Северна Македонија заглавена на патот кон членство кон ЕУ
4 ноември 2025
Според документот, Северна Македонија сè уште не ги усвоила уставните измени за вклучување на граѓаните кои се дел од други народи, како Бугарите, што е обврска преземена со заклучоците на Советот од јули 2022 година. „Потребни се брзи и одлучни активности за исполнување на почетните критериуми и отворање на првиот кластер што е можно поскоро“, се наведува во извештајот на Европската комисија.
Комесарката за проширување, Марта Кос при претставувањето на извештајот пред пратениците во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, само ги повтори двете клучни реченици за Северна Македонија: дека земјата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но и дека пропуштила во изминатата година да направи напредок кон ЕУ.
Кос пофали три држави за реформите направени во изминатиот период. Таа оцени дека „Црна Гора е најнапредна и подготвена“, дека „Албанија направила огромен напредок и продолжува со реформи“, како и дека Молдавија „направи најголем напредок во само една година“.
Реформи под знак прашалник
Иако властите продолжуваат да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, напредокот е ограничен. Комисијата бара засилување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, со јасен доказ за истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на високо ниво.
Позитивни сигнали, но недоволни
Извештајот нотира дека Северна Македонија останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што се оценува како стратешки избор. Сепак, билатералните договори со соседите – Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија – мора да се спроведуваат во добра волја.
Финансиска поддршка условена со реформи
Земјата доби средства од Реформската и развојна програма на ЕУ, но идните исплати ќе зависат од забрзување на реформите. „Корупцијата треба да се адресира без прекин“, предупредува Комисијата.