1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екстра данокот за едни спас од кризата, за други главоболка

ДТЗ
29 декември 2022

Бизнис заедницата смета дека воведувањето на данок на екстра профит значи ризик за инвеститорите. Премиерот, пак, порача дека ќе биде од голема помош за државата во време на криза

данок
За бизнис заедницата екстра данокот е ризик. Државата, пак, гледа спас во оданочувањето на екстра добивкатаФотографија: Colourbox

Данокот на екстра профит, со кој што се најавува дека би можеле да бидат опфатени неколку илјади компании кои оствариле голем профит во текот на годината, предизвика различни реакции во јавноста. Бизнис заедницата смета дека овој данок не треба да го плаќаат сите компании кои оствариле екстра профит, туку само оние кои профитирале од кризата.

Стопанската комора на Северна Македонија укажува дека донесувањето на закон за дополнителен данок на добивка на крајот на 2022 година, претставува репутациски ризик за државата и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека соседните држави немаат воведено сличен данок.  Но, премиерот Димитар Ковачевски денеска од собраниската говорница порача дека воведувањето на ваков екстра данок не е ништо ново и го има и во соседните земји.

Искуство од соседните земји

„Постои иницијатива за данок на екстра профит кој во различни држави носи различно име. Може и кај нас ќе има друго име. Во Хрватска се нарекува солидарен придонес од страна на компаниите кои остваруваат екстра профити. Сметаме дека воведувањето на ваков данок може да биде во прилог на државата во време на криза. Јас сум бил сведок на воведување на вакви даноци во други држави кога сум работел во време на светската финансиска криза кога и во Унгарија се воведуваше ваков данок“, вели тој.

Премиерот смета дека со неговата имплементација би се оданочувал екстра профитот, заради тоа што во време на криза различни компании од разни индустрии како резултат на инфлацијата, на растот на цените оствариле екстра профит, поради што државата смета дека тој профит треба да се оданочи.

Но, според Стопанската комора, со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените.

„Воведувањето на ваков данок може да биде во прилог на државата во време на криза“, вели КовачевскиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Планови

Ковачевски денеска одговарајќи на пратенички прашања рече дека доколку се одлучи да се воведе, вонредниот данок би се однесувал на компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво. Тоа е приход кој што е за 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек и ќе предвидува дополнително оданочување само на екстра приходите на тој четиригодишен просек. 

Тој е дециден дека со новиот концепт на даночна реформа се воведува праведен, ефикасен и модерен даночен систем кој овозможува стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните.

Планот на Владата е парите собрани од овој данок да не се слеваат директно во буџетот, туку да одат на посебна сметка од која ќе се финансираат антикризни мерки.

Со планот на Владата неколку илјади компании еднократно ќе треба да платат данок за екстра добивка за 2022 година. Освен банките и трговски друштва, со кризниот данок од 30 отсто ќе  бидат опфатени и поголеми компании кои оствариле профит од над 10 милиони евра. Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, симулациите кај некои големи компании покажале дека овој данок нема многу да влијае на нивното работење и профит. Владата очекува со новиот закон за екстра добивка да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса.

Предлог законот за екстра профит е доставен во Собранието, но опозицијата најави дека нема да го поддржи. „Планираме да ја блокираме оваа мерка бидејќи тоа не е борба со сивата економија. Тоа се компании кои се плаќачи на данок, а на некои од нив профитот им се зголемил затоа што претходно вложиле во производството и зголемување на вработени“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми