Југот на Европа „врие“ - од Шпанија до западна Турција. Таму метеоролозите предупредуваат од следниот топлотен бран. Актуелните екстремно високи температури се особено напорни - и опасни - за постарите, болните и децата.
Реклама
Температурите од околу 40 Целзиусови степени во текот на денот и 30 степени во текот на ноќта го отежнуваат животот на луѓето во големи делови од јужна Европа., но и во балканските земји, вклучително и Северна Македонија.
Во меѓувреме дојде до привремена релаксација на некои места - на пример во јужна Шпанија, каде температурите во саботата се спуштија под 40 степени. Други земји како Грција забележаа локални максимални температури од околу 44 степени. А метеоролози во земјите од јужна Европа веќе предупредуваат на следниот топлотен бран во наредната недела.
Грција се наоѓа во зенитот на актуелниот топлотен бран - 87 метеоролошки станици во земјата забележаа температури над 40 степени во петокот (16 јули,2023). Највисоката температура годинава од 44,2 степени вчера беше измерена во Теба, околу 50 километри северозападно од Атина, објави денеска Националната опсерваторија. Метеоролозите не очекуваат намалување на горештините ниту во текот на викендот.
Во Италија, пак, викендов остана подносливо на околу 35 степени. Од идната недела, пак, нов воздушен бран на висок притисок „Каронте“ според метеоролозите би можел да донесе нови топлински рекорди. Во големите градови се прогнозираат над 40 степени - во делови на Сардинија до 47 степени, на Сицилија евентуално дури 48 Целсиусови степени.
И југот на Шпанија со денови страда од екстремни горештини. Во делови од Андалузија, максималните дневни температури постојано беа над 40 степени. Во текот на ноќта речиси и да нема заладување, бидејќи и тогаш на места сѐ уште е топло со 30 степени. Во раните утрински часови е „најладно“ со околу 25 степени. А според Националната метеоролошка служба Аемет, следниот топлотен бран е веќе на пат: во понеделник повторно се очекуваат температури над 40 степени во градот Кордоба.
Во Турција, западниот брег е особено погоден од горештините. Во саботата во тамошните болници биле згрижени 48 лица со топлотен удар. Во регионот околу градот Анталија, кој е популарен кај туристите, вредноста на термометарот се искачи до 44 степени.
Топлотен бран во западна Европа: Последица на климатските промени?
Германија и западна Европа се погодени од топлотен бран со високи температури. Некогаш невообичаени, ваквите топлотни бранови и други екстремни појави станаа редовни. Како климатските промени се одразуваат во Европа?
Фотографија: picture-alliance/S. Ziese
Рекордни топлотни бранови
Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент. Во јули, во Германија беше измерена највисоката температура досега од 42,6 Целзиусови степени. Франција го урна својот рекорд на горештина двапати во 2019 година, со највисока измерена температура од 46 Целзиусови степени во јули. Климатските промени ја зголемуваат фрекфенцијата на топлотните бранови.
Во ноември 2019 година, италијанскиот град архипелаг Венеција доживеа повеќе поплавувања и високо ниво на водата од 1,5 метри, кое беше достигнато трипати во една недела, за прв пат во историјата. Прогнозираното покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени може во иднина да ги направи овие настани уште почести.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina
Шумски пожари во Шпанија
Истиот топлотен бран што донесе рекордни температури во Франција ги предизвика најлошите шумски пожари кои ја погодија Шпанија во последните 20 години. На шпанскиот остров Гран Канарија, пожарите во август го уништија националниот парк на популарниот туристички остров. Повисоките температури и сувиот воздух како резултат на климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари.
Фотографија: Reuters/B. Suarez
Германските шуми изумираат
Комбинацијата од суша, невреме и екстремна топлина ги осиромашува германските шуми. Според БДФ, група за заштита на шумите, во Германија, повеќе од 1 милион дрва умреле од 2018 година. „Ова веќе не се поединечни невообичаени временски настани. Ова се климатските промени“, вели претставник на БДФ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Frey
Исчезнуваат глечерите на Алпите
Глечерот на италијанската страна на Мон Блан доживеа забрзано топење во 2019 година. И ентузијастите одржаа „погреб“ за глечерот Пизол на швајцарските Алпи, кој речиси целосно исчезна. Научниците велат дека климатските промени го забрзуваат топењето на глечерите на Алпите.
Фотографија: AFP/F. Coffrini
Сушата влијае врз производството на храна
Сушата во Германија две години по ред силно ги погоди земјоделците. Во 2018 година, рекордната суша предизвика големи загуби кај земјоделските култури, а топлотните бранови во 2019 година, дополнително ги оштетија земјоделските култури. „Климатските промени значат почести суши и екстремни временски услови во Германија“, изјави потпретседателот на германската служба за временски услови Паул Бекер.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
6 фотографии1 | 6
Горештините се одразуваат и врз туризмот - на пример во Грција. Во саботата, голем број археолошки локалитети беа повторно затворени во текот на пладневните часови - вклучувајќи го и Акропол во Атина, кој повеќе не дозволуваше влез во 11:30 часот а повторно прима посетители само од 17:30 часот.
Долгорочната прогноза за југот на Стариот континент предвидува дека горештините најверојатно нема да се намалат во следните две недели. Метеоролозите од погодените земји постојано ги посочуваат климатските промени како причина за топлотните бранови. Во наредните години се очекуваат зачестени екстремни топлотни бранови од Африка.