Златото и биткоинот на рекордно ниво: до кога ќе растат?
7 октомври 2025
Последниве неколку недели беа успешни за оние што поседуваат злато и биткоин во своите трговски портфолија. Двете стоки достигнаа рекордни вредности додека инвеститорите продолжуваат да ги поддржуваат.
Златото ја проби границата од 3.900 долари (3.334 евра) за тројска унца оваа недела- тројска унца е мерна единица за благородни метали и изнесува 31,1 грам.
Во меѓувреме, во неделата (5 октомври), најстарата и најпозната криптовалута во светот, биткоин, достигна рекорд кога за првпат ја проби границата од 125.000 долари, пред да падне малку.
2025 досега е извонредна година за двете стоки. Златото бележи најголем раст од 1970-тите, со пораст на цената од над 50% од 1 јануари. Биткоинот имаше падови во турбулентната 2025 година, но неговата вредност порасна за околу една третина од почетокот на годината.
Зошто се случува ова?
Златото долго време се смета за „сигурна инвестиција“ во периоди на неизвесност, и бележи стрмоглаво зголемување од крајот на 2018 година, со пораст на вредноста од над 300% од тогаш.
Неизвесноста е еден од факторите за тековниот раст, особено поради реципрочните тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп во април, кои предизвикаа загриженост за глобалната економија, одржливоста на американскиот државен долг и иднината на доларот како светска резервна валута.
Дополнително, постои постојана геополитичка неизвесност поради војната на Русија во Украина и конфликтот во Газа.
Како растеше цената на златото од почетокот на годинава
Друг фактор е затворањето на американската влада. Златото се гледа како алтернатива на доларот, кој годинава значително загуби на вредноста.
Златото исто така има корист од намалената поддршка за јапонскиот јен како сигурна инвестиција. Јапонските акции пораснаа во понеделник по изборот на Санае Такаичи за лидер на владејачката партија ЛДП, што ја поставува како прва жена премиер на земјата. Сепак, јенот продолжи да паѓа.
„Слабеењето на јенот по изборите во ЛДП ги остави инвеститорите со една сигурна инвестиција помалку, и златото успеа тоа да го искористи,“ изјави Тим Вотерер, главен аналитичар на КЦМ Трејд (KCM Trade) за агенцијата Ројтерс.
Ситуацијата во САД ја зголемува привлечноста на златото. „Постојаното затворање на владата значи дека над американската економија сè уште виси облак на неизвесност и потенцијално влијание врз БДП,“ додаде тој.
Сепак, експертите велат дека постојат повеќе од само сомнежи околу иднината на американската или глобалната економија. Неколку аналитичари велат дека има пораст на побарувачката за злато преку ЕТФ (фондови со тргување на берза), со сè повеќе инвеститори од различни профили кои сакаат да вложуваат.
„Фактот што побарувачката за ЕТФ се врати толку силно значи дека постојат две форми на агресивна побарувачка за злато — од централните банки и ЕТФ инвеститорите,“ напишаа аналитичарите на Дојче Банк во белешка до клиентите.
Централните банки долго време купуваат злато, но новата побарувачка преку ЕТФ го поттикна сегашниот раст. Според последните податоци од Американската комисија за трговија со стоки (CFTC), хеџ фондовите сега држат рекордни 73 милијарди долари вредност во злато.
Што се случува со биткоинот?
Рекордниот раст на биткоинот главно се должи на реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД, со неговата јасна и честа поддршка за криптовалутите, што ја зголемува довербата и побарувачката во секторот.
Има и докази дека сè повеќе институционални инвеститори вложуваат во биткоин, слично како кај златото. Се повеќе се гледа како алтернатива на доларот. Очекуваните намалувања на каматните стапки исто така ги охрабруваат инвеститорите да преземат поголеми ризици.
Вредноста на Биткоин надмина 125 илјади долари
Биткоинот исто така добива на сила поради неизвесноста околу американската економија, со тековното затворање на владата што ја зголемува побарувачката.
„Овојпат затворањето е важно,“ напиша Џефри Кендрик, раководител на истражувања за дигитални средства во Стандард Чартерд Банк (Standard Chartered Bank), во белешка до инвеститорите.
„Оваа година, биткоинот тргуваше во корелација со 'ризиците од американската влада', што најдобро се гледа преку неговата врска со премијата на американските државни обврзници,“ додаде тој, мислејќи на метриката што ја мери дополнителната добивка што инвеститорите ја бараат за да држат долгорочни државни обврзници — што ја одразува нивната доверба во долгорочната економска стабилност.
Друг фактор за моменталната сила на биткоинот може да биде неговиот годишен циклус. Октомври историски е еден од најсилните месеци, со пад на цената само двапати во октомври од 2013 година наваму.
Ќе продолжи ли растот?
Многу набљудувачи очекуваат златото и биткоинот да продолжат да растат, со нови пробивања на рекордни вредности.
„Претпоставувам дека биткоинот ќе расте за време на затворањето и наскоро ќе достигне 135.000 долари,“ предвидува Џефри Кендрик. Фактот што администрацијата на Трамп веројатно ќе продолжи со поволни политики за криптовалутите ја зголемува оптимистичката перспектива.
Што се однесува до златото, малкумина очекуваат пад на вредноста во блиска иднина.
„Растот може да продолжи и во 2026 година, поттикнат од купувањето од официјалниот сектор; институционалната побарувачка за злато како диверзификатор може да остане силна,“ се вели во белешка од ХСБЦ (HSBC) до инвеститорите во петокот.
Лондонската банка очекува централните банки да продолжат да купуваат големи количини злато како заштита од геополитички ризици.
Тоа се совпаѓа со изјавата на Светскиот совет за злато во последниот квартален извештај од крајот на јули, каде што нивната годишна анкета на централни банки покажала дека „95% од менаџерите на резерви веруваат дека глобалните резерви на злато ќе се зголемат во наредните 12 месеци.“
Тоа, заедно со растечката побарувачка преку ЕТФ од хеџ фондови и други институционални инвеститори, сугерира дека златото наскоро може да ја пробие границата од 4.000 долари.