Екстремно невреме во Грција: Толку многу дожд досега немало
6 септември 2023Поради силното невреме и поројниот дожд во централна Грција, луѓето во градовите и регионите кои се особено погодени вчеравечер (5.09) беа замолени да не ги напуштаат своите домови. Огромните водни маси веќе однесоа еден човечки живот и предизвикаа големи штети во регионот на Тесалија, вклучително и пристанишниот град Волос. Покрај регионите на Средоземјето, од невреме се погодени и некои балкански земји.
Каква е состојбата во погодените подрачја?
Драматична - особено во пристанишниот град Волос, каде водата на некои улици достигна речиси до покривите на паркираните автомобили. Автомобилите беа однесени во морето од водните маси, а со вода се полни и подрумите и продавниците. Покрај тоа, на многу места снема струја. Мобилната телефонска мрежа и интернетот исто така беа погодени и понекогаш работеа само во ограничен обем или воопшто не функционираа. Неколку стотици луѓе останаа заглавени на аеродромот на островот Скијатос, бидејќи авионите беа откажани, јави телевизијата Скај.
Толку силен дожд на почетокот на септември во Грција - дали е тоа нормално?
Не. Кога почна дождот, во многу места тој беше дочекан со олеснување по неколку месеци висок ризик од шумски пожари. Но, такви поројни дождови нема дури и во подождливите зимски месеци.
Што велат метеоролозите?
Многумина нагласуваат дека „никогаш не виделе“ нешто слично. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во вторник ја посети цивилната одбрана за да се информира за ситуацијата. Таму експертите за временска прогноза му рекле дека ова се можеби најобилните врнежи во Грција од почетокот на регистрирањето на временските прилики. Дождовите треба да продолжат до четврток. Државната метеоролошка служба Метео вчеравечер објави рекордни количества дожд: во селото Загора, североисточно од Волос, се измерени врнежи од 754 милиметри на метар квадратен. За споредба: за време на поплавата во германската долина Ар, во јули 2021 година, количеството на врнежи беше помеѓу 100 и 200 милиметри на метар квадратен.
Како реагира државата?
Од понеделникот на многу луѓе во погодените региони смартфоните им ѕвонат со непријатен, силен предупредувачки тон: Ова се известувања од цивилната заштита, која за опасностите информира преку СМС и ги повикува луѓето да останат дома или да не возат во одредени области. Се чини дека оваа тактика функционира - и покрај обилните дождови, досега има само еден смртен случај. Според медиумите, човекот загинал од ѕид кој се урнал поради дождот. Полицијата и противпожарната бригада се во постојана акција, а министерот за заштита на граѓаните Василис Кикилијас постојано апелира луѓето да ги следат упатствата на надлежните.
Дали граѓаните ги слушаат предупредувањата?
Некои луѓе не сфаќаат колку може да бидат опасни ваквите маси на дожд. Во вторникот, грчките медиуми го прикажаа градоначалникот на Волос, Ахилеас Мпеос, како стои на средината на улицата обидувајќи се да ги спречи луѓето да се движат наоколу во своите автомобили. „Тоа е лудо, каде одите?“, повикува тој очајно. „Возилата за итни случаи не можат да поминат овде!“ Постојано мора да се спасуваат луѓе заглавени во своите автомобили бидејќи улиците се претворија во бесни реки. Сепак, генерално, предупредувањата се сфаќаат сериозно, луѓето остануваат дома.
Какви се изгледите?
Не се добри. Службата за цивилна заштита предупреди дека бурата „Даниел“ треба повторно да добие на сила, особено денеска изутрина (6.09). Па дури и во четврток наутро сè уште се очекува силен дожд, грмотевици и бури и тоа токму онаму, каде што и досега беше многу лошо - во Тесалија. До петок се очекува смирување на времето.
Дали само Грција е зафатена од невремето?
Не, иако таму е најтешко. Пороен дожд и силни грмежи имаше и во Бугарија и западна Турција. Во Бугарија вчера две лица загинаа на јужниот брег на Црното Море, а уште три се водат за исчезнати. Двајца загинати има и во Турција, како и четворица исчезнати во провинцијата Киркларели, во близина на грчко-бугарската граница. Властите предупредија од ново невреме во западна и југозападна Турција. Може да дојде до поплави, громови и силен ветер.