1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
11 мај 2023

Масакрите во Белград и Младеновац треба да бидат разбрани од сите – во и околу Србија - како предупредување за последиците на искривените идентитети и самопоимања. Пишува Арсим Зеколи

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Разочарувањето на фановите беше огромно по објавената вест дека нема да има трета сезона на светски популарната серија „Ловци на умови" (Mindhunters), посветена на зачетоците на бирото за профилирање на сериските убијци при ФБИ. Несомнено забавна, серијата беше и своевидна студија за причините позади феноменот на сериски убијци во средината на минатиот век. Внимантелното и студиозно третирање на случаите од тоа време се надоврзуваа на новите сознанија околу половиот живот на американците (Кинси), последиците на економскиот развој (бејби-бум генерација), промената на половите односи и раслојувањето на традиционалното семејство. Притоа, за прв пат, режисерот Дејвид Финчер и продуцентот Шарлиз Терон ќе се осмелат и дрзнат да укажат на последиците на токсичниот матријархат по развојот на детската психа, во чекор со веќе утврдените консеквенци од токсичниот патријархат.

Прашање е дали во некоја од идните сезони „Ловците на умови" ќе се осврнеа и кон корените и причините за појавата на другата современа општествена пандемија, онаа на масовни убиства на невини и непознати лица, без определен мотив и цел. Доколку ја прифатиме опортунистичката теза дека „пиштолите не убиваат, луѓето убиваат”, тогаш каде треба да се бара причината за таквите налудничави пориви на насумнично убивање живи суштества во сосема мирнодобски времиња и општества? Дали се тоа само современите зла на индустријата за забава, социјалните мрежи, желбата за пет минути злогласност, растечката нееднаквост, распадот на институцијата на семејството? Или пак корените се подлабоки, подзаборавени и претешки за согледување во причино-последичниот континуитет.

„Гарантирана супериорност”

Една од карактеристиките на масовните убиства е нивната распростанетост (иако не и исклучивост) во земјите со историско бреме на бивање имеријални колонијални сили и култ-тотемско, фетишистичко идеопоклонство кон оружјето. Се разбира, САД се првата земја која ги исполнува наведените критериуми. Но доколку се навратиме кон втората половина на минатиот век, таа форма на масовни убиства беше присутна и во Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Средниот исток, но во форма на терористички акти со политички аргументариум. Разликата е што тероризмот во Европа предизвика редица оштри санкции против вооружувњето, слично како што претходно либерализацијата на општеството придонесе за елиминација на феноменот на сериски убијци.

Канадската експертка по педагогија Стефани Глик во научниот труд „Како колонизацијата придонесе кон насилството на масовни убиства” (University of British Columbia, 2020) се осврнува кон прашањето на насилството на колонизацијата, робовласнишвото, белата привилегија како темели на кревката осетливост на белиот маж убеден дека неговите незаслужени „права” мора да бидат во центарот на социјалното богатство и благосостојба. Агресијата на масовните убиства се храни од исчашениот морален аргумент на право на одбрана на ексклузивитетот во користење на стекнатите права, привилегии и статусни позиции како цивилизациски дистинктив спроти „другите”. Но што кога тој аргумент на „гарантирана супериорност” дегенерира во варварско право за масовно убиство?

Пред неколку години укажував на југословенските искуства со системот изграден врз негирање, исклучување, поттиснување и угнетување на „различните”, во домашниот пример – со Албанците. Во име на оддржување на статус квото во распределбата на привилегиите преку елиминација на Албанците од системот, се изгради системска машина чија функционалност траеше се додека изменетите политички и економски реалности ја направија таквата машина некомпатибилна со современите вредности. Но наместо да се расформира, демонтира и фрли на ѓубриштето на историјата, системската машина за продуцирање привилегија почна да се врти кон сопствените креатори кои во нејзините челусти почнаа да ги уфрлаат „потрошните” сегменти на дотогаш привилегираната каста. Надворешниот колонијален канибализам прерасна во интерна, постколонијална автофагија на самопрождирање, на конзумација на сопственото, на деволутивен дарвинизам во кој само најсилните и најбескрупулозните преживуваат во синџирот на исхрана. Интересно, првите посталбански жртви на таа машинерија беа самите Македонци од ниските слоеви на општеството. Уште поинтересно, наскоро Албанците ќе измислат сопствена машина хранета од сопствените потрошни Албанци од ниските слоеви.

Тој парадокс на колонијалната судбина како предигра на самоуништување е брутално изложено во „Срцето на темницата” на Џозеф Конрад и подоцна низ ликот на полковникот Курц во „Апокалипса, сега”. Bo двете дела, ликот Курц е персонификација за еволуцијата на супремацијата кон религиска треска и финална фаза на самодеструкција како чин на неволно, болно признание за сопствената несовршеност, смртност, прозаичност, небитност. Во болниот час на самосознавање, Курц ја признава заблудата на надмоќта, шепотејќи „твојата сила е само инцидент израснат од слабоста на другите”, предупредувајќи пророчки за последиците на колонизацијата дека „екстремната жал може да се испразни преку насилство, но воглавно завршува во форма на апатија”.

