Еколошкиот криминал – жежок костен за судството
19 ноември 2025
Предизвици, закони и европска перспектива
Еколошкиот криминал во Македонија и понатаму останува жежок костен за судството. Иако честопати добива форма на организиран криминал, а штетите од него се огромни – и во здравствена и во економска смисла, неговото процесуирање и казнување останува сериозен предизвик.
„Недоволните капацитети на инспекциските и другите истражни органи за откривање на овој вид кривични дела, како и скапите и долготрајни вештачења, го обременуваат докажувањето на делата од еколошкиот криминал. Особено ако се имаат предвид недоволните ресурси што му се доделуваат на обвинителството за оваа намена“, вели републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Националната тркалезна маса: Клучни пораки и предизвици
На климатските услови и заштитата на животната средина мора да се гледа како на заедничко добро што сите се обврзани да го штитат. Тоа не го наложуваат само критериумите за членство во Европската Унија, туку и фактот дека од напредокот во оваа област зависи економскиот и социјалниот развој на земјата.
Ова беше потенцирано на Националната тркалезна маса за конвергенција на климатската и еколошката правда, поддржана од Француската агенција за развој, на која министри, судии, обвинители и експерти укажаа на современите предизвици за заштита и санкционирање на загрозувањата на животната средина.
Пожари, депонии и еколошки катастрофи – случаите што ја потресоа јавноста
Во земјата се процесуираат неколку предмети поврзани со еколошката правда. По пожарите на депониите Дрисла и Вардариште, како и катастрофата во Трубарево, каде што се запали фабрика за електронски отпад, полицијата приведе повеќе лица, а обвинителството започна истражна постапка. Јавноста чека еколошка правда поради енормното загадување на воздухот и загрозувањето на здравјето на граѓаните.
Законски измени и воведување на екоцид
Кривичното право во Македонија на хартија е усогласено со современите предизвици за заштита на животната средина. Од неодамна е воведено и кривично дело – екоцид,а санкциите за ваквите дела се значително зголемени. „Меѓутоа, во пракса, примената и натаму останува предизвик – пред сѐ на фазата на обезбедување докази“, вели Коцевски.
Правото на здрава животна средина – уставна гаранција
Министерот за правда Игор Филков потсетува дека правото на здрава животна средина е подигнато на ниво на уставна гаранција. „Постојано сме сведоци на деградирање на животната средина што има катастрофално влијание врз здравјето и квалитетот на животот на граѓаните. Токму затоа, на ова прашање посебно внимание се посветува на глобално и регионално ниво“, вели Филков.
Ова прашање, додава тој, е врвен приоритет на Владата. „Насоките за клучните реформи се утврдени во Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени, во рамките на нашето пристапување во Европската Унија. Нашите успеси ќе бидат оценувани преку успешноста на органите надлежни за заштита на животната средина“, истакна Филков.
Улогата на институциите и граѓаните
Заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска нагласи дека земјата располага со извонредно природно богатство, но тоа е и исклучителна одговорност. „Еколошката правда не се однесува само на институциите, туку и на граѓаните, локалните заедници, невладините организации и медиумите“, рече Лашкоска.
ЕУ интеграција и климатска правда – визијата на Македонија
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани истакна дека климатската и еколошката правда станаа теми што го дефинираат темпото на современата европска политика. „Ова не е само еколошко прашање. Ова е прашање на еднаквост, пристап до здравје, економска стабилност и доверба во институциите“, рече Муртезани, додавајќи дека климатското дејствување е дел од европската перспектива и развојната визија на Северна Македонија.