1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екологисти: Дизелот ќе го зголеми загадувањето во Скопје

ДТЗ
4 ноември 2022

Топланите немаат опрема за контрола на емисиите од користење на дизел гориво, предупредуваат од Еко-свест, по најавите дека дизелот ќе се користи како алтернатива на гасот за затоплување на Скопје

Скопје смог
Дизел горивото ќе го зголеми загадувањето во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Порастот на цените на гасот и неговиот недостиг во екот на енергетската криза го враќаат во игра дизел горивото, како алтернативно гориво за работа на скопските топлани. Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека од 15 ноември се подготвуваат да направат тест на топланите и тие да почнат на работат на дизел гориво за да се види дали системот дали може да работи со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут. Но, еколошките здруженија се загрижени поради најавата дека дизелот ќе се користи за загревање во Скопје, град којшто се соочува со енормна загаденост во текот на зимата. 

Колкаво ќе биде загадувањето? 

ЕСМ со преземањето на топланите „Исток“ и „Запад“ под закуп од АД „Адора“ ги подготвува да можат да работат и на алтернативно гориво  - дизел. Ова ќе се користи во случај да нема природен гас или пак цените за негова набавка да бидат екстремно високи. Тогаш достапноста на дизел горивото, што го има во државните резерви во државата, ќе биде полесно достапно и ќе може полесно да се изменаџира евентуална криза доколку постои.

Но, од еколошкото здружение „Еко-свет“ за ДВ велат дека инсталацијата на нови дизел мотори во топланите во Скопје, која што е веќе завршена, е направена нетранспарентно. Ова отвара многу прашања - кога била донесена ваква одлука, кој ја одобрил, колку финансиски средства се потрошени за новите мотори? 

„Ваквата промена на топланите е надвор од нивниот нормален режим на работа и практично е создавање на нова постројка со сосема нови параметри. Топланите немаат опрема за контрола на емисиите од користење на дизел гориво, немаат ни еколошка дозвола која што овозможува такво нешто, а сега не чека ситуација каде што 20 дена ќе се користи дизел за загревање на Скопје. Ова ќе доведе до зголемување на загадувањето на воздухот во Скопје во периодот кога ќе се користат дизел моторите во тест фаза, но и понатаму доколку продолжи нивното користење“, посочува Давор Пехчевски - програмски координатор за енергија во Еко-свест. 

Според него, место да се инвестираат средства во вакви застарени технологии, државата и ЕСМ мора да почнат да инвестираат во нови технологии за загревање на домаќинствата, базирани на обновливи извори со што ќе избегнат последиците од енергетската криза на долг рок место да остануваме зависни од увоз на скапи и високо загадувачки горива. 

Топланите немаат опрема за контрола на емисиите од користење на дизел гориво, немаат ни еколошка дозвола која што овозможува такво нешто, реагираат екологиститеФотографија: Egor Eryomov/dpa/picture alliance

Тест-период 

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека од 15 ноември на овие топлани се подготвуваат да направат одреден тест период во кој ќе се вклучат овие две топлани да работат на дизел гориво за да се проба системот дали ќе може да работи со овој енергенс затоа што во минатото работел на мазут.

„Ќе го пробаме системот да видиме дали може да работи и со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут кој е еколошки многу понеподобен. Тоа го правиме за да бидеме сигурни дека во целост ќе можеме да ги задоволиме потребите со топлинска енергија во подоцниот период на грејната сезона или во наредните сезони и доколку има проблеми со набавка на природен гас", изјави Ковачевски. 

Топлинската енергија во период кога функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО од која се добива околу 60 отсто од потребната топлинска енергија за системот во Скопје, останува 40 отсто да се обезбеди од топланите „Исток“ и „Запад“. Токму затоа, заради поволните временски услови, планот на техничките кадри во ЕСМ е да направат тест период во промена на енергенсот.  Тест-периодот ќе трае најмалку 10 дена во кој период треба да се испита системот во кој се поставени околу 10 нови пумпи за дизел гориво во двете топланите.

Владата во меѓувреме донесе одлука за преземање мерка за финансиска поддршка со засметување на разликата на цена на топлинската енергија на вршителите на енергетските дејности на пазарот на топлинска енергија, за потрошената топлинска енергија од страна на потрошувачите од категоријата домаќинства, во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија. Оваа одлука за новата грејна сезона практично значи продолжување на субвенционирањето на сметките за топлинска енергија на домаќинствата, со цел заштита на домаќинствата од повисока цена на топлинска енергија, како што беше случај и досега. Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на системот за централно греење на кој грејната сезона трае од 15 октомври до 30 април.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми