Една недела војна против Иран - и борбите не стивнуваат
7 март 2026
Една недела по почетокот на американско-израелските напади врз Иран и контранападите на иранската војска, двете страни покажуваат непопустливост. Израелската страна објави дека нападите влегуваат во следната фаза. „Во оваа фаза, ќе продолжиме да го разбиваме режимот и неговите воени капацитети“, рече началникот на Генералштабот Ејал Замир.
Ракетните капацитети значително намалени
Очигледно е дека постојаното бомбардирање на Израел и на САД веќе дава резултати. Портпаролката на американската влада, Каролин Ливит, изјави дека иранските ракетни напади се намалиле за 90 проценти во рок од една недела. Уништени се и 30 бродови на иранската морнарица, што ја направило неспособна. Меѓутоа, не е јасно колку употребливи камиказе-дронови Иран сè уште поседува. Според воениот експерт Томас Виголд, може да има „помеѓу 10.000 и неколку десетици илјади“. Иранските дронови би можеле да предизвикаат огромна штета во земјите од регионот.
Дали Русија го поддржува Иран?
Техеран очигледно може да смета на поддршка од странство: Русија, според медиумските извештаи, му обезбедува на иранскиот режим информации за американските сили и можните цели во регионот. Кремљ наводно му обезбедува на Техеран информации за локациите и движењата на американските трупи, бродови и авиони, известија Си-Ен-Ен и Вашингтон пост, повикувајќи се на лица запознаени со извештаите на американските разузнавачки служби. Ова го објави и агенцијата АП. Се работи за слики од современи руски сателити.
Според британската проценка, военото раководство во Иран е ослабено, но сè уште функционира. Британското Министерство за надворешни работи верува дека иранскиот државен систем може да остане оперативен, барем на краток рок.
Израел: Иран користи касетни бомби
Израел го обвинува Иран за употреба на касетни бомби, оружје кое е меѓународно забрането. Од почетокот на борбите, Иран користел таква муниција „неколку пати“, изјави портпаролот на израелската армија, Надав Шошани. Употребата на такво оружје против цивили претставува воено злосторство, нагласи тој. Ниту Израел ниту Иран не се меѓу над 100-те потписнички на меѓународната конвенција против касетна муниција, која забранува употреба, пренос, производство и складирање на такво оружје.
Њујорк тајмс: САД можеби го нападнале женското училиште
Меѓутоа, се упатуваат сериозни обвинувања и против Израел и против САД: Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, побара брза и „непристрасна“ истрага за нападот врз женското училиште во јужен Иран, во кој, според Иран, првиот ден од војната загинаа повеќе од 150 луѓе. Според американскиот државен секретар Марко Рубио, Пентагон го истражува случајот. Според Њујорк тајмс, САД можеби се одговорни за нападот: училиштето беше погодено кога американските сили нападнаа блиска поморска база на Иранската револуционерна гарда минатата сабота. Американскиот весник наведува дека анализирал сателитски снимки и видео материјали поврзани со инцидентот.
Широко толкување на „безусловна капитулација“
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа ја презентираше дефиницијата за „безусловна капитулација“ на Иран, која ја бара американскиот претседател Доналд Трамп. На прашањето што точно мислел републиканскиот претседател со тоа, Ливит одговори дека целта е исполнета кога Трамп ќе процени „дека Иран повеќе не претставува закана за Соединетите Американски Држави“ и дека целите на мисијата „се целосно постигнати“. „Тогаш Иран во суштина се наоѓа во состојба на безусловна капитулација“, без оглед на тоа дали Техеран го признава тоа или не.