Нихилизмот во Србија

Минатата недела Србија брутално и шокантно се најде лице во лице соочена со последиците на сопствената колонизаторско минато, сопствените темни срца и поколенија израснати во апатијата на пост-супремацистичката реалност. Повиканите експерти речиси унисоно заклучија дека судирот со насилството низ двете масовни убиства беше само прашање на време. Но и нивните оценки беа очекувани, вклучително и споредбите со масовните убиства во САД. Она што ретко кој од нив беше спремен да барем површно го начни како предупредување, е дека вистинската споредба на состојбата во Србија денес не е онаа со САД. Туку со Германија во затиштјето помеѓу двете светски војни.

Протест против насилство во Белград, СрбијаФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

За таквиот заклучок доволно е да ги консултирате заклучоците на германскиот филозоф Лео Штраус изнесени на предавањето во Њујорк на 26 февруари 1941 година за германскиот нихилизам како основа за подемот на германскиот националсоцијализам. Сличностите на причините и формите на нихилизмост во германското општество со денешниот дух на нихилизам во Србија се фрапантни и загрижувачки. Во обата примера, нихилизмот се јавува како радикална форма на милитаризмот, изникнат од корењата на ишчашениот морализам. Во обата примера нихилизмот ги негира цивилизацијските принципи во полза на војната и воинствените идеи. Во двете општества, нихилизмот е обележје на младите, додека пак позитивизмот на постарите. Германскиот, слично на српскиот нихилизам е страствена реакција на одреден тип на млади атеисти кон комунистичкиот идеал. На крај, сосема индикативно, Штраус, временски констектално ќе забележи дека „тековната англо-германска војна е војна за принципи”, што е морничава паралела со современиот однос помеѓу рускиот нихилизам и односот на западната (англо, германска, американска) алијанса во одбрана од агресијата на рускиот националсоцијализам.

Србија е терминално оболена од пост-колонијалната, пост-супремацистичка грозница на самодеструкцијата како финална етапа на нихилизмот. Но синдромите на самоуништувањето се сепак насекаде присутни во регионот. Можеби не со таков експлозивен набој како што се покажа во Белград, но со сепак доволно егоистични структури на моќта, спремни да ја одржат во живот автофагијата на сопствената иднина поради дневно-политички, профитерски, прождрливи апетити. Впрочем, како што супремацијата на Србија се има изродено од чувството на инфериорност, неисторичност, така и современите жртви на Србија треба да ја имаат на ум погубноста на екцесивно, манипулативно морализирање на сопствената некогашна инфериорност. Масакрите во Белград и Младеновац треба да бидат разбрани од сите – во и околу Србија - како предупредување за последиците на искривените идентитети и самопоимања. За кои цената доаѓа генерации подоцна, од лица кои не доживеале војна и неправда, кон лица кои не заслужувале куршуми и страдања.

Општеството во Србија е само екстремна форма на еволуцијата од патетичната перцепција за себе жртва кон деструктивната поза на токсично мажество. Некогашниот воен, воинствен, милитантен восклик „еднаш се умира” денеска има деволуирано во хедонистичка, отуѓена, бесчувствителна апатија на „еднаш се живее” како лиценца за немање усул, доблест, осет и чувство за односот кон другиот, блискиот. Симпатијата за освојување ја има збришано емпатијата за почитување. Додајте го на тоа хаосот во кој се развива кревкиот детски ум во кој принудено коегзистираат ново-општествените норми на полова, идентитетска, родителска различност карши традиционалните норми на религиозност, семејство, социјален статус, веќе и сликата за детето исправено со меч пред Гордиевиот јазол е веќе исцртана. Старите кои не сакаат, не умеат да ги помират таквите дијаметрално спротивставени светови се оние кои со нечинење го принудуваат детето со еден замав да побара лесно, едноставно решение за се. Против секого.

Дали масакрите во Белград и Младеновац се тригери за катарзично самопреиспитување на српското општество? Настанот беше искрено трогателен за општеството, но недоволно за престројување на моќниците. Истото може да се каже и за нас. Начинот на кој граѓаните реагираа не беше доволен за медиумите да се подзамислат околу начинот на кој го експлоатираа настанот со тони патетично и воајерско клик-подводување на општеството. Слично на колегите од Белград, скопските власти се определија спасот да го најдат во леснотијата на забраната на ТикТок инструментите за масовно залудување, наместо причината да ја побараат во искривените или недоучени алгоритми на нивната логика, однесување и јавен дискурс. Повторно, таа сличност не е случајност, секако не во две земји во кои сеуште важи диктатот на култната фразеологија дека „светот на младите им останува”. Поради која денес и во Србија и во Македонија орото го водат млади со минимум животно искуство и емоционална интелигенција. Моделирани според констатација на Штраус за „нихилизмот како страствена реакција на одреден тип млади атеисти кон комунистичкиот идеал.”

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми