Европа: Над 47 илјади починати од горештините во 2023
13 август 2024Експертите проценуваат дека повеќе од 47.000 луѓе починале како последица на високите температури во Европа во 2023 година, најжешката година досега.
Бројката беше пријавена во студија објавена во списанието Начурал медисин во понеделникот, направена по метод на моделирање. Меѓутоа, меѓународната истражувачка група предводена од Институтот за глобално здравје во Барселона, исто така, заклучи дека општеството се прилагодува нависоките температури.
Тимот користеше податоците на Еуростат за 96 милиони смртни случаи за да процени колку од нив биле поврзани со горештините во 2023 година во 823 региони од 35 европски земји.
Според проценките, минатата година 47.690 смртни случаи во Европа се поврзани со високите температури. Ова е втора највисока стапка на смртност од почетокот на ваквите мерења во 2015 година, а највисоката стапка е забележана во 2022 година.
Истражувачите откриле дека земјите во јужна Европа имаат највисока стапка на смртност поврзана со горештините. Грција (393 смртни случаи на милион жители), Бугарија (229), Италија (209) и Шпанија (175) ги заземаа првите четири места во проценката. За споредба, стапката во Германија беше 76 смртни случаи на милион жители во 2023 година.
Во конкретни бројки, истражувачката група проценува дека во 2023 година бројот на смртни случаи поврзани со топлотните бранови во Италија бил нешто помал од 12.750, а во Германија 6.376. Во речиси сите земји кои се проучувани, значително повеќе жени починале од ефектите на топлината отколку мажи , а особено биле погодени постарите лица.