1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбата на Милошоски со Тајван ја разбранува Кина

21 ноември 2025

Амбасадата на Кина остро реагира на средбата на Милошоски со тајванска делегација, предупредувајќи за нарушување на принципот „Една Кина“

Знамиња на Кина и Тајван
Црвена линија за Кина: Што значи средбата на Милошоски со тајванска делегација?Фотографија: Manuel Augusto Moreno/Getty Images

Дали е на повидок нова дипломатска криза меѓу Северна Македонија и Кина? Средба на собранска делегација, предводена од Антонијо Милошоски со тајванска делегација во македонскиот парламент, предизвика силна реакција од амбасадата на Кина, која предупреди за нарушување на принципот ‘Една Кина’.

Зошто Кина реагира?

Во писмо до потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, амбасадата на Кина нагласи дека ваквиот потег ја поткопува политичката основа на билатералните односи меѓу двете земји.

„Со ваквиот чин се испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван. Тајван е дел од Кина. Единствената референца за регионот Тајван во ОН е ‘Тајван, провинција на Кина’. Тајван никогаш не бил држава, ниту во минатото, ниту ќе биде во иднина“, се наведува во реакцијата на амбасадата.

Детали за средбата во Собранието

Собранието на 20 ноември извести за средбата и објави фотографии на социјалните мрежи, но објавата на официјалниот сајт стана недостапна. На средбата, покрај Милошоски, присуствувале и пратениците Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи. Сепак, реакцијата на Кинеската амбасада беше насочена исклучиво кон потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.

Покрај собраниските средби во Скопје се одржа и бизнис форум за идните перспективи за соработка меѓу Северна Македонија и Тајван, со цел продлабочување на економската, технолошката и институционалната соработка. 

Што порача амбасадата на Кина?

Амбасадата потсети дека Северна Македонија има јасни обврски кон принципот „Една Кина“, потврдени во Заедничкото коминике од 1993 година и повторени во 2001 година. Во документите стои дека македонската Влада ја признава Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на Кина, а Тајван како неразделен дел од кинеската територија.

„Овој сериозен погрешен чин го нарушува принципот ‘Една Кина’, политичкиот ангажман што Северна Македонија го презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“, се наведува во реакцијата.

Меѓународни импликации

Амбасадата предупреди дека ваквите потези можат да имаат последици врз билатералните односи и економската соработка. „Дали напуштањето на огромен пазар и идни развојни можности е во согласност со интересите на македонскиот народ?“, прашуваат од амбасадата.

Кина повтори дека прашањето за Тајван е „црвена линија“ што не смее да се премине. „Никој не треба да ја потцени решителноста на кинескиот народ да го заштити националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, се додава во реакцијата.

Односите меѓу Македонија и Кина беа нарушени во 1999 година, кога владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Љубчо Георгиевски, заедно со коалицискиот партнер Демократска алтернатива на Васил Тупурковски,донесе одлука да ја признае независноста на Тајван. Како одговор, Кина ги прекина дипломатските односи со Македонија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми