1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Експерт: Ако победи Путин, ќе има милиони бегалци

Фолкер Витинг
3 април 2024

Дали поради војната во Украина, Германија би морала да смета со повеќе бегалци во иднина? Експертот за миграција, Гералд Кнаус, смета дека е веројатно.

Украина Ракетен напад врз Киев
И Киев е постојано гаѓан со руски ракети (25.03.2024)Фотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Сценариото е драстично: „Ако Путин победи и Украина ја загуби војната, тоа би можело да предизвика бран од уште десет милиони бегалци“, вели експертот за миграција Џералд Кнаус во интервју за ДВ.

Во моментов Русија речиси секојдневно јавува за освојување делови од украинска територија. Двете страни се гаѓаат жестоко со ракети и беспилотни летала. Но, едно е јасно: Русија напредува, подобро е опремена и од неодамна почна да ја нарекува војната војна, а не „специјална воена операција“. Во исто време, меѓународната поддршка за земјата е разнишана.

„Ако бидат уништени големи градови како Харков и други, ако бројот на жртви се зголеми и надежта се намали, тогаш можеби ќе го доживееме најголемото движење на бегалците во светот од 1940-тите“, предупредува експертот за миграција Кнаус.

Гералд Кнаус е шеф на тинк-тенкот „Европска иницијатива за стабилност“ (ЕСИ)Фотографија: Francesco Scarpa

Сценарио што експертот на СПД за внатрешни работи, Хелге Линд, во интервју за ДВ го релативизира: „Не очекувам бројките да бидат толку превисоки како што се дискутира. Сепак, дополнително зголемување на бројките, со натамошната драматизација на војната би било сосема можно. Но, нема причина да се каже дека сега постои закана од огромен бран бегалци“.

Кога пред околу две години руската армија ја нападна цела Украина, кршејќи го меѓународното право, во Германија владееше голема солидарност. Украинските бегалци беа спонтано поддржани - од луѓето и од страна на политиката. Бегалците од Украина не мора да минуваат низ бирократска процедура за азил во Германија. Можат веднаш да почнат да работат и имаат право на социјални бенефиции, медицинска нега и јазични курсеви.

Воени бегалци од Украина се заблагодарија за помошта на митингот на СПД во август 2023 годинаФотографија: Sachelle Babbar/ZUMA/picture alliance

Според наводи на Медиумскиот сервис за прашања на интеграцијата, околу 1,15 милиони од вкупно 4,3 милиони украински бегалци во моментов се во Германија. Бројката постојано се зголемува. Политичарите од конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ тоа веќе го гледаат со загриженост: „Ние како Европејци имаме посебна одговорност за воените бегалци од нашето блиско соседство. Но, се разбира, и нашите капацитети некогаш доаѓаат до своите граници“, изјави за ДВ политичарот од ЦДУ, Торстен Фрај.

Веднаш по почетокот на војната, повеќето луѓе бегаа во соседните земји во Централна и Источна Европа, особено во Полска. По извесно време таму беа регистрирани околу 1,6 милиони Украинци. Денес ги има нешто помалку од милион. Во меѓувреме, Германија известува за најмногу воени бегалци во апсолутни бројки. Меѓутоа, ако се спореди бројот на бегалци со вкупниот број жители, се појавува друга слика: Бугарија има бегалски удел од 3,4 отсто, Чешка 2,6 отсто, а Германија само 1,4 отсто. Ова го покажуваат пресметките на истражувачот за миграција Кнаус. Мерено во однос на вкупното население од околу 38 милиони, Полска, исто така, се грижи за голем дел од бегалците - околу 2,6% од луѓето во земјата сè уште се бегалци од Украина.

Многу општини веќе не знаат како да сместат повеќе бегалци - спортската сала на гимназијата Кирхзеон во март 2022 година Фотографија: Wolfgang Maria Weber/IMAGO

Апели за европска солидарност

Торстен Фрај, од друга страна, го критикува фактот дека, пресметано во апсолутни бројки, „Германија мора да се справи со најголемиот дел од приливот“. Сојузната влада мора итно да работи на еднаква распределба на украинските воени бегалци, оценува тој и вели: „Само Баден-Виртемберг прими повеќе воени бегалци од Украина отколку цела Франција“. Покраината Баден-Виртемберг има 11 милиони жители, а Франција околу 68 милиони.

Хелге Линд од владејачката партија СПД има разбирање: „Кога бегалците се пред изборот: во која земја да одам - ​​Франција, Белгија, Италија, кога социјалните услови во Германија се јасни - со можност за директно вработување и подобри социјални бенефиции, тогаш разбирливо е дека е поголема веројатноста тие да дојдат во Германија“.

Експертот за миграција на СПД, Хелге Линд: Нема причина да се каже дека сега постои закана од огромен бран бегалциФотографија: Fionn Große

Дали Германија е подготвена за повеќе воени бегалци од Украина?

Војната на Русија против Украина зема сѐ повеќе жртви. Тоа предизвикува бегство и протерување. Путин дури може да победи. Или трајно да анектира дел од државата и шири терор. „ЕУ не е подготвена за најлошото сценарио што може да следи“, критикува Кнаус. Владините и опозициските политичари не знаат што да прават затоа што и сѐ повеќе луѓе од други земји аплицираат за заштита во Германија. Политичарот на ЦДУ, Торстен Фрај, очекува уште 300.000 барања за азил оваа година. „Ова директно влијае и на украинските воени бегалци, за кои тогаш има недостиг од сместување и особено капацитет за интеграција.“

Политичарот на СПД, Хелге Линд, е загрижен: „Општините веќе велат дека се на работ на нивните капацитети. Тоа значи дека ако бројот на луѓе од Украина повторно значително се зголеми, тогаш веднаш повторно ќе имаме дебата за миграцијата во Германија“.

Но, Линд, Фрај и Кнаус се согласуваат во едно: најдобриот начин би бил да ѝ се обезбеди на Украина огромна воена поддршка за да не мора уште луѓе да бегаат од војната.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми