Физичката неактивност и лошата исхрана се посочуваат како главните причини за проблемите со телесната тежина. Лекарите велат дека станува збор за прогресивна болест која треба да се лекува.
Реклама
Над 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години во Северна Македонија имаат проблеми со тежината. Околу 13,8 проценти од нив се соочуваат со екстремна дебелина, а физичката неактивност и лошата исхрана се посочуваат како главните причини за проблемите со телесната тежина. Лекарите велат дека станува збор за прогресивна болест која треба да се лекува.
Од лани функционира Центар за менаџирање со дебелината во Градската општа болница „8 Септември“, а на Клиниката за ендокринологија во Скопје се отвори Центар за справување и третман на обезност. Но, годинава во план е да се отворат уште неколку центри за менаџирање со дебелината во болниците во Тетово, Штип и Битола, како и на Клиниката за детски болести во Скопје.
По повод Светскиoт ден на обезноста, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираше дека дебелината во Македонија од 1990 до 2022 кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто. Во земјата, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Најновите податоци покажуваат дека дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата. Според податоците на ИЈЗ, повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина, живеат во урбани средини.
Реклама
Храната како важен фактор
Исхраната со високо преработена и енергетски богата храна е значаен фактор што придонесува кон развојот на зголемена телесна тежина кај децата. „Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата. Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини, што промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина“, посочуваат од ИЈЗ.
Истражувањата покажуваат дека вкупно 32 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата. Половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4 проценти и повеќепати секој ден. Само 24 отсто од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21 процент консумираат свеж зеленчук.
Според ИЈЗ, потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина што влијаат врз дебелината, до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување
Новата студија објавена во „The Lancet“ покажува дека во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите - од пет до 19 години). Дебелината може да предизвика кардиоваскуларни болести, дијабетес и некои видови рак, наведуваат од СЗО.
Витамините и исхраната: кој е рецептот за здрав живот?
Витамин Ц или витамин Б12? Дали маргаринот е поздрав од путерот? Она што денес е познато како многу здраво, утре може да биде многу штетно - и обратно. Под лупа ставивме дел од „митовите за прехранбените намирници“.
Циметот не е здрав! Една од неговите состојки, кумарин, во високи концентрации може да предизвика оштетувања на црниот дроб и бубрезите. Ако малку подобро разгледате околу себе, ќе пронајдете бројни намирници кои, според актуелните научни истражувања, е подобро е да се избегнуваат. Но, тие може да се променат многу брзо.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Црн отров или волшебен напиток?
„Кафето предизвикува рак“; „Кафето е штетно за нервите“; „Да се пие многу кафе не е добро за метаболизмот“ - накусо: кафето е нездраво. Тоа убедување владееше долго. Денес знаеме дека кафето е многу подобро од гласот кој го следи. Се верува дека дури може да спречи и некои видови на рак.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase
Во виното е вистината?
Алкохолот е дефинитивно нездрав, но црното вино содржи многу чудотворни молекули кои се познати како многу здрави, на пример ресвератрол, природен антиоксиданс на кој му се припишува позитивното дејство на работата на крвниот систем, зајакнување на имунолошкиот систем, па дури и забавување на процесот на стареење. Се препорачува една чаша вино дневно. Но, само една!
Фотографија: Beboy/Fotolia
Путер или маргарин?
Веќе пред неколку години, медицинските стручњаци почнаа да нѐ советуваат наместо путер да користиме маргарин, бидејќи тој содржи помалку заситени масти отколку путерот. Други пак, нѐ предупредуваат дека маргаринот е нездрав, бидејќи е неприроден производ полн со хемија, бучкуруш кој настанал во лабораториите на прехранбената индустрија. И во едното и во другото има вистина.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Природен непријател?
Ако некој умре од инфаркт, се знае кој е главниот виновник - холестеролот. Конечно, тој е оној кој ги затнува крвните садови. Како големи „холестеролски бомби“ се познати јајцата, сирењето и црвеното месо. Но, на човечкото тело му треба холестерол и згора на тоа, сам го произведува. Освен тоа, постои „добар“ и „лош“ холестерол. Денес, некогашниот „злосторник“ е веќе прилично рехабилитиран.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Отров од супа во кеса?
Глутамат - засилувач на вкус познат како опасен, не само затоа што прехранбената индустрија со него сака да „ги нашминка“ нискоквалитетните производи, туку и затоа што, наводно, може да предизвика „синдром на кинески ресторан“, заболување кое наводно се манифестира со симптоми како потење, треперење и вкочанетост. Чудно е што ниедна контролирана студија не успеала да докаже постоење на тој синдром
Фотографија: etiennevoss - Fotolia
Мит од замрзнувачот?
Многу луѓе и денес сѐ уште се држат настрана од замрзнатиот зеленчук. Затоа што се зборува дека тоа има помалку витамини од свежиот зеленчук. Но, всушност, е обратно. Замрзнатиот зеленчук е побогат со хранливи и здрави состојки - ако веднаш откако е набран адекватно се замрзне и не лежи со денови во кутии. Но, кога ќе се прошири некоја гласина, тешко е да се уништи.
Фотографија: PhotoSG - Fotolia
Во рибата е спасот?
До неодамна се веруваше дека омега-3-масните киселини можат да бидат заштита од речиси сите болести: рак, заболувања на срцето и крвотокот, дури и од пореметување на концентрацијата и депресија. Медицинските стручњаци советуваа секој ден да голтаме по една капсула со тој чудесен еликсир. Во меѓувреме знаеме дека заситените масни киселини се важни за некои метаболички функции, но не се чудотворни.
Фотографија: Fotolia/joemakev
Премногу добро може да биде лошо?
Витамините ни се потребни за живот. Пред сѐ потребен ни е витамин Ц, кој нѐ чува од настинки и вирози. Значи, кој сака да биде поздрав, мора секој ден да пие по една витаминска таблета. Но, тоа студиите не успеале да го докажат. Згора на тоа, во меѓувреме се верува дека витаминските таблети можат да му наштетат на организмот. Така барем се мисли денес. Што ќе биде утре...
Фотографија: Fotolia
Колку повеќе пиеш, толку поздрав ќе бидеш?
Мајката природа смислила една супер работа: кога нашето тело има потреба од течности, чувствуваме жед. Но, тогаш некој се досетил на теоријата дека треба да пие и пред тоа. Најмалку три литри течност дневно. Таа можеби влече корени од сознанието дека многу луѓе во староста го губат чувството за жед. Но, кај многу луѓе тоа сѐ уште многу добро функционира.
Фотографија: Fotolia/photo 5000
„Био“ значи секогаш подобро?
Кога она што го јадеме содржи премногу хемија, тогаш био-производите се вистинска алтернатива - без пестициди и штетни хемиски супстанции. Или барем со помалку, за разлика од конвенционалните производи. Но, студиите покажуваат дека био-намирниците не се нужно побогати со здрави состојки или подобри за нашето здравје. Само едно е сигурно - поскапи се.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Рецепт за здравје - умереност
Покрај митовите кои нѐ следат во животот и многуте предрасуди, исхраната и начинот на живот се важни за здравјето. Статистиките покажуваат дека пушењето, алкохолот, дебелината и недоволно вежбање се најголемиот непријател за здравјето. Но, текстовите кои демонизираат одредени намирници, а други пак ги креваат до небо, треба секогаш да се земаат со резерва. И да не се претерува - во ништо.