Сиљановска-Давкова: Договор дома место нови црвени линии
1 октомври 2025
Резолуцијата за дефинирање на црвените линии на патот кон ЕУ, којашто неодамна ја презентираше лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, предизвика различни реакции во јавноста. Шефот на државата, Гордана Сиљановска - Давкова вели дека не е за нови црвени линии - туку за договор дома. „Ако одиме надвор со консензус, тогаш ќе нѐ почитуваат“, порача претседателката во интервју за телевизија Сител.
„Линиите се прегазени или избришани“
Лидерот на СДСМ на 25 септември ја презентираше Резолуцијатаза дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на европскиот пат на Македонија. Станува збор за предлог-решение за коешто СДСМ бара да се постигне национален консензус со цел да се отстранат сите грижи, сомнежи и дилеми поврзани со заштитата на идентитетските обележја во текот на процесот на пристапување кон ЕУ.
Претседателката е децидна дека „нема веќе црвени линии“. „Линиите се веќе прегазени или избришани со гума“, вели Сиљановска - Давкова, која смета дека не станува збор за некој нов предлог, бидејќи пред него имало неколку декларации, а една од нив направена и со помош на МАНУ.
„Очекував и се израдував, ама за многу кусо време, дека ќе седнат лидерите на партиите. Седнаа, ги закопаа секирите, и јас мислев тоа е оној моментумот политички кога ќе одат заедно во Брисел и ќе речат – видете ние веќе не знам колку пати посегнавме по уставни измени, резултат нема, очигледно не е тоа решението“, вели претседателката.
Уставот се менува - политиката на соседите останува иста
Според неа, Уставот се менува, но политиката на соседите кон Македонија останува иста. „Ајде и ние малку да бидеме по моделот на бугарските или грчките политичари, не мора да го менуваме Уставот, ама да седнеме и да изградиме платформа на преговори. И да не одиме никаде надвор и со никого да не разговараме пред да повикуваме на тоа. Што мислиме заедно дека е можно, а што мислиме дека е неможно“, вели таа.
Претседателката е децидна: „Ако имате еден чекор – уставни измени и потоа пречка, ништо не сте сториле, само сте го смениле Уставот – тоа не е црвена линија. Јас не сум за линии, јас сум за договор дома“.
СДСМ во резолуцијата предлага Владата и сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културни особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ. Документот содржи и конкретна временска рамка, како и механизми кои чекори треба да ги преземе Собранието доколку некоја од земјите членки задираат во идентитетските прашања. Согласно таа рамка, се предвидува Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од предизборните митинзи деновиве порача дека опозицијата со „најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов подарок на Бугарија“.
„Тоа е подарок којшто тие го нарекоа Резолуција или црвени линии, после кој СДСМ сака да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ. СДСМ, повторно, со трикови сака да направи некој нов бонбона бизнис“, рече Мицкоски.