Мировниот план на САД е „развод на НАТО“
27 ноември 2025
Американскиот „мировен план“ од 25 точки за Украина предизвика сензација ширум светот: додека Вашингтон го претстави како реален пат кон примирје, во Киев и Европа беше дочекан со голема скепса. Русија реагираше воздржано, но првично покажа делумен интерес.
По разговорите во Женева меѓу САД и Украина, американскиот „мировен план“ беше скратен на 19 точки.
Пратеникот на германската владејачка ЦДУ Родерих Кизеветер жестоко го критикуваше планот во емисијата кај „Маркус Ланц“ на вториот канал на германскиот јавен сервис ЦДФ, бидејќи тој предвидува Русија да ги добие областите каде Украина има најважни одбранбени позиции. Според него, овие региони би биле признаени како руска територија, вклучувајќи ги и природните ресурси што Русија – делумно со американско учество – би ги експлоатирала.
Кизеветер изјави дека овие точки „правно се апсолутно спорни и погрешни“. „Ова е план за капитулација“, рече тој.
За поранешниот полковник на Бундесверот, не е само Украина големиот губитник во актуелниот американски „мировен план“, туку и Европа. „Она што го гледаме сега е план за капитулација – и на Европа – затоа што не успеавме да им покажеме на Американците дека ова е војна на европско тло што можеме да ја решиме.“
Воениот експерт Кристијан Мелинг нагласи дека Европа нема силна почетна позиција во целиот процес.
„Американците ги поднесоа документите за развод"
Мелинг објаснува дека е уште поважно тоа што САД, во планот поддржан од Доналд Трамп, фактички се изземаат од НАТО и се претставуваат како неутрални посредници. Ова е фундаментална промена во однос на досегашната американска политика и на неодамнешните уверувања дека Америка ќе продолжи да ја поддржува Европа.
„Ако ја соголиме ситуацијата до крај, мора да кажеме дека сме на точка каде Американците веројатно ги поднесоа документите за развод“, рече Мелинг.
Ова мислење го сподели и Керстин Минстерман, новинарка на „Рајнишe Пост“:
„Ова е документ за развод на НАТО. Ова е документ за развод на Западот.“
Минстерман, која неодамна беше со канцеларот Фридрих Мерц на Г20 самитот во Јужна Африка, изјави дека ова мислење го делат и други европски владини претставници. „Расположението меѓу Европејците во Јоханесбург на Г20 самитот беше исто. Италијанската премиерка Џорџа Мелони наводно рекла нешто како: „Тоа беше тоа.“
Мелинг посочи дека „со Русите за ова сè уште никој не разговарал“. Затоа тој остро критикуваше што некои експерти се потпираат на две спорни претпоставки:
Прво, дека Русите би го потпишале договорот, што е веќе интересно, и второ, дека ќе се придржуваат до него. „Што за мене е апсолутен апсурд.“
Мелинг: Американскиот „план“ ја влошува безбедноста во Европа
Во тој контекст, Мелинг го нарече Владимир Путин „хроничен прекршител на договори“ и ги обвини Американците дека предложиле план „кој на крај ја влошува безбедносната ситуација во Европа толку многу што сме поблиску до војна“.
Експертот предупреди дека ако се прифати планот, треба да се очекува повлекување на САД, бидејќи тие конфликтот повеќе нема да го сметаат за свој. Со тоа, Европа би останала сама во оваа ситуација.
Мелинг заклучи: „Дали ова е договор? Не знам. Прво, мислам дека договор воопшто нема да се постигне, а ако се постигне, ќе биде крајно кревок.“