ја зајакне како доминантна сила во албанскиот политички кампус и да ја потврди како втора политичка сила на национално ниво. Оттаму нагласуваат дека владиното мнозинство останува стабилно и со потенцијал за понатамошно проширување. Како јасен показател за поддршката од граѓаните ги посочуваат резултатите од последните локални избори, на кои успеале да освојат 10 општини, што претставува околу 80% од општините кадешто Албанците се мнозинство. Од ВЛЕН потенцираат дека нивниот главен приоритет останува спроведувањето на конкретни владини политики, кои имаат за цел подобрување на животниот стандард и зголемување на ефикасноста на институциите што им служат на граѓаните.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми