1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Екрем Имамоглу на суд: Ердоган ги елиминира ривалите

Елмас Топчу
11 септември 2025

На 11 септември почнува ново судење против Екрем Имамоглу. Турското судство го обвинува најсилниот противник на Ердоган за фалсификат. Осудата би можела да го дисквалификува од кандидатурата за претседател.

Маж со бела кошула и високо кренати раце (турскиот опозиционер Екрем Имамоглу) зборува на бина, зад која има плакат со неговиот лик
Носител на надеж на турската опозиција: Екрем Имамоглу од ЦХПФотографија: ANKA

Tурското судство oколу една година спроведува масовни акции против најголемата опозициска партија, ЦХП. Досега се уапсени 16 градоначалници, заедно со стотици нивни вработени и партиски функционери.

Екрем Имамоглу, поранешниот градоначалник на Истанбул и најперспективниот претседателски кандидат на опозицијата, од март годинава е исто така во затвор со висока безбедност во Силиври. Против 54-годишниот ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се водат разни судски процеси и истраги, почнувајќи од наводни навреди кон функционери до корупција.

На 11 септември, тој ќе се појави на суд за фалсификување. Иако обвинението првично звучи банално, пресудата може да има далекусежни последици. Кој е Екрем Имамоглу и зошто стана цел на судството?

Зошто ова судење е толку важно?

Овојпат, обвинението е повеќекратно фалсификување службени документи, односно станува збор за неговата универзитетска диплома. Непосредно пред неговото апсење, Универзитетот во Истанбул му ја поништи дипломата. Доколку биде осуден, тој се соочува со затворска казна до осум години и девет месеци. Најсериозната последица, сепак, би била исклучување од каква било политичка активност, особено од кандидирање на следните претседателски избори. Според турскиот устав, универзитетската диплома е задолжителен услов за функцијата шеф на државата.

Имамоглу и неговата партија ЦХП ја опишуваат одлуката на универзитетската администрација и обвиненијата како политички мотивирани. Досегашниот тек на случајот го поддржува оваа сомневање, бидејќи дебатата околу дипломата на Имамоглу започна кратко време по неговиот успешен избор за градоначалник на Истанбул во 2019 година.

Откако Имамоглу ја презеде Градската управа, излезе на виделина дека АКП го користела градот како извор на финансирање за своите идеолошки цели. Со години се влевале средства во провладини медиуми, исламистички организации и братства.

Критичарите го гледаат судењето на Имамоглу како чин на одмазда од страна на владата. Со години, партијата на Имамоглу изразува сомнежи за дипломата на Ердоган. Според неговата биографија, Ердоган дипломирал на Универзитетот Мармара во 1981 година, иако универзитетот официјално не бил основан сè до 1982 година.

Поранешниот градоначалник на Истанбул и претседателски кандидат на најголемата турска опозициска партија ЦХП, Екрем Имамоглу, со сопругата Дилек на настан во турски регион на Црното МореФотографија: DHA

Понатамошни судења и истраги

Откако ја презеде функцијата, популарниот политичар Имамоглу постојано е под лупа на турското судство, кое во последните години е сè пополитизирано. Против него се покренати неколку истраги и судски постапки, а во некои случаи веќе е осуден.

Тој е во затвор од март. Официјално, тој е обвинет за корупција и мешање во тендерските постапки на градската управа на Истанбул. Тој е обвинет и за поддршка на тероризам. Ова се однесува на соработката на неговата партија, ЦХП, со прокурдската партија ДЕМ на последните локални избори. Двете опозициски партии се согласија за заеднички кандидати во некои општини во Истанбул во кои има големо курдско население и ги победија кандидатите на владејачката партија. Иако турската влада спроведува мировен процес со ПКК и ДЕМ во курдскиот конфликт, дури и далечната врска со прокурдската партија ДЕМ од страна на судството се толкува како „поддршка на тероризмот“.

Во друг случај, јавното обвинителство истражува обвинувања за проневера на јавни средства од културни настани. Со вакво обвинение не се соочува само Имамоглу - владата на АКП обвинува и други градоначалници од опозицијата за расипничко користење на јавни средства за фестивали и концерти. Сепак, критичарите истакнуваат дека самата владејачка партија организира настани од големи размери во многу градови без да биде покрената постапка за трошењето на средствата.

На 11 септември, ривалот на Ердоган, Имамоглу, ќе седне на обвинителна клупа во судењето за наводно фалсификувана диплома. Осудата би можела да значи крај на неговата политичка кариера (фото: на прес-конференцијата на неговите адвокати, на ѕидот е напишана порака: „Диплома: Присутна“)Фотографија: ANKA

Кој е Екрем Имамоглу?

Екрем Имамоглу е роден на 4 јуни 1970 година во Акџабат, западно од Трабзон, на брегот на Црното Море. Тој потекнува од скромно семејство. Неговото семејство водело продавница за железарија и се преселило во Истанбул во 1987 година, каде што основале градежна компанија. Како и Ердоган, и Имамоглу бил страствен фудбалер и посетувал училиште за Куран. Според неговите сопствени изјави, тој ги започнал студиите на Американскиот универзитет во Северен Кипар, а подоцна се префрлил на Универзитетот во Истанбул, каде што стекнал диплома по бизнис администрација и магистратура од сферата на човечки ресурси во 1994 година.

Во 2008 година, тој се приклучил на Републиканската народна партија (ЦХП). Со нејзината мешавина од социјалдемократски и националистички политики, таа стана главна опозициска партија на владејачката АКП. Политичката база на ЦХП е првенствено урбаната, секуларна средна класа.

Политичката кариера на Имамоглу започна во истанбулскиот округ Бејликдузу, упориште на АКП, каде што победи во 2014 година како кандидат на ЦХП. Четири години подоцна, тој се кандидираше за градоначалник на Истанбул. Имамоглу постигна изненадувачка победа против десната рака на Ердоган, поранешниот премиер Бинали Јилдирим. Откако изборите беа поништени, тој ја доби повторно победи со значителна разлика. Неговата убедлива победа го заврши 25-годишното владеење на АКП во метрополата на Босфор.

По преземањето на функцијата, Имамоглу ги запре исплатите од 55 милиони евра на фондации блиски со АКП и го откажа општинското финансирање за провладините медиуми. Владата последователно ги блокираше неговите проекти и одби даму додели кредити на Град Истанбул за неговите проекти.

На локалните избори во 2024 година, Имамоглу повторно се кандидираше во Истанбул, како кандидат на опозицијата, и повторно беше успешен. Тој се смета за близок со народот и речит, и се обраќа на различни групи во општеството. Неговата реторика е конструктивна: не сака да дели, туку да ги вклучи сите. Со својот слоган „Сè ќе биде во ред“, тој мобилизираше милиони луѓе. Неговата популарност му овозможи да ја притиска својата партија кон реформи.

Тој е на успешен курс со сегашното раководство на партијата од реформското крило. Сепак, против раководството исто така се води судска постапка. На целото раководство на партијата му се заканува импичмент. Следното рочиште е на 15 септември. Доколку сегашното партиско претседателство биде отстрането и на чело на ЦХП биде поставен „принуден управник“, Имамоглу би можел да биде заборавен.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